/ Прочитано:

3.125

Академик одржа обука за повеќе актуелни теми од областа на работните односи

Академик денеска реализираше обука на тема „Работни односи – исплата на плата, годишен одмор во нетипични ситуации, комуникација со работници за годишен одмор и право на додаток на плата“. Обуката се одржа во најсовремениот едукативен центар во просториите на Академик.

akad 4

На денешната обука, на која говореше судијата од Апелациониот суд – Скопје Санде Зиков, се дискутираше за клучните точки кои се однесуваат на прашањата поврзани со исплатата на плата, надоместоците на плата и надоместот на штета, со посебен осврт на членот 112 од Законот за работните односи, кој се однесува на надоместокот на плата.

Работникот има право на заработувачка – плата, во согласност со закон, колективен договор и договорот за вработување, а платата на работникот за работа со полно работно време не може да биде пониска од минималната плата утврдена според закон и колективен договор.

akad 4

Основната  плата, истакна судијата Зиков, се определува земајќи ги предвид барањата на работното место за кое работникот го склучил договорот за вработување. Работната успешност на работникот се определува земајќи ги предвид домаќинскиот однос, квалитетот и обемот на вршењето на работата за којашто работникот го склучил договорот за вработување.

Како што определува ЗРО, додатоците се определуваат за посебните услови при работа кои произлегуваат од распоредот на работното време, и тоа: за работа во смени, за работа во поделено работно време, за ноќна работа, за работа на дежурство, во согласност со закон, за продолжена работа, за работа во ден на неделен одмор, за работа во празници определени со закон и додаток за работен стаж.

akad 4

Според членот 112 од Законот за работните односи, работникот има право на надоместок на платата за целото време на отсуство во случаите и во траење определени со закон, како и во случаите кога не работи од причини на страната на работодавачот.

Работодавачот, беше истакнато на обуката, е должен да му исплати надоместок на платата на работникот во случаите на отсутност од работа поради користење годишен одмор, платен вонреден одмор, дообразување, празници определени со закон и слободни денови, како и во случаите кога работникот не работи од причини на страна на работодавачот.

На обуката се говореше и за начинот за надомест на штета од работен однос и од незаконит престанок на работен однос, како и за прашањето кое се однесува на исплата на плата и придонеси од плата за време на штрајк.

akad 4На работниците учесници во штрајк, за време на нивното учество во штрајкот, работодавачот е должен да им уплатува придонеси од плата утврдени со посебните прописи за најниската основица за плаќање на придонесите.

На обуката се опфатија и прашањата за додатокот за работен стаж, за разликата меѓу прекувремена работа и продолжена работа, како и за евиденцијата и за плаќањето на прекувремената работа. Исто така, судијата Зиков говореше и за прашањата поврзани со работното време, паузите и годишниот одмор во нетипични ситуации, посебно во ситуации при краткотрајни вработувања, при работа од дома и при промена на работодавач.

akad 4

Полното работно време не смее да биде подолго од 40 часа неделно и тоа по правило трае пет работни дена. Со закон или со колективен договор може да се одреди полно работно време за работно време кое е пократко од 40 часа неделно, меѓутоа на помалку од 36 часа неделно. Работодавачот, истакна судијата Зиков, е должен да води евиденција за полното работно време.

akad 4

На обуката се дискутираше и за отсуството од работа поради бременост, раѓање и родителство. Работничка за време на бременост, раѓање и родителство има право на платено отсуство од работа во траење од девет месеци непрекинато, а доколку роди повеќе деца одеднаш (близнаци, тројка и повеќе) – 15 месеци. Работничката ако сака може да се врати на работа и пред истекот на отсуството, но не и пред 45 дена од раѓањето на детето.

Воедно, на денешниот практично-едукативен настан стана збор и за утврдувањето на правилата во колективен договор, за можноста за надомест наместо годишен одмор, за користење неплатено отсуство, како и за мирување на работниот однос на работник. Понатаму, преку примери од судската пракса, судијата Зиков ги предочи случаите на престанување на важноста на договорот за вработување врз основа на судска пресуда.

akad 4

„Ако судот донесе одлука со која е утврдено дека на работникот незаконски му престанал работниот однос, работникот има право да се врати на работа по правосилноста на одлуката, ако го бара тоа. Покрај враќањето на работа, работодавачот е должен на работникот да му ја исплати бруто-платата која би ја земал кога би бил на работа, во согласност со закон, колективен договор и договорот за вработување, намалена за износот на приходот кој работникот го остварил врз основа на работа, по престанокот на работниот однос. Работникот кој го оспорува отказот може да бара судот, привремено, до завршувањето на спорот, да нареди негово враќање на работа“, истакна судијата Зиков.

akad 4

Учесниците на обуката коментираат дека голема предност на обуката во организацијата на Академик е можноста на јасен начин да дознаат многу за практичните аспекти на низа прашања од областа на работните односи.

„Атмосферата на обуката е многу пријатна. Голема предност е што може непосредно да се слушнат видувањата и толкувањата на еден од најпознатите познавачи на трудовото право кај нас – судијата Санде Зиков. Понесуваме едукативно искуство кое несомнено ќе има голема примена низ нашата пракса“, коментираат учесниците на обуката.

„Ми се допадна обуката бидејќи убаво се образложи темата. Во таа насока, обуката многу ќе ни користи од практичен аспект, што всушност е и целта на организирањето на еден ваков настан, а тоа е практично да се применат едукативните сознанија“, адвокат Наташа Попова-Алебиќ и Анастазија Саздовска  од Адвокатското друштво „Поленак“.

„Добра е обуката. Моите коментари се само позитивни. Се разгледуваат многу прашања областа на работните односи и како да се применат законските решенија од оваа област“, Елиза Ѓорчева од Научна установа „Стоби“.

„На обуката се говори за многу актуелни прашања кои се однесуваат на законската регулатива за работните односи и воопшто за трудовото право. Презентацијата на судијата е јасна и содржајна и задоволни сме од текот на обуката“,  Иван Ангеловски од Општина Куманово.

„Супер е обуката. Предност е што во текот на обуката им се посветува внимание на присутните учесници и што има интерактивна дискусија“, адвокат Марија Стојановска од Адвокатското друштво  „Бона фиде“.

„Одлична е обуката, би бил мојот коментар за денешниот настан кој беше одлично конципиран и кој беше поткрепен со мошне корисно излагање од страна на судијата Зиков“, Томче Бабуновски од Адвокатската канцеларија Ѓоко Гажоски.

„Многу сум задоволен од обуката. Се зборуваше за прашања за кои постојат дилеми во практиката, па еве тука сме заедно со судијата и со колегите да ги појасниме нештата во тој поглед со цел доследно да се применат прописите од областа на работните односи“, Веле Ангелковски од Општата болница „Д-р Ферид Мурад“ Гостивар.

„Голема предност на оваа обука е што има јавна и интерактивна дискусија, се поставуваат прашања и се добиваат одговори. На обуката се опфатија сите суштински прашања кои наметнуваат дилеми во практичното работење, а кои се однесуваат на примената на Законот за работните односи“, Бранислава Булукова од „Винер лајф“.

„Предност на обуката е што директно можат да се слушнат мислењата на судијата Санде Зиков, кој на корисен начин ја образложи темата на обуката Работни односи – исплата на плата, годишен одмор во нетипични ситуации, комуникација со работници за годишен одмор и право на додаток на плата“, Кристина Илијоска, ЈЗУ ГОБ „Осми септември“.