/ Прочитано:

1.587

Академик одржа обука за битните повреди на Законот за јавните набавки и постапката за правна заштита со осврт на новините во Нацрт-законот

Академик денеска одржа обука за битните повреди на Законот за јавните набавки и постапката за правна заштита со осврт кон решенијата предвидени во Нацрт-законот за јавните набавки. Предавач на обуката беше Маја Малахова, претседател на Државната комисија за жалби по јавни набавки. Објективна, брза и ефективна правна заштита во постапките за доделување на договор за јавна набавка, беше нагласено на обуката, е предмет на особен интерес на економските оператори, а водењето на постапката на правилен и законит начин е обврска на договорните органи.

Пред големиот број присутни учесници на денешната обука детално се говореше за надлежностите на Државната комисија за жалби по јавни набавки, потоа за правото за барање правна заштита, како и за елементите на жалбата и за начинот и роковите за нејзино поднесување.

Исто така, на обуката се говореше и за учеството на договорниот орган во постапката по жалба, за неговите права и обврски, за дејството на жалбата и за видовите одлуки на Комисијата, како и за насоките за постапување кон договорниот орган. Правото на судска заштита, исто така, беше едно од бројните прашања кои беа елаборирани на обуката во делот на правната заштита во постапките за јавните набавки.

Во делот, пак, за битните повреди на Законот, предавачката Маја Малахова поконкретно се осврна на прашањата во врска со она на што треба да се внимава пред отпочнувањето на постапката, потоа кои се грешките при изработката на тендерската документација и кои се пропустите при отворање и при евалуација на понудите.

Во таа насока, на обуката се елаборираа правилата за објава на огласот за јавна набавка, прашањето за непостапување по решенијата и насоките од Комисијата, битните повреди при изборот на понудата и минималните рокови за потпишување на договорот. Она што предизвика особен интерес на обуката беше темата за новините предвидени во Нацрт-законот за јавните набавки во делот за правната заштита, со посебен фокус на проширувањето на надлежностите на Комисијата и на она што се предвидува како битна повреда на Законот.

Во таа насока, предавачката Малахова говореше и за изјавувањето жалба преку ЕСЈН, за новите рокови за поднесување жалба и за можноста за определување времени мерки. Малахова образложи и кога, во согласност со новиот пропис, се смета за конечно решението од Комисијата и која е новината во врска со паричните казни за договорните органи и новите износи за надоместоци за водење на постапката. Обуката се заокружи со појаснување на прашањето за уредување на правото на судска заштита и предвидување можност за надомест на штета. Во врска со сите овие теми и прашања на обуката се разви интерактивна дискусија и размена на искуства.

Учесниците велат дека стекнале одлични знаења за правната заштита во постапките за доделување договор за јавна набавка, за битните повреди на Законот и за она што го предвидува новиот Нацрт-закон за јавните набавки.

„Обуката беше реализирана одлично. Детално се говореше за битните повреди на Законот за јавните набавки и постапката за правна заштита. Значајно беше и тоа што се даде осврт на решенијата предвидени во Нацрт-законот за јавните набавки“, коментираа учесниците на обуката.

„Задоволни сме од обуката  и од предавањето посветено на правната заштита во јавните набавки. Се кажаа корисни информации и совети за правилна примена на прописите“ – Марија Мушкиња, Андријана Јосева и Мевљане Јасифи, „Даути комерц“ АД.

„Супер беше обуката, задоволни сме од објаснувањата за новиот Закон за јавни набавки и за претходните прашања кои се дискутираа за правната заштита во постапката“, Наташа Лукиќ и Билјана Димитровска, Општина Битола.

„Во ред беше обуката. Разменивме мислења, дискутиравме, ја слушавме предавачката Малахова, која се осврна на повеќе прашања од темата за јавните набавки со фокус на жалбената постапка“ – Тони Тасев и Ратко Стоилков, ДТУ „АПОЛО“ – „Ратко“ ДООЕЛ.

„Обуката беше корисна и предавањето на Маја Малахова беше одлично. Задоволни сме од искажаното, односно од  појаснувањата за јавните набавки од аспект на битните повреди на Законот, но и од аспект на новините што ќе следуваат во понатамошниот период“ – Слаѓана Николиќ-Николовска и Лилјана Атанасовска, ЕВН Македонија.

„Прашањето за јавите набавки е актуелна тема и затоа се потребни вакви континуирани едукации за оваа област. На оваа обука се разгледаа мошне важни прашања од областа на јавните набавки и од голема корист беше што се говореше и за Нацрт-законот за јавните набавки“ – Виктор Каранфилски и Кристина Диневска, Град Скопје.

„Супер обука, со многу интерактивна дискусија и со многу примери од практиката. Се разбира, позитивно ја оценувам. Задоволна сум и од организацијата и од презентацијата на темата“ – Љубица Бошковска, „Месер Вардар техногас“.

„На денешната обука се дискутираше за битните повреди на Законот за јавните набавки и постапката за правна заштита. Исто така, стана збор и за решенијата предвидени во Нацрт-законот за јавните набавки. Темите беа убаво образложени и понесуваме одлични искуства“ – Марија Будиноска, „Беннинг – Псам“ ДОО.