/Прочитано:

1.808

АДВОКАТУРАТА Е ХРАБРОСТ ЗА ВИСТИНАТА: Цицерон за адвокатурата, беседништвото и правдата

Марк Тулиј Цицерон (3 јануари 106 пр.не. - 7 декември 43 пр.н.е.), брилијантниот адвокат и државник, најголемиот антички говорник и мајстор на јазичниот стил, вели дека адвокатурата значи храброст за вистината, а беседништвото може да ја сруши неправдата.

akad 3

Тргнувајќи од своите лични и цврсти етички уверувања, Цицерон како филозоф, адвокат и беседник, се стреми кон хуманистичкиот идеал изграден врз етичкиот и педагошкиот принцип. Во таа насока, ставајќи посебен акцент на прашањата од општествениот и личниот морал, тој создава влијателно етичко творештво со исклучителен цивилизациски придонес во културата, правото и политиката.

Неговите лични сфаќања за адвокатурата како храброст за вистината и за реториката како моќно и благородно оружје во општествените односи, се пресудни тој да го зголеми своето општествено влијание, кое доведува и до негова државничка афирмација, што говори за почитта што постои за адвокатурата, уште од нејзините антички зачетоци.

Цицерон говори дека адвокатот не им помага на луѓето само со правните совети туку и со своето присуство затоа што тој со својот углед и со својата стручност му дава тежина на конкретен случај. Во таа смисла, Цицерон вели дека адвокатите се најугледните и најславните луѓе затоа што го создаваат својот углед со својот талент.

Оттука, талентот и угледот се клучни за адвокатурата и за она што треба да претставува таа во едно општество. Адвокатот треба да има широки познавања и широко образование од областа на логиката, филозофијата, правото и реториката, но тој треба да поседува и етичност, култура и говорнички вештини, кои не го одредуваат само адвокатскиот престиж туку и угледот на адвокатурата во целина.

Посочувајќи ги етичкиот закон и моралот како суштински за адвокатскиот углед и за дејноста, Цицерон додава дека адвокатите понекогаш мора да бранат и „неверојатни работи“ кои самите по себе може да бидат и „непотполно вистинити“. Според Цицерон, и судиите имаат должност секогаш во споровите да се држат до вистината . За добриот судија доказите вредат повеќе отколку сведоците.

Цицерон вешто го најавува и начелото на правичност кога истакнува дека претераното придржување кон некој закон може да нанесе неправда. „Summum iuc cumma iniuria – при секое претерување во придржувањето кон некој закон може да се направи голема неправда“, истакнува Цицерон.

Според Цицерон, добриот адвокат мора да биде и добар оратор, односно го поставува ораторството како услов за успешно вршење на адвокатската дејност. Ораторот треба да има помнење на адвокат, остроумност на логичар, мисла на филозоф, дикција на поет, глас на трагичар и гестикулација на актер.  Тој вели дека беседништвото може да го обземе духот со мудри мисли, а со убави зборови да го помилува увото, да го крене срцето на народот и да ги отстрани сомнежите на судијата.

„Беседништвото може да го обземе духот со мудри мисли, а со убави зборови да го помилува увото, да го крене срцето на народот, да ги отстрани сомнежите на судијата, да даде решавачки совети, да ги заштити невините, да им помогне на бессилните, да ги спаси потиштените, да ги ослободи прогонетите, да ги повика заблудените, да ги издигне слабите, да ги понижи дрските, да ги надвладее противниците, да ги придобие колебливите, да ги преобрази недоверливите, да ги затвори отпадниците, да ја поддржи правдата, да ја сруши неправдата и со истата сила да се брани и да напаѓа…“, вели Цицерон.

За познатиот беседник и бранител на правата на луѓето, првата улога на правдата е таа да не му наштети никому, додека, пак, до неправда се доаѓа на два начина – или со употреба на сила, или со измама. Заедницата на правото и правдата се предуслов за функционирањето на државата. Неправдите што се нанесуваат намерно и само заради желба да му се наштети некому, често произлегуваат од страв бидејќи човек што размислува да му наштети на друг се плаши дека ако тој не нанесе некаква неправда, самиот ќе ја доживее. Подобро е да се трпи неправдата отколку да се нанесува, нагласува Цицерон, укажувајќи на премисата за „првата улога на правдата“.

М.В / veljanoskim@akademik.mk