/ Прочитано:

9.024

Адвокатите бараат реформи на сите прописи кои ѝ штетат на адвокатурата, во спротивно највуваат штрајк

Расте незадоволството на адвокатите откако Министерството за правда  го достави пречистениот текст на Законот за изменување и дополнување на Законот за нотаријатот, во кој сите алтернативи кои беа дадени од Адвокатската комора на РМ се целосно избришани, додека нотарскиот акт е воведен за сите правни работи.

Доколку Владата не ги прифати нивните барања, адвокатите ќе бараат поддршка од АКРМ и ќе започнат со штрајк. Ова беше истакнато на денешниот итен состанок на адвокатите, кои нагласија дека ќе се спротивстават на измените на прописите со кои директно им се нанесува штета на адвокатурата и на интересите на граѓаните.

Предложените законски решенија, беше истакнато на денешниот состанок, само ширум отворена врата за надриписарство, правен хаос и конечен удар за адвокатурата. Се работи за решенија кои се во очигледна спротивност со Уставот.

„Мора да бидеме единствени и солидарни и остро да се спротивставиме на законските решенија кои се тежок удар за адвокатурата. Не смееме да го дозволиме тоа и мораме да застанеме во одбрана на професијата која е дефинирана и како уставна категорија. Нашата сила е во единството и ние ќе го покажеме тоа“, нагласија адвокатите на денешниот состанок.

Адвокатите истакнаа и дека работната група што работеше на подготовка на предлог-текст на Законот за изменување и дополнување на Законот за нотаријатот била непропорционално составена, а дека таква непропорционалност постои и во телото за реформи на правосудството.

Како професија, истакнаа адвокатите, ставени сме во нерамноправна положба, дотолку повеќе што во работните групи и тела членуваат и луѓе кои се докажани лобисти на нотарите. Владата, истакнаа адвокатите, мора да има сериозен пристап кон реформите во правосудството, кои и не наликуваат на реформи туку на исполнување на нечии желби за наштетување на адвокатската професија.

„Тргнати сме од оставинските постапки и предвидено е тие да бидат водени од нотарите. Тргнати сме од платните налози кои е предвидено да бидат составувани без адвокат. Се враќаат ингеренциите на нотарите да составуваат нотарски акти, а нивната функција е писарска“, истакна адвокатката Павлина Зефиќ.

На денешниот состанок адвокатите формираа работна група, која набрзо ќе излезе со конкретни барања, забелешки и предлози не само за законските измени на нотаријатот, туку и за сите прописи во кои адвокатите се ставени во нерамноправна положба, како што се процесните закони.  Во таа насока, адвокатот Александар Тортевски подвлече дека во барањата мора да се истакнат сите проблеми со кои се соочуваат адвокатите.

„Барањата ќе ги доставиме до Владата на Република Македонија и до Министерството за правда и доколку овие барања не наидат на сериозен пристап и доколку не се прифатат, ние ќе започнеме со штрајк“, беше истакнато на денешниот состанок.

Адвокатката Бојана Неткова нагласи дека штрајк би значело блокада на правосудните институции и дека нема да може да се преземе ниту една правна работа без адвокатите.

М.В