/ Прочитано:

1.084

Адвокатите ќе се обучуваат за слободата на изразување со примери од практиката на EСЧП

Адвокатска комора на  Република Македонија, во рамки на соработката со Советот на Европа под проектот „Зајакнување на судската експертиза за слободата на изразување и за медиумите во Југоисточна Европа (JUFREX)“,  организира oбука на тема: „Ограничување на слободата на изразување: граница помеѓу слободата на изразување и говорот на омраза, со примери од практиката на EСЧП“.

Обуката ќе се одржи на 19 и 20 април (четврток и петок) во Охрид, а пред сè e наменета за адвокати кои во својата практика се занимаваат со слободата на изразување, односно со членот 10 од Европската конвенција за човекови права.

Главната цел на Адвокатската комора, како и на Советот на Европа, е преку оваа обука да им обезбеди на адвокатите во Република Македонија практични знаења за тоа како да ги спроведат стандардите на Европскиот суд за човекови права пред националните судови. Има многу малку адвокати што имаат практично искуство во спроведувањето на горенаведените стандарди, и затоа постои потреба адвокатите да бидат соодветно обучени во оваа област.

Обучувачи на обуката ќе бидат Мирјана Лазарова-Трајковска, поранешен судија во Европскиот суд за човекови права и Марко Андонов, професор и декан на Факултетот за правни науки при Универзитетот „Американ колеџ“ Скопје.

Проектот се спроведува со финансиска поддршка на Советот на Европа. Сите трошоци за сместување на учесниците и сл. ќе бидат финансирани од страна на проектот.  Бројот на учесници на обуката е ограничен. Адвокатите кои се заинтересирани да земат учество, задолжително да се пријават во Адвокатската комора на Република Македонија на е-пошта: e.pavlovska@mba.org.mk, најдоцна до 13.4.2018.