/ Прочитано:

2.083

Адвокат Владимир Петличковски: Подобро 100 виновни на слобода, отколку еден невин во затвор

Во парничната постапка бранам имотни права на странката, но во кривичната, осудителната пресуда би значело дека мојот клиент ќе ја изгуби слободата, па оттаму и произлегува тежината на оваа одбрана, вели за Академик битолскиот адвокат, Владимир Петличковски. Од убиства, преку финансиски криминал, па се до потрага за човекови права во Стразбур, Петличковски вели дека не го оправдува делото на обвинетиот, но законски е должен да  даде одбрана на секој човек, без разлика кој и за што го товари. Во судницата повторно би сакал да ја види материјалната вистина, а не брза постапка со многу незаконитости. 

Во судска постапка не секогаш победува вистината

Двојно убиство, штедилницата ТАТ и контроверзната Соња Николовска, „Кичевските бомбаши“, адвокат Петличковски досега застапувал повеќе обвинети кои правдата ја барале пред Битолскиот суд. За некои предмети вели дека со радост чекал да почне судската постапка за да ја докаже невиноста на обвинетите, за некои вели дека и пред да ги прифати постоеле одредени предрасуди за (не)виноста на обвинетите. Сепак, кога веќе се одредил за професијата адвокат, раскрстил со дилемата како обвинетите за криминал ќе ги брани пред суд.

  • „Кога се определив да ја вршам професијата адвокат, јас раскрстив со фактот дека ќе има некои дела кои од човечка гледна страна, нема да можам да ги бранам и оправдам и се определив за максимата дека јас сум должен на секој обвинет да му овозможам право на негова одбрана како човечка индивидуа, а не и да го бранам или оправдувам делото кое му се става на терет. При тоа, свесен сум дека не секогаш вистината победува, но тоа е нужен аспект на кој мора да се прилагодите, доколку сакате да ја обавувате функцијата на бранител во кривичната постапка“.

Фер судење пред се!

Популарните судења за организиран криминал предизвикуваат различни ставови кај целокупната јавност, но адвокатските очи гледаат поинаку. За Петличковски треба да се обезбеди фер судење без разлика дали еден или стотина се обвинети. Поради прикажување на ефикасност на борбата против организираниот криминал, не смее да се дозволи пропуст во судската постапка.

  • „Доколку се сака предмети од организиран криминал кои предизвикуваат огромно медиумско внимание на крајот да резултираат со законита одлука, потребно е да се посвети повеќе внимание на законитоста на постапката во време на прибирањето на инкриминирачките докази и подоцна во текот на судската постапка. Само доколку тоа биде обезбедено, одлуките на судот ќе ја постигнат и пошироко својата цел. Од  друга страна, обвинувањето на големи групи лица, можеби повеќе имаат за цел да прикажат ефикасност во борбата со организираниот криминал, но пропустите во постапката се чини влијаат на крајот таквата незаконитост да резултира и со ослободување на голем број обвинети, па се постигнува спротивен ефект од посакуваниот“.

Стразбур: Повредата на правото на фер судење и на правото на сопственост

Во нашите судови не се почитува фактот дека Конвенцијата за заштита на човековите права, донесена од Советот на Европа, е составен дел на македонското законодавство, вели адвокат Петличковски. Од неговото искуство се гледа дека Македонците си ги бараат правата во Стразбур најмногу за повреда на правото на фер судење и правото на сопственост. 

  • „Многу често се случува домашните судови тоа да го занемаруваат што крајно резултира со донесување на одлуки на штета на државата и утврдување на злоупотреба на правото од страна на судовите во Република Македонија. За среќа, во последно време, сведоци сме дека од страна на повисоките судови се укажува на фактот дека одлуките и ставовите заземени од Судот за човекови права во Стразбур, мора да се почитуваат и да се имплементираат како составен дел на македонското законодавство и правосудниот систем, па факт е дека се помалку се случуваат такви повреди“.

Овозможување слобода на обвинет е најтешката одбрана

Освен кривични предмети во својата 20 годишна кариера, Петличковски застапувал и многу парнични постапки од областа на стопанското право. Огромни се разликите меѓу кривичната постапка и парницата, но Петличковски вели дека се води од начелото на странката да и овозможи на странката што е можно повеќе да ги оствари своите права во конкретната судска постапка. Сепак, слободата на обвинетиот за Петличковски е најтешката одбрана што може еден адвокат да ја даде. 

  • „За разлика од парничната постапка, каде воглавно се работи за решавање на некаков спор со крајни импликации на имотните права на странката, при бранењето на обвинет, се судирам со обврска да го одбранам обвинетиот од делото кое му се става на терет, каде импликациите во случај на осудителна пресуда се однесуваат на неговите најважни и најчувствителни права, а тоа е правото на слобода. Затоа и тежината на таквата одбрана е далеку поголема од случаите каде последиците од пресудата се со далеку помал импакт на странката“.

Освен слободата на обвинетите, според Петличковски уште потешка е борбата со државата, односно позади Јавното обвинителство како што вели стои гломазен и моќен конзорциум, а адвокатот е сам со својот ум и способноста да подготви одбрана.

  • „Обвинителството има голема помош и поддршка, тргнувајќи од логистичка поддршка, помош од стручни лица, полиција, вештаци, инспектори, посебни истражни мерки. Имајќи ја предвид околноста дека во кривичните предмети Јавното обвинителство покрај законот, честопати спроведува и политика, бранителот е доведен во една позиција да секогаш претставува опозиција на актуелната власт, со закон обврзан на обвинетиот да му овозможи најдобар законски пат да ја одбрани својата невиност“.

Битолскиот суд го доживува како еден од најдобрите судови во Македонија, според неговото искуство судот е отворен за јавноста, а исто така во секое време достапен за информации на новинарите. Како недостатоци на судот ги гледа истите недостатоци кои што ги има целиот правосуден систем во државата, но доколку би имал можност во судниците би ја вратил материјалната вистина. 

  • „Со измените во законите кои ја регулираат материјата на постапката пред судовите, се напушти начелото на материјалната вистина, и судот сега се доведе во една ситуација да главна цел му биде што побрзо да ја заврши постапката и да донесе одлука, притоа занемарувајки го утврдувањето на вистината како основна цел која ја имаше досега при спроведувањето на постапката“.

Разговараше: Паула Божиновски Објавено: 07.11.2012