/ Прочитано:

2.181

Д-р Воислав Стојановски од Хелсиншкиот комитет нов член на Комисијата за помилување на Претседателот

Претседателот на РМ, Ѓорге Иванов, го именуваше Воислав Стојановски, доктор на правни науки и правен советник во Хелсиншкиот комитет за нов член на Комисијата за помилување.

Воислав Стојановски„Врз основа на член 11, став 1 и 2 и член 12 од Одлуката за организација и делокруг на работа на Кабинетот на Претседателот на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр. 30/2000, 9/2001, 41/2010 и 142/2013) донесувам Одлука изменување и дополнување на Одлуката за составот и за именување претседател и членови на Комисијата за помилување на Претседателот на Република Македонија.

Во Одлуката за составот и за именување на членови на Комисијата за помилување на Претседателот на Република Македонија бр.07-302/1 од 26.06.2014 година во делот II текстот: „8 (осум)“ се заменува со текстот: „10 (десет)“.

Согласно измената од делот I на оваа oдлука, за нов член на Комисијата за помилување на Претседателот на Република Македонија се именува: д-р Воислав Стојановски“, се вели во Одлуката објавена вчера во Службен весник на РМ.

Од кабинетот на претседателот претходно најавија дека претседателот Иванов донел одлука Комисијата, која досега, вклучувајќи го и претседателот на Комисијата, има девет членови, да добие уште еден член, од цивилниот сектор и здруженијата кои се занимаваат со прашања од областа на заштитата на човековите права и го повикаа Хелсиншкиот комитет да достави предлог за член во Комисијата за помилување.

Претседател на актуелниот состав на Комисијата за помилување е Василка Јурукоска, додека членови: проф. д-р Никола Јанкуловски, јавниот обвинител Марко Зврлевски, Благородна Дулиќ, поранешниот претседател на Судскиот совет Бекир Исени, проф. д-р Методија Каневчев, пензионираната судијка и поранешен претседател на скопска Апелација Љупка Арсениевска, претседателот на Апелациониот суд Штип Стојанче Рибарев и проф. д-р Нуман Аруч.

Комисијата за помилување работи на седници кои ги свикува претседателот на Комисијата по сопствена иницијатива и врз основа на заклучокот на Комисијата. На седница, Комисијата ја разгледува поединечно секоја молба за помилување и дава мислење по сите предлози што ги поднел министерот за правда и по предлозите за помилување што ги поднел по службена должност. Своето мислење Комисијата го утврдува со мнозинство гласови од присутните членови. При подготвувањето на предлозите, во согласност со законот, Комисијата се води по следните критериуми:

  • природата, видот и тежината на извршеното кривично дело;
  • личноста на осудениот и неговиот поранешен  живот, поведението на осуденото лице по осудата и за време на издржувањето на казната, односот спрема извршеното кривично дело, поранешната осудуваност, постигнатиот степен на ресоцијализација, возраста и здравствената состојба на осудениот и неговите семејни прилики;
  • влијанието на актот за помилување врз средината од каде што го извршил кривичното дело;
  •  возраста на извршителите на кривични дела; и
  • за осудените жени се зема предвид дали се тоа мајки на малолетни и незгрижени деца.

Предлозите и мислењата членовите на Комисијата ги доставуваат до Претседателот на Република Македонија кој ја донесува конечната одлука.