/ Прочитано:

1.517

АДВОКАТИТЕ РЕАГИРААТ: Аргументи ЗА или ПРОТИВ Правилникот за начинот за одмерување на казните

Најновите предлог измени на Кривичниот законик во врска со донесувањето на Правилникот за начинот на одмерување на казните предизвикаа бура реакции во стручната фела. Дали ваквите измени на Кривичниот законик значат позитивна и ефективна реформа или со тоа се менуваат и принципите на поставената казнена политика и уставност, како и тоа дали со внесувањето на англосаксонски институти ќе се креира поефикасно судство и казнено-правен систем се прашањата кои деновиве циркулираат и се дебатираат помеѓу адвокатите, судиите и експертската јавност.

Легислативната хронолошка „приказна“ за Правилникот првично започнува со утврдувањето на потребата за сериозни реформи во казнената процесна област, воедно констатирана во „Упатствата за одредување на видот и одмерување на висината на казните“.

„Англосаксонизација“ на процедуралното постапување

Она што остава впечаток во Упатствата е посочувањето на „англосаксонизацијата“ на процедуралното постапување односно, како што се наведува, со новите решенија со кои суштински се реформира процедуралното постапување претставуваат, во своја основа, англосаксонски институти кои имаат долгогодишна традиција во државите на common law  со нивно нужно прилагодување кон европската правосудна практика.

Овие упатства се донесени во месец јули 2013 година и во нив на детален начин преку табеларен приказ со статистички податоци се посочени слабостите на македонската казнена политика. За потребата за изработка на Упатствата биле ангажирани членови на обвинителската, судската и адвокатската фела.

Судии, јавни обвинители и адвокати работеле на Упатствата

Како членови на работната група определена за изработка на овие упатстава се посочуваат: Д-р Зоран Илиевски (Основен јавен обвинител), Зоран Димитриевски (Судија во Апелациониот суд), Јаким Наумов (Адвокат од Скопје), Спасенка Андова (Јавен обвинител во Основното јавно обвинителство).

Исто така, како учесници во процесот на анализата и креирањето на Упатствата се посочуваат ОБСЕ кои биле вклучени во првичен документ наречен првичен документ за казнената политика и чии сугестии не биле инкорпорирани и Амбасадата на САД и Адвокатската комора на Република Македонија како директно вклучени во креирањето на Упатствата.

Во врска со Упатствата, на 18 декември се одржа Јавна расправа за упатствата за начинот за одмерување на казните во кривичните предмети во организација на Јавното обвинителство и американскиот Стејт Департмент, на која што се презентираа поставените насоки и цели на законските новитети.

Владата тврди Правилникот значи правна сигурност, адвокатите несигурни во ваквите тврдења

Како институционално надополнување на  претходно поставените насоки и најави за реформирање на правосудството, овој месец Владата на Република Македонија излезе со соопштение дека се усвоени измените на Кривичниот законик од областа на судските реформи, со кои се дава правен основ за донесување Правилник за одмерување на казните и како што истакна владиниот портпарол со тоа ќе се обезбеди поголема правна сигурност за граѓаните и ќе се спречи субјективизмот во изрекување на кривични санкции од страна на некои судии или судови.

Во меѓувреме, новите предлог – законски решенија веќе се доставени пред пратениците и  измените и дополнувањата на Кривичниот закон се наоѓаат на прво читање во Собранието на Република Македонија.

Иако Владата потенцираше дека Правилникот значи правна сигурност и еднаквост пред законите што впрочем е наведено и во образложенијата пред пратениците, голем број на адвокати не се сигурни во тие тврдења и нивните реакции во контекст на законските измени не спласнуваат.

Судир на правнички мислења: Дали Правилникот значи позитивна реформа или  е противуставен?

Едни адвокати реформата ја сметаат за противуставна, за други таа внесува позитивна промена, но генерална оценка е дека постои воочлив отпор на фелата кон предложеното законско решение.

Според Владимир Панчевски, претседател на Основниот суд Скопје I, се работи за законско решение кое предизвикало негативна реакција кај поединци водени од лични и материјални интереси.

„Се работи за законско решение кое има интервенција во член 39 од Кривичниот законик кое е предлог на Владата, а треба да биде изгласано од страна на Собранието. Овој член всушност ги определува критериумите за одредување на казната. Како иницијатива, се разбира дека е произлезена од судот и обвинителството што како органи ја ценеа невоеедначеноста на судската пракса. Со ваква интервенција во реални услови во конкретен предмет се прави доуредување на општите критериуми и правила за одредување на казната. Како законско решение предвидено е да го донесе претседателот на Врховен суд, а доколку биде донесено како законско решение ќе биде задолжително за сите пониски судови. Основен суд Скопје 1 е само дел од многуте судови низ земјава и нормално законски е обврзан да го почитува Правилникот. На сите противници на ваквото решение најверојатно им одговара хаосот во казнената политика заради лични, материјални или најверојатни некои други нивни интереси. Истите противници презентираат и зборуваат за неефикасно судство. Упатството е изработено со учество на ОБСЕ, Амбасадата на САД, државниот обвинител и Адвокатската комора“, вели Панчевски.

