/ Прочитано:

4.439

Адвокатот Александар Тумановски – претставник на Адвокатската комора во Советот за Стратегијата за реформи на правосудниот сектор

Во работата на новоформираниот Совет за следење на имплементацијата на Стратегијата за реформи на правосудниот сектор со свој претставник учествува и Адвокатската комора на Република Македонија. Претставникот на АКРМ во Советот, адвокатот Александар Тумановски, за Академик вели дека Адвокатската комора ќе даде несебичен придонес во работата на Советот и ќе се заложува првенствено за интересите и правата на граѓаните и за адвокатите како заштитници на нивните права.

Формирањето на Советот, вели Тумановски, несомнено дава за право да се заклучи дека се неминовни реформите во правосудството, кои подразбираат и  побрз развој на земјата, но имаат и исклучително значење за напредокот на Република Македонија на патот кон ЕУ и НАТО.

„Во таа смисла, како Адвокатска комора, ќе дадеме несебичен придонес во носењето и имплементацијата на реформите за побрз напредок и развој на тој единствен пат. Пред сè, мора да се напомене дека адвокатурата, според Уставот на Република Македонија, е самостојна и независна јавна служба, која единствено обезбедува и дава правна помош и единствено има цел да ги заштити интересите на граѓаните и интересите на странките. Од овие определби и од овој пат при носењето на реформите не може да се скршне по никоја цена“, нагласува Тумановски.

Наша заложба, како Адвокатска комора, во овој Совет, додава адвокатот Тумановски, ќе биде да се подобри улогата на адвокатурата во Република Македонија во сите сфери  каде што адвокатот има улога на заштита на граѓаните и нивните права како странки во постапките, бидејќи сите кои се во Советот се таму заради граѓанинот кој е пред сè.

Одржана конститутивната седница на Советот за следење на имплементацијата на Стратегијата за реформи на правосудниот сектор

М.В