/ Прочитано:

1.616

СУДЕЊЕ Метастаза: Според бранителите пресудата треба да се темели врз доказите изнесени во судницата, а не од доказите од истрагата

Четврток, 26 април 2012 – Адвокатите бараа пресуда врз основа на она што е видено и изјавено во судница, а стои како доказ. Имаа забелешки за заштитениот сведок, сумата за којашто се товарат, посебните истражни мерки. Жалби на адвокатите и за текот на судскиот процес. Ова е дел од денешните завршни зборови на адвокатите. Овие денови привршуваат завршните зборови на одбраната за случајот Метастаза.

>> Предметот за случајот „Метастаза“ проследете го тука.


Тек на рочиштето

14:40 – Рочиштето заврши. Следниот главен претрес е закажан за 04.05.2012 година во 9:30 часот.

14:00 – Според адвокатот на обвинетиот Александар Адамов времето на извршување на кривичното дело не е точно определено туку е наведено дека се случило во текот на две години. Околу разговорите меѓу обвинетите Љубе Стојановски и Адамов, адвокатот рече дека телефонскиот разговор е на 03.07.2009 година, а наодот од ПИМ е од 01.07.2009 година, а тоа значи дека доказите на обвинителството не се правно релевантни за оваа постапка. Во продолжение адвокатот посочи дека истиот наод е даден претходно врз основа на претпоставки дека обвинетите се здружени само затоа што се телефонски меморирани. Го замоли судот да донесе пресуда според чл. 365 став.1 од ЗКП, односно според факти и докази изнесени на рочиштата, а не според доказите од истрагата.


13:40 – Пауза до 14:00 часот.


13:10 – Судот не го прифати предложеното вештачење од страна на одбраната. Адвокатите сметаат дека со вештачење ќе се појаснат сите нејаснотии околу дејствието на обвинетите. Судот го одби овој предлог со образложение дека на тој начин ќе се одолговлекува постапката.

12:00 –  Адвокатот на обвинетиот Јане Бушев смета дека обвинителството не приложило доволно докази за да се  утврди постоењето на групата. Исто така обвинителството преку своите докази не успеало да го докаже кривичното дело, злоупотреба на службената положба и овластување.


11:00 – Пауза до 12:00  часот.


10:50 – Адвокатот на обвинетиот Иван Барбов тврди дека нема докази дека сведокот на обвинителството му дал 500 евра на  обвинетиот. Според него обвинителството во постапката не успеало да ја докаже високата сума што му се става како присвојување на против правна корист на обвинетиот.

10:25 –  Обвинетата  Борјанка Танева пред судот се изјасни дека не го познавала обвинетиот Азем Кофрц.  Објасни дека со обвинетиот Занко Николов биле само колеги коишто се консултираат за пациентите. Со ова објаснување адвокатот на Танева ги даде завршните зборови.

10:10 – Одбраната на Олга Мицева рече дека таа работела со душевно болни луѓе и поради тоа имала телефонски разговори со нив, меѓутоа од истите нотирани во посебните истражни мерки не се докажува дека земала мито. Одбраната се задржа на  заштитениот сведок  со тврдење дека  обвинетата Олга Мицева не го познавала лично.

10:00 – Нема доказ дека обвинетиот Горѓи Хаџи Ангелковски издавал невистинита медицинска документација, тврде одбраната на обвинетиот.

09:40 – Бранителот на Исмаил Ваити рече дека не се основани наодите во обвинението дека обвинетиот ја злоупотребил службената положба, ниту има дата кога тој се приклучил кон групата. Исто така адвокатот во текот на постапката донел документи коишто ја потврдуваат нарушената здравствена состојба на барателите на пензија.