/ Прочитано:

1.649

Академик д-р Жан Митрев: „За да се намалат правните ризици во компаниите, неопходна е интеракција меѓу правните консултанти и експертите од другите области“

Размената на искуства што беше присутна на оваа конференција е од огромно значење за сите нас. Со оглед на тоа што управувањето со правните ризици е тренд во светот, а забележувам дека оваа област сè повеќе зазема значајно место и тука во Македонија, би сакал да нагласам дека соработката меѓу експерти од разни области е многу важна. За да се намалат правните ризици во компаниите луѓето треба да сфатат, а тука мислам и на докторите и на инженерите и на останатите професии, дека во своето работење мора да вклучат тим од правни консултанти. Таква конекција, т.е. интеракција мора да постои за да не се судруваме со тешкотии при секојдневното работење.

Жан Митрев интервју

 

Пред огромен број учесници, на вториот ден од Меѓународната конференција за управување со правни ризици: правни трендови, во организација на Академик, свое излагање имаше најпознатиот македонски кардиохирург, академик д-р Жан Митрев.

Во својата презентација, д-р Митрев го стави акцентот на начинот на кој се справувал со предизвиците и со правните ризици при основањето на Специјалната болница „Филип Втори“, наjреномираната институција на која е основач, сопственик и менаџер. ­

„Бев истраен во својата намера да ја остварам мојата најголема желба – да создадам институција според сите светски стандарди, која ќе нуди беспрекорни услуги на пациентите, иако бев свесен дека ќе се судрам со различни фактори кои ќе се обидат да ја спречат мојата замисла. Мојот најголем судир со институциите беше кога го воведував ДРЏ – систем што е начин на плаќање на болниците по извршена здравствена услуга и сродни групи болести. Исто така, со големи маки успеав да ги исполнам сите услови за да ја регистрирам мојата болница, која беше првата приватна болница во Македонија. И дури потоа се постави прашањето дали има закон за регистрација на приватна болница. Не беше воопшто лесно да се надминуваат тие предизвици, но ете успеав. Сега сум тука и можам само да раскажувам за спомените, рече д-р Митрев во својот говор пред многубројната публика.

Жан Митрев, Академик Конференција 2016, втор ден

 

Во своето излагање, д-р Митрев истакна дека неефикасниот правен систем, несредените закони, несредената регулатива во една земја се вистинска пречка за сè, а не само за функционирањето и за успешното работење на една приватна медицинска установа како што е „Филип Втори“, која сега има високо реноме и углед и која е направена по највисоките светски стандарди.

„Средената регулатива е суштинска за функционирањето на една медицинска установа, додека пак правните ризици, како и сите други, особено во околности каде што нема  доизграден правен систем, каде што влегувате први во еден простор кој е многу нестабилен, во кој нема дефинирани правци, се како да влезете во џунгла и едноставно не знаете од која страна што ве чека“, посочи Митрев.

Угледниот хирург и основач на Специјалната болница „Филип Втори“ нагласи дека компаниите што настојуваат да бидат успешни во својата внатрешна организација мора да имаат воспоставено правна регулатива според која ќе се раководат и тоа според него е столб кој дава сигурност.

Жан Митрев, Академик Конференција 2016, втор ден

На почетокот на својот говор угледниот македонски кардиохирург рече дека првпат говори пред толку многу експерти од областа на правото и дека за него претставува чест и задоволство што присуствува на настан чија цел е следење и воведување нови, современи трендови во управувањето на правните ризици.

„Ова за мене е големо искуство. На ваков собир да се измешаат специјалностите е вистински успех. Размената на искуства што беше присутна на оваа конференција е од огромно значење за сите нас. Со оглед на тоа што управувањето со правните ризици е тренд во светот, а забележувам дека оваа област сè повеќе зазема значајно место и тука во Македонија, би сакал да нагласам дека соработката меѓу експерти од разни области е многу важна. За да се намалат правните ризици во компаниите луѓето треба да сфатат, а тука мислам и на докторите и на инженерите и на останатите професии, дека во своето работење мора да вклучат тим од правни консултанти. Таква конекција, т.е. интеракција мора да постои за да не се судруваме со тешкотии при секојдневното работење“, рече д-р Митрев по завршувањето на Конференцијата.

А. Б.