/ Прочитано:

1.125

Академијата за судии и јавни обвинители одржа експертска тркалезна маса на денот на нејзината 12-годишнина

Академијата за судии и јавни обвинители одржа експертска тркалезна маса за импликациите од Законот за следење на комуникациите за потребите на правосудството во Република Македонија. Експертската тркалезна маса беше организирана во рамките на одбележувањето на 12-годишнината на Академијата за судии и јавни обвинители „Павел Шатев“.

На тркалезната маса поздравно обраќање имаа в.д. директорот на Академијата, Вјолца Елмази, и  Теодора Фуиор, проектен координатор на ДЦАФ, а свои излагања во текот на тркалезната маса имаа и Андреј Рупник, помошник-директор и проектен асистент во канцеларијата на ДЦАФ во Љубљана,  Маурицио Варанезе, висок експерт за владеење на правото, проф. д-р Гордан Калајџиев, професор на Правниот факултет „Јустинијан Први“, и Сандра Крстиќ, судија во Основниот суд Скопје I Скопје.

Темите што беа опфатени на тркалезната маса во излагањата на експертите и низ дискусиите на присутните беа следните:

Новиот систем за следењето на комуникациите во Република Македонија 

  • Чинители и процес
  • Различни слоеви на одговорност и улогата на правосудството

Новиот Закон за следењето на комуникациите 

  • Усогласување со европските стандарди и добри практики
  • Изработка на подзаконски акти по усвојувањето на Законот за следењето на комуникациите
  • Предизвици и можности за правосудството

Судското овластување во следењето на комуникациите во контекст на новата легислатива

  • Јасноста, прецизноста и предвидливоста на новата законска рамка (Законот за следење на комуникациите и Законот за кривична постапка)
  • Главни предизвици за практичарите.

Програмата за реформа на разузнавачкиот сектор на ДЦАФ беше лансирана во 2017 година за поддршка на македонските власти во поттикнување на одговорноста на безбедносните и разузнавачките сектори во Република Македонија, во согласност со европските стандарди и добрите практики. Во рамките на оваа програма, Проектот за правосудство за следење на комуникациите има цел да го зајакне судскиот капацитет и експертизата во овластувањето и надзорот над употребата на интрузивни методи за собирање информации (како што е следење на комуникации или таен надзор) од разузнавачките служби и спроведување на законот.

Оваа експертска тркалезна маса им овозможи на претставниците на македонските правосудни институции да разговараат за последиците и предизвиците кои произлегуваат од новата легислатива (главно Законот за следење на комуникациите) во судското овластување и проверката на интрузивните методи. Националните и меѓународните експерти и практичари ги разгледаа импликациите од новите закони, нивната компатибилност со другите правни текстови (како што е Законот за кривична постапка) и нивната целосна усогласеност со европските стандарди и добри практики.

М.В