/ Прочитано:

31.468

ТЕКСТ НА ЗАКОНСКИТЕ ИЗМЕНИ ЗА ЛЕГАЛИЗАЦИЈА НА КАНАБИСОТ ВО МЕДИЦИНСКИ ЦЕЛИ: Дефиниции на коноп и масло од канабис, начин на одгледување, производство и казни

Во предложените измени и дополнувања на Законот за контрола на опојни дроги и психотропни супстанции, или во јавноста познати како законски измени односно „Закон за легализација на марихуаната“, се даваат дефиниции за поимите „Коноп“, „Масло од конопово семе“ и „Масло од Cannabis/коноп“, се уредува постапката за одгледување и производство на коноп, институционалната контрола, но се додаваат и казнени одредби и санкции за лицата кои вршат дејствија спротивни на законот.

akad 1

Законска дефиниција на конопот

Во Предлог-законот се дава дефиниција за  „Коноп“, Масло од конопово семе“  и  „Масло од Cannabis/коноп“. Законските дефиниции гласат: „Коноп“ се сите надземни свежи или суви делови на растението, освен семето од различни видови на растението канабис (cannabis sativa, cannabis indica и cannabis ruderalis). „Масло од конопово семе“ е масно масло, рафинирано или не, добиено со ладно цедење или некој друг вид на екстракција од семки на растенија што припаѓаат на различни видови од родот Cannabis и во себе не содржи повеќе од 10 mg/kg на тетрахридроканабинол (THC). Неговата примарна примена е во козметички и хигиенски производи, лубриканти, бои или како храна.„Масло од Cannabis/коноп“ е течен смолест екстракт добиен со екстрахирање на олеорезината од надземните делови (без семето) на растенија што припаѓаат на различни видови од родот Cannabis и има висока содржина на канабиноидни компоненти.

Дозволено е одгледување на коноп во медицински и научни цели само на правни лица

Во делот „Одгледување на коноп кој е наменет за производство на опојна дрога“, се пропишува дека„дозволено е одгледување на коноп во медицински и/или научни цели“. Одгледувањето на коноп е дозволено само на правни лица кои имаат одобрение за одгледување на коноп издадено од Министерството за здравство, по претходно добиена согласност од Владата на Република Македонија.

Какви услови треба да исполнува правното  лице?

Правното лице е должно  да има обезбедено соодветен простор, површини или земјиште за одгледување, сушење и складирање, опремен соодветно на производниот, односно преработувачкиот капацитет на правното лице за одгледување на коноп, просторот треба да биде атмосферски заштитен и ограден со ограда висока најмалку 4 метри, со бринов елемент пред оградата во котури во три реда и бодликава жица над оградата, како и да има обезбеден 24 часовен видео надзор над целиот простор, да има 24 часа физичко обезбедување, да има вработено најмалку четири лица од кои најмалку едно лице дипл. фармацевт со најмалку три години работно искуство во областа на фармацијата и едно лице агроном – насока полјоделство со најмалку три години работно исксутво во областа.

Постапка по барање за добивање одобрение за одгледување на коноп

Подносителот на барањето до Министерството за здравство поднесува барање за добивање одобрение за одгледување на коноп кое содржи основни податоци за подносителот на барањето (назив на правното лице, седиште, седиште на локацијата на просторот/површината каде што ќе се одгледува конопот), доказ за запишување на правното лице во Централниот регистар на Република Македонија, доказ за сопственост на просторот/површината на кој/а се одгледува конопот или договор за закуп или имотен лист како, податоци за одговорното лице во постапката за добивање одобрение за одгледување на коноп (име и презиме, стручна подготовка, телефон), доказ за платена административна такса и платени надоместоци. Документацијата се доставува во оригинал, односно фотокопија заверена на нотар.

Исполнувањето на условите во однос на просторот, опремата и кадарот за добивање на одобрение за одгледување на коноп го оценува посебна комисија формирана од министерот за здравство, составена од двајца претставници од Министерството за здравство, еден претставник од Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, еден претставник од Агенцијата за лекови и медицински средства и еден специјалист од областа на лековити растенија.

Одобрението за одгледување на коноп го издава Министерството за здравство во рок од 30 дена од денот на добиената согласност од Владата на Република Македонија. Министерот за здравство на предлог на директорот на Агенцијата за лекови, по претходно добиена согласност од Владата на Република Македонија, ги пропишува поблиските услови по однос на просторот, опремата, кадарот, начинот на обезбедување и чување на просторот на кој се одгледува конопот.

Посебната Комисија ги разгледува барањата за исполнување на условите во однос на просторот, опремата и кадарот за издавање на одобрение за одгледување на коноп и му дава предлог на Министерството за здравство за издавање одобррение за одгледување на коноп. Комисијата го одобрува елаборатотот/планот за одгледување на коноп; во периодот од сеење до берба на конопот, врши најмалку два пати контрола над одгледувањето на конопот; врши увид во извршената берба на конопот заради утврдување на собраните стебла; врши проценка на документацијата и евиденција на целокупниот процес на одгледување на конопот.

Постапка за одобрение за сеење на коноп

Правното лице кое има одобрение за одгледување на коноп издадено од Министерството за здравство, пред започнување со садење должно е да поднесе барање до Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство за добивање одобрение за сеење на коноп. Кон барањето од ставот се поднесува одобрение за одгледување на коноп издадено од Министерството за здравство (фотокопија заверена на нотар); документ за сертифициран семенски материјал; елаборат/план за одгледување на коноп кој содржи податоци за начинот на одгледување на коноп, количество (број на семки, расад, стебла, влажна и сува маса на принос).

Одобрението за сеење на коноп го издава Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство во рок од 15 дена од денот на приемот на комплетното барање. Правното лице по добивање на одобрението за сеење на коноп од Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, должно е пред започнување со сеење/садење на семето од коноп да го извести Министерството за здравство, Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, Агенцијата за лекови и медицински средства и посебната Комисија.  Во законското решение се уредува дека Комисијата, во периодот од сеење до берба на конопот, најмалку два пати ќе изврши контрола над одгледувањето на конопот.

Евиденција на одгледуваниот коноп, берба и сушење

Одгледувачот на коноп е должен да води евиденција на одгледуваниот коноп (сеење, производство на расад, пресадување, број на стебла). Одгледувачот на коноп е должен да ги евидентира и пријави до Министерството за здравство и Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, сите настанати промени и отстапувања во одгледувањето на конопот претходно планирани во елаборатот.

Одгледувачот на коноп пред отпочнување со берба должен е да го извести Министерството за здравство за денот на отпочнувањето на бербата на коноп. По завршувањето на бербата на конопот од страна на Комисијата се врши увид за извршената берба заради утврдување на бројот на собраните стебла и влажна маса. Формата, содржината и начинот на водење на евиденцијата за сите фази на одгледување на конопот го пропишува министерот за здравство.

„По завршената берба, собраното растение/коноп се суши во посебен наменски уреден простор, со големина во зависност од количестовото на одгледан коноп, сместен на истата локација каде што се одгледува конопот. Одгледувачот на коноп должен е исушеното растение/коноп да го спакува во картонска кутија и да го запечати со сигурносна лента за запечатување.

Картонската кутија со исушеното растение/коноп задолжително е означена со следните податоци: назив и седиште на правното лице (одгледувач/производител), година на производство, име на суровина, нето и бруто сува маса, форма (лист, цвет, растение, цело, сечкано) и датум на пакување. Одгледувачот на коноп поднесува извештај до Министерството за здравство, Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство и Агенцијата за лекови и медицински средства за завршениот процес на одгледување и добиената вкупна сува маса“, се пропишува во член 29-ѓ од законското решение.

Конопот одгледан во Република Македонија може да се обработува само во Република Македонија

Исто така, се пропишува дека конопот одгледан во Република Македонија може да се обработува само во Република Македонија исклучиво од правно лице кое има одобрение за производство на екстракти од коноп. Пренос на коноп до местото на обработка го врши одгледувачот на коноп во придружба на Министерството за внатрешни работи, на трошок на производителот.

Министерот за здравство ја пропишува содржината на барањето, документацијата и поблиските услови по однос на просторот, опремата и кадарот за добивање на одобрение за производство на екстракти од коноп, додека пак, како што уредува предложениот закон,  лекови кои содржат ТХЦ, дронабинол или набилон се препишуваат од страна на избраниот лекар (доктор на медицина, специјалист по општа медицина, специјалист по семејна медицина, специјалист по педијатрија) по препорака од специјалист по: неврологија, онкологија и радиотерапија и инфективни болести кој е вработен во јавна здравствена установа која врши болничка здравствена дејност.

Парични и затворски казни

По главата со која се уредуваат прекршочните одредби,  се додава нова глава –  Казнени одредби, односно три нови члена , во кои се пропишува дека правното лице кое одгледува коноп за намена и под услови спротивни со одредбите на овој закон, не води евиденција на одгледуваниот коноп, не ги евидентира и не ги пријави настанатите промени и отстапувања во одгледувањето на конопот претходно планирани во елаборатот, не го извести Министерството за здравство за денот на отпочнувањето со бербата на коноп, исушеното растение/коноп не го спакува во картонска кутија и не го запечати со сигурносна лента за запечатување, не поднесе извештај до Министерството за здравство, Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство и Агенцијата за лекови и медицински средства за завршениот процес на одгледување и добиената вкупна сува маса ќе се казни со парична казна. Одговорното лице кај правното лице, за ова кривично дело, ќе одговара и ќе се казни со затвор од шест месеци до три години.

Во казнените одредби се пропишува дека дипломиран фармацевт, агроном, вработено лице во правно лице кое одгледува коноп, кое ќе задржи, изнесе, пренесе семе, расад, лист од коноп наменето за лична употреба ќе се казни со казна затвор од една година до пет години. Ако делото го извршиле повеќе лица или сторителот на ова дело организирал мрежа на препродавачи или посредници или организирал, сторителот ќе се казни со затвор од три до десет години.

Семето, расадот и листот од коноп ќе се одземат. Лицето, со исклучок на организаторот, кој ќе го открие делото или ќе придонесе за неговото откривање, ќе се ослободи од казна,  додека пак лицето што ќе бара, нуди или земе пари или друга материјална корист како паричен надоместок за изнесување, пренесување насеме, расад, лист од коноп, ќе се казни со казна затвор од три до десет години. Обидот  е казнив.

„Парите или другата материјална корист побарана или земена, понудена или дадена како паричен надоместок или друга корист, ќе се одземат“, се пропишува во законските измени.

М.В / veljanoskim@akademik.mk