Од ОБСЕ пак посочуваат дека биле вклучени во изработка на друг документ наречен првичен документ за казнената политика.

„ОБСЕ не беше вклучен во изработката на упатството, туку, заедно со група експерти, изработи друг документ, наречен првичен документ за казнената политика“ истакнуваат од таму.

„Предлагачите на Правилникот не се свесни дека интервенираат во општиот дел на Кривичниот законик, можеби најсовршениот дел од нашиот правосуден систем и дека ако оваа идеја помине, тоа ќе значи укинување на двостепеност на постапката бидејќи ако постои строг и задолжителен правилник, судијата нема да може да згреши, механички ќе го примени, па нема да има потреба од второстепена контрола“, смета адвокатот Александар Тортевски.

„Nullum crimen, nulla poena sine Правилник! Воведување на можноста критериумите за казнување да се пропишуваат со Правилник, а не со закон претставува рушење на целокупниот досегашен казнено-правен систем и експеримент со несогледиви штетни последици по правата на граѓаните. Проблемите на ова решение се повеќекратни. Најпрво, наместо досегашното начело на законитост во пропишување на казните (и соодветно-критериумите за казнување) ние оваа област ќе ја уредуваме со подзаконски акт-Правилник, решение што е непознато во системот на континенталното право. Од материјално-правен аспект, проблематично е што ќе бидат определени фиксни критериуми, по кои судиите ќе мораат да се раководат при одмерувањето на казната, а заради наводно воедначување на судската пракса. Историски, мене ова ми наликува на францускиот Кривичен законик од 1791, каде казните биле стриктно пропишани, а судиите биле „уста на законот“ бидејќи само ги изрекувале оние казни, кои законот ги пропишувал. Никаква индивидуализација на казната не била дозволена. Набрзо, недостатоците на овој систем била увидени и тој систем бил напуштен(за ние сега да го вадиме од нафталин и да го воведуваме кај нас)“, е на мнение адвокатот Филип Медарски.

„Донесувањето на Правилникот за одмерување на казните е позитивна одлука и го одобрувам неговото имплементирање во казнената постапка, но предлагам истиот да биде дел од Кривичниот Законик, а не да егзистира во форма на подзаконски акт како Правилник. Еднаквоста на граѓаните при одмерувањето и изрекувањето на казните ќе биде значително поизразена на овој начин од причини што моментално е дадена преголема слобода на судот во одмерувањето на казните и можни се злоупотреби. Судот е потребно да носи одлука само за вината на обвинетиот според доказите, а одмерувањето на казната потребно е да е ограничена со правила на изрекување како би се спречиле злоупотребите. Одредбите од овој Правилник ќе биде доста сложено да се изготват и предлагам да не се усвојува без претходно одобрение од целата фела на судии и адвокати како би одговориле со успех во практичната примена во Судовите“, вели адвокатот Гоце Штерјовски.

Експертите посочуваат кон уставните определби и законски начела

Проф. д-р Гордана Бужаровска, професорка по казнено-процесно право на Правниот факултет „Јустинијан Први“ смета дека ваквите измени на кривичното законодавство се косат со уставните определби.

„Судот не може да се обврзе да суди според ваков тип на документ, односно судот суди според Уставот. Ваквото законско решение го суспендира и општиот дел на Кривичниот законик. И треба да се потенцира дека ваква пракса на судење како што би се вовела не е позната во компаративното законодавство“ истакнува професорката.

За проф. д -р Стефан Буџаковски, професор по казнено право на ФОН, Правилникот не може да има сила на закон и функцијата на подзаконските акти во тој контекст е да ја олеснат работата на судијата односно да дадат ориентири од консултативна природа.

„Доколку Правилникот има таква поставеност за судиите, тогаш би се косело со начелото на законитост, начелото на индивидуализација на вина и начелото на вина“ објаснува професорот.

Професорот истакнува дека во Македонија постои еден децениски проблем на „шаблонско работење“ на судовите и дека всушност реформите треба да се движат кон насока на превенција, а не кон заострување на казните.

„Со правилникот може да се регулира изрекувањето казни само до законскиот минимум. Правилникот не може да биде во спротивност со законот затоа што со тоа се нарушува начелото на законитост“ заклучува Буџаковски.

 


 Автор: Милчо Велјаноски

Објавено: 22. 01. 2014