/ Прочитано:

2.769

Адвокат Кирил Колемишевски: По полагањето на последниот испит си реков – сега си правник, не си веќе музичар!

Уживајќи во првото утринско кафе во зелениот двор на кафулето Излет, адвокатот Кирил Колемишевски се припрема за динамичниот работен ден. Вели, ова е неговиот рај. Момчето кое што некогаш беше дел од музичката група „Нокаут“, денеска  е профилиран адвокат кој се занимава со стопанско право. Стокмен „тип-топ“ како и што му доликува на еден адвокат, пред да му почнат работните обврски, некогашниот музичар сподели едно сончево утро со Академик.

Правејќи паралела помеѓу животот пред и по дипломирањето на Правниот факултет, вели дека секој период си носи свои предизвици, има добри и лоши страни.

  • „Најбитно е да го прилагодиш своето однесување, своите размислувања и убедувања на моментот и ситуацијата во која се наоѓаш, а во исто време темелно и плански  да се подготвуваш за иднината, односно периодот што следува. Додека бев член во „Нокаут“ уживав во безгрижноста, привилегиите и убавините кои се неизбежен дел кога си член на популарна музичка група, но во исто време не го запоставив факултетот и образованието. Јас не сум во „Нокаут“ официјално од 2002 година, односно уште од денот кога дипломирав и кога по полагањето на последниот испит  си реков – сега си правник, не си веќе музичар!“

Оттогаш „Кире од Нокаут“ веќе десет години се занимава со дејност што нема допирна точка сo музиката. Сепак, како што вели, „Нокаут“ емоционално  никогаш нема да го напушти или заборави. 

  • „Сега како адвокат сум исправен пред многу посериозни предизвици. Адвокатското друштво „Колемишевски и партнери“ е  нова и млада фирма, вработува адвокати и приправници, кои секојдневно се надградуваат со знаење и се внесуваат во работата со голем елан, а во исто време постои огромна одговорност пред клиентите кои бараат навремено, ефикасно и економично решавање на нивните тековни работи. Музиката и правото се два различни светови, кои имаат свои позитивни и негативни страни, а успешноста зависи од посветеноста и желбата за работа.“

Правото не е, ниту пак може да биде здодевно

За човек кој се занимавал со музика, настапувал пред публика ширум Македонија, доживувајќи бројни згоди и незгоди спакувани во убави спомени, а сега  најголемиот дел од настапите ги има во судница, би се запрашале, зарем на овој човек правото не му е здодевно? Сепак, младиот адвокат ги побива овие предрасуди, според него правото може да му е здодевно само за оној кој не е правник или не е добар правник, за оној кој не го познава правото и како наука и како професија, или  пак создал субјективно мислење од само едно читање на некој закон или правна книга.

  • „Оние кои го познаваат правото, кои си ја сакаат својата професија  како правници или адвокати, знаат дека правото не е, ниту пак може да биде здодевно. Правото е основа на државата, на општеството, на меѓународните односи, на деловните односи, на секојдевното однесување на луѓето, па ако сакате и на меѓусебните односи меѓу брачните другари. Преку правото се регулираат буквално сите сфери во едно општество, па оттука и произлегува неговата шареноликост. Човек кој има доволно големи познавања на правните науки, правото, неговото толкување или спроведување, го споредува со уметностите или со древните вештини на човековото опстојување. Во практиката тоа ги вклучува и инспирацијата и креативноста на индивидуалците кај кои постои желба и идеја како да го сменат системот на подобро, да се предлагаат решенија за да го подобрат животот на своите сограѓани, а во исто време знаењето да го искористат за зашитита на правата на своите клиенти пред надлежните судови и државни институции.“

Најтешкиот момент во правничката кариера – правосудниот испит

Открива дека и покрај ангажманите со групата, бил примерен студент, студиите ги завршил навремено, со солиден висок просек.

  • „Немав изгубено семестар додека не се здобив со апсолвентски статус и три испити до дипломирање. Тогаш и обврските со „Нокаут“ станаа многу сериозни, се снимаше вториот албум, се снимаа спотови, се закажуваа концерти и решив да не брзам со дипломирањето. Крајот веќе беше на дофат, па го немаше оној притисок дека нема да дипломирам и да останам само со завршено средно образование. По заокружување на целиот проект околу вториот албум на Нокаут, воопшто не  се поставуваше  прашањето дали да продолжам да се занимавам со музика или да дипломирам и да работам како правник. Цврсто се решив за втората опција.  Од оваа гледна точка можам да заклучам дека не сум погрешил во изборот. Го направив во вистинско време.“

Најтешкиот момент во неговата  правничка кариера бил правосудниот испит, страдале забавите и слободното време. Читање, учење и повторување  е советот на адвокат Колемишевски за добра подготовка на правосудниот испит.

  • „Тогашниот услов за да полагаш правосуден испит беше да си дипломиран правник, со минимум две години работно искуство на правни работи или стаж во адвокатска канцеларија. Во тој период бев вработен во „Комерцијална банка“ и мораше да се направи баланс меѓу работните обврски, подготвувањето на правосудниот испит и социјалниот живот. Цврстата решеност да го положам правосудниот испит ми наложи жртвување на забавите во секојдневието за одреден период, а во име на професионално надградување и усовршување. Но, сепак, можам да тврдам дека со тоа не сум изгубил ништо, напротив – добив многу повеќе.“

Секој ден е различен, во тоа е убавината на адвокатурата

Предизвиците со кои секојдневно се соочува за да одговори на барањата на клиентите, успешно завршување на некоја постапка, унапредувањето на работењето на друштвото „Колемишевски и партнери“, како и комуникацијата меѓу вработените, се причините поради кои ја сака својата професијата. Смета дека адвокатурата е интересна од аспект на професионалното докажување, секојдневното учење, стекнување нови сознанија и практични искуства, како и искуства во напорите за привлекување на нови клиенти и одржувањето на воспоставените деловни односи со постојните клиенти. Во едно е сигурен, а тоа е дека никогаш  нема да му биде здодевно додека ја работи оваа професија.

  • „Координирање на работата на адвокатите и приправниците, постапувањето по барањата на клиентите, комуникацијата со странките и застапувањето пред судските и државните органи, ја прават адвокатската работа динамична, одговорна и пред се разнолична. Не може да се направи паралела меѓу два дена, бидејќи секој ден е различен. Но, во тоа е убавината на адвокатската работа.“

Љубовта кон деловното право што се јавила уште за време на правните студии, денеска е негово секојдневие во адвокатското друштво. На идните правници им препорачува сериозно да  се подготват за предизвиците кои ги очекуваат во нивната понатамошна кариера како правници, адвокати, обвинители или судии.

  • „Со нивното знаење и работење ќе решаваат за човечки судбини, ќе бидат инволвирани во напредокот на државата и ќе бидат одговорни пред себе и пред јавноста за преземените активности во секојдневното работење. Доколку сериозно го сфатат правото и искрено се посветат на работата, успехот во кариерата ќе биде  загарантиран.“

Разговараше: Елена Павловска

Објавено: 15.10.2012