/ Прочитано:

4.067

Академик одржа практична обука за студенти на теми од областа на работните односи

Академик продолжува со практичните обуки за студенти. Овој циклус обуки се фокусира на прашања од областа на трудовото право, со посебен акцент  на договорите за работа.

На вчерашната прва обука за работните односи, на која предавач беше адвокатот Јане Илијески,  се говореше за формата и за содржината на договорот за вработување. Во таа насока, Илијески во своето предавање и во практичната презентација се осврна на прашањето за поимот и карактеристики на работниот однос и на прописите кои се применуваат на работниот однос.

Во врска со договорот за вработување, на обуката се анализираа прашањата за формата на договорот за вработување и неговите задолжителни елементи, потоа за последиците од непочитување на обврските од договорот, за формата и за содржината на договорот, како и за факултативните елементи на договорот за вработување.

На обуката стана збор и за најчестите спорови што произлегуваат од работен однос, а се одржа и практичен дел за составувањето на договор за вработување, за кој адвокатот Илијески нагласи дека е клучниот домен во кој младите студенти и правници треба да го оформат своето знаење.

Познавањето на проблематиката на работните односи, беше подвлечено на обуката, е неизоставен дел од кариерата на еден правник и од тие причини ваквиот тип обуки се од исклучителна важност за практичната правничка едукација.

Студентите истакнаа дека за прашањата од областа на трудовото право и работните односи потребна е солидна подготовка бидејќи се работи за област што е поврзана како со пазарот на трудот така и со тековното работење на субјектите од приватниот и јавниот сектор, но и со почитувањето на работничките права.

Несомнено, нагласија студентите, на оваа обука на најдобар можен начин се објаснија суштинските аспекти на работниот однос и прописите и актите од областа на работните односи.

„Предавањето беше одлично и со многу практични примери. Ова беше супер обука за студентите и за нивното практично образование. Се говореше за многу прашања и дилеми кои се појавуваат во праксата, за што беа пренесени и многу искуства од областа на правосудната практика“, истакнаа Марија Стојковска, Тамара Стоилковска и Блаже Ајтов.

На обуката, посочија Доротеја Михајловска, Гента Речи и Александра Петреска, исцрпно се дискутираше за најзначајните прашања од областа на работните односи, но стана збор и за најавените измени на Законот за работните односи.

„Практичниот дел ја заокружи тематската целина на обуката. На овој дел имавме можност да составиме договори за вработување и тоа го направивме успешно“, истакнаа  Александра Крстева и Кристина Лаброска.

Линдим Дибра, Илир Мусаи и Димитар Димоски рекоа дека обуката им овозможила практично да ја согледаат материјата на работните односи и да дискутираат за сите прашања кои се од значење за примената на трудовоправните прописи, но и да се запознаат со правната литература на Академик од областа на трудовото право и да се консултираат со неа.

Утре ќе се одржи и вториот дел на практичната обука, овој пат посветена на видовите договори за вработување, договорот за вработување наспроти други договори за ангажирање лица. Како и на првата обука, и утре е предвиден практичен дел за изработка на соодветен договор според дадени конкретни случаи.