/Прочитано:

656

Адвокатурата за време на економска криза бара посветеност и доверливост при изборот на клиенти – интервју со Константинос Корнилакис

Практикувањето на правото во земја која е во економска криза, конкретно во Грција, не се разликува многу од практикувањето на правото во која било земја погодена од економската криза, истакна Константинос Корнилакис од Адвокатското друштво „Кументакис и адвокати“ во своето предавање на овогодишната Меѓународна конференција во организација на Академик „Управување со правни ризици: правни трендови“.

Константинос Корнилакис, Академик Конференција 2016

„По економската криза, обемот на правни услуги во Грација се намали, поради што повеќето адвокатски друштва претрпеа големи последици. Имаше намалување на цената на услугите, намалување на квалитетот, отпуштања и раскинување на професионалните односи. Поради тоа се намали и бројот на активни адвокати, што беше многу тажно. Затоа во нашата компанија сфативме дека треба да ја преструктуираме работата и да инвестираме во човечки ресурси и преку нив да привлечеме нови клиенти. Истовремено, требаше да се менува и нашата целна група, па почнавме да работиме со средните и средноголемите корпорации, се насочивме кон извозноорентираните компании кои имаат посигурна иднина отколку домашноориентираните компании“, рече Корнилакис во своето предавање.

Кога по ударот на кризата успеале да придобијат успешни компании како клиенти, целта на „Кументакис и адвокати“ била да го унапредуваат својот бизнис преку приспособливост и доверливост. Корнилакис во интервјуто за Академик зборува за тоа колку изгубиле адвокатските фирми поради економската криза во Грација, но и за сето она што го прави неговата адвокатска фирма за нивните клиенти да добиваат квалитетни услуги.

Во вашето предавање на Конференцијата „Управување со правни ризици: правни трендови“ ја потенциравте разликата во работата на адвокатските фирми пред кризата во Грција, за време на кризата и денес, додека земјата сè уште економски заздравува. Што мислите дека најмногу придонесе за кризата: недостигот од правилно управување со ризиците или од тоа што не се очекуваше дека може да се случи толку голема криза?

–          Се работи за повеќе комплексни фактори кои влијаеја за да се случи кризата. Пред сè, морам да нагласам дека, за жал, Грација е сè уште во криза. Разликата во работата пред кризата и за време на кризата е во тоа што никој не очекуваше дека финансиската криза ќе биде толку голема. Ние постојано мислевме дека во Грција постојат економски проблеми, но никој не очекуваше дека таа толку силно ќе удри. Тоа не го очекуваа ниту политичарите, ниту бизнисмените, ниту обичниот граѓанин. Сите го имаа приспособено својот начин на живот во економска средина која беше неиздржлива. Како што кажав и во предавањето, како општество изгубивме 25 проценти од приходот, што значеше дека секој мораше да направи ребаланс на својот буџет, не само државата, туку секој граѓанин за да го приспособи буџетот на новите услови. Во професионална смисла, ова значеше дека ние моравме да најдеме соодветни клиенти кои ќе имаат финансиска моќ и способност да платат за правни услуги по цената по која тие чинеле пред почетокот на кризата.

Константинос Корнилакис, Академик Конференција 2016

Дали по кризата компаниите кои имаат потреба од правни услуги се сега посвесни дека тие им се неопходни во поглед на правилно управување со правните ризици или сè уште се обидуваат да закрепнат и да ја вратат својата моќ и вредност?

–          Однесувањето на компаниите се разликува од случај до случај, но генерално морам да потенцирам дека јас не сум многу среќен со денешната ситуација. Од една страна, имаме успешни бизнисмени, но успехот им го храни егото и тие мислат дека можат да бидат успешни и во други области. На Конференцијата имавме можност да го слушнеме успешниот хирург академик д-р Жан Митрев, но би било незамисливо јас да отидам во неговата болница како правник и да му речам дека јас можам да ја работам неговата работа – да правам операции, бидејќи тоа е невозможно. Не може некој што е успешен во еден бизнис да биде успешен во секој бизнис. Но токму тоа се случи со одредени раководни лица во компании, кои сметаа дека можат да бидат успешни на повеќе полиња и дека не им е потребен никаков правен совет. Ваквите компании побараа правен совет дури откако веќе беше направена голема штета во нивното работење. Не можам да кажам дека сите компании се однесуваа на овој начин по кризата, но поголемиот број го направија токму тоа.

Колку кризата ја промени улогата на адвокатите во компаниите?

–          Кризата беше толку голема што ја промени позицијата на речиси секој работник, и на газдите и на вработените. Ова, секако, не нè одмина ниту нас, адвокатите. По кризата имаше драматичен пад на бројот на адвокати, кои престанаа да работат, кои или останаа без работа или едноставно престанаа да го практикуваат правото. Тоа беше најтешкиот удар на адвокатската фела. Едноставно, адвокатите престанаа да работат, не можеа да си ги плаќаат здравствените и пензиските приноси, не можеа да заработат за да преживеат и почнаа да работат нешто сосема друго. За оние што останаа во бизнисот, како нашата фирма која, за среќа, е сè уште доста стабилна, намалувањето на конкуренцијата го доживеаја како добра работа, но, од друга страна, сега имаме премногу работа која бара голема посветеност и приспособливост.

Константинос Корнилакис, Академик Конференција 2016

Колку вие како адвокатска фирма можете или се обидувате да ги вратите адвокатите во правната фела?

–          За нашата фирма пазарот во кој работиме е многу важно прашање и тоа постојано се преиспитува. Многу често имаме многу случаи во работа кои не можеме да ги сработиме дури и да работиме по 24 часа на ден. Нашата определба беше дека ние како фирма нема да се обидуваме да станеме суперпазар на адвокатски услуги. Ние работиме за интересите на нашите клиенти и работиме во духот на тимската работа. Вие можете да бидете одличен адвокат, да имате совршено знаење, но доколку јас не можам ефективно да соработувам со вас, тоа значи дека нема да бидеме задоволни ниту ние како адвокатска фирма ниту клиентите за кои работиме. Затоа, кога ангажираме нови адвокати, многу внимаваме не само на нивното познавање на правото и нивната способност како адвокати туку и на тоа како тие ќе се вклопат во целокупната работа на нашата фирма.