/Прочитано:

1.298

Академик одржа уште една обука за повеќе актуелни теми од областа на катастарот

Поради големиот интерес, Академик повторно одржа обука за повеќе актуелни теми од областа на катастарот и градежното земјиште, на која предавачи беа директорот на Агенцијата за катастар на недвижности на Република Македонија, Борис Тунџев и државни советници од Агенцијата.

На обуката предавачите детално се осврнаа на прашањата за уредувањето на градежното земјиште, за постапките за легализација, за запишувањето права врз инфраструктурни објекти и за градењето стабилни инфраструктурни проекти.

За актуелните теми на обуката се разви плодна интерактивна дискусија и се елаборираа бројни примери од практиката што ги посочија учесниците.

На одличната обука, коментираат учесниците, се разјаснија сите дилеми што се јавуваат во практичното работење, што ќе придонесе за надминување на проблемите со кои се соочуваат субјектите во сите области поврзани со катастарот.

„За темите кои се однесуваат на геодезијата, правото и законодавството во делот на катастарот неопходни се обуки на кои јасно и прецизно ќе се образложат нормативните и процедуралните аспекти на градежното земјиште, легализацијата, сопственоста и инфраструктурата. Токму таква беше оваа обука, на која можеа да се слушнат корисни предавања. Исто така, обуката имаше одлична организација и многу интерактивност и разменување на мислења, совети и предлози“, коментираат учесниците на обуката.

Јелена Јакимовска нагласува дека целта на обуката била исполнета, а адвокатот Мислим Дачи посочува дека предавачите биле добро подготвени.

Анжелика Милошевска и Катерина Коршул од „Адора инженеринг“ велат дека предавачите одлично го пренеле своето знаење, додека пак Добрила Стоименова од Општина Радовиш и Томи Илиевски од ЕВН истакнуваат дека обуката била добро организирана со соодветни и добри предавања.

„Обуката во целост ги исполни моите очекувања“, вели Сашо Мојсовски од АД за изградба и стопанисување со станбен и деловен простор од значење за Републиката.

„Одлично спроведена обука. Предавачите, исто така, беа одлично подготвени и дадоа одговори на некои дