/ Прочитано:

2.166

Академик одржа обука на тема „Првични искуства од примената на новиот ЗОУП“

На денешната обука на Академик присуствуваа повеќе од 45 учесници од голем број државни органи и институции. Тие се задоволни од предавачите и од насоките што ги добија на обуката за поуспешно имплементирање на новите законски решенија.

Обука Академик ЗОУП

Основните карактеристики на решенијата содржани во новиот ЗОУП се: поедноставени постапки, скратени рокови, поголем опфат на институции, ефикасност и економичност. Ова го истакна Југослав Ѓорѓиевски, државен советник во Министерството за информатичко општество и администрација, на денешната обука во организација на Академик за првичните искуства од примената на новиот ЗОУП.

Ѓорѓиевски признава дека е премногу рано да се зборува за искуствата бидејќи Законот се применува помалку од два месеци, но уверува дека новото законско решение е многу поквалитетно од претходното. Токму тригодишната подготовка на Законот и неговата одложна примена, период во кој 169 закони со кои се опфаќа управната постапка беа усогласени со новиот ЗОУП, целосно ја затвора најбитната реформа на јавната администрација, смета Ѓорѓиевски.

Југослав Георгиевски обука ЗОУП

Начелото на законитост, предвидено во новиот ЗОУП, гарантира еднаква примена на законите во управните работи кои се засноваат на иста или слична фактичка состојба и ограничување на дискрецијата. Ова значи дека органите имаат обврска да водат сметка за праксата која ја воспоставуваат  при примената на Законот, односно во два идентични случаи да се постапи на ист начин бидејќи тоа е она што досега најмногу ги погодувало граѓаните во управната постапка, а сега ќе се промени, вели Ѓорѓиевски.

Обука Академик ЗОУП

„Досега се создаваше правна несигурност кај граѓаните, затоа е потребно службениците што работат на една иста проблематика да се состануваат најмалку еднаш годишно за да се утврди во кои ситуации се решава различно и тоа да се надмине за да се врати довербата на граѓаните во управите постапки“, вели Ѓорѓиевски.

Странката може сама да ги врши дејствијата во постапката или преку застапник, како што е предвидено со новиот Закон. Токму затоа, вели Ѓорѓиевски, улогата на службениците е правилно да ја насочат странката бидејќи најчесто таа е неука. Службениците треба да ги насочуваат странките во вистинската насока со цел тие да ги остварат своите права.

Обука Академик ЗОУП

Ѓорѓиевски апелира до службениците да ги запазат роковите за решавање на постапките што се веќе започнати по стариот Закон и да почнат да го учат текот на постапката според новиот Закон бидејќи ќе се соочат со роковите за водење на постапките, кои мора да се почитуваат.

Ирена Брзанова, од Државната комисија за одлучување во управна постапка и постапка од работен однос во втор степен, во своето предавање на обуката на Академик истакна дека досегашното искуство покажало дека е неопходно подобрувањето на комуникацијата и соработката меѓу органите како важна алка во управната постапка.

Обука Академик ЗОУП

„Новиот ЗОУП дава насоки за подобрување  на комуникацијата и на соработката меѓу органите и странките. Комуникацијата помеѓу јавните органи и странките може да се одвива во писмена форма, усно или во електронска форма. Актите во управната постапка можат да се достават до странката или до нејзиниот застапник во електронска форма само во случаи кога тие претходно се согласиле за оваа форма на комуникација. Согласноста може да биде ограничена на одделни јавни органи, постапки и акти“, вели Брзанова.

Обука Академик ЗОУП

ЗОУП, потенцира Брзанова, воведува задолжителна електронска форма на комуникација меѓу органите.

„Новиот ЗОУП предвидува жалбата непосредно да се поднесува до второстепениот орган, кој е должен уште наредниот ден да ја достави жалбата до првостепениот орган во електронска форма и да побара од него во рок од седум дена да испита дали жалбата е допуштена, навремена и изјавена од овластено лице, но не ја исклучува можноста за достава на жалбата и преку првостепениот орган“, вели Брзанова.

zoup 8

Во своето излагање Брзанова говореше и за: изведувањето докази по службена должност, за текот на жалбена постапка пред првостепениот и второстепениот орган,  за правната помош, за меѓународната правна помош.

На денешната обука на Академик присуствуваа повеќе од 45 учесници од голем број државни органи и институции. Тие се задоволни од предавачите и од насоките што ги добија на обуката за поуспешно имплементирање на новите законски решенија.

„Многу сум задоволен од првиот предавач бидејќи е вистински експерт за Законот и за новините во него. Обуката ќе ми помогне многу во мојата работа бидејќи ни беше потенцирано на што да внимаваме при примената на новите законски решенија“, вели Феми Рахити од Државната изборна комисија.

„Мислам дека обуката ќе ни биде од голема корист при примената на новите законски решенија бидејќи се зборуваше за практични примери кои ќе можеме да ги употребиме во работата“, вели Маленка Златаревска од Министерството за внатрешни работи.

„Ние веќе го применуваме новиот Закон  бидејќи и досега  кај нас функционираше размената на документи по службена должност и мислам дека оваа обука дополнително ќе ни биде од корист при практичната примена на Законот“, вели Елена Бундалевска од МВР.

„Мислам дека обуката секако ќе ни биде од корист бидејќи станува збор за нов закон и затоа ни е потребна ваква обука. Од обуката имам максимално позитивни впечатоци, а исто така и од интерактивната дискусија што се разви на обуката“, вели Ѓорги Ѓоргиевски од „Макпетрол“.

„Задоволни сме од обуката бидејќи ваквите обуки ни се од голема корист, но поради тоа што Законот е нов, ќе биде потребно и во иднина да се врши доедукација на службениците. Во Законот за првпат се имплементираат некои решенија, како што е соработката помеѓу институциите и нивно поврзување за размена на податоци. Благодарејќи на ваквите обуки, сите ќе бидеме усогласени во постапувањето и многу поефикасни во спроведувањето на Законот“, смета Ана Лакордова од Град Скопје.

„Многу сум задоволен од денешната обука, многу беше обемна и опфати многу прашања од новиот Закон. Добив одлични информации за мојата работа бидејќи работам на електронски шалтер и на доставување на докази за издавање имотни листови за странките“, вели Антонио Ташев од Општина Свети Николе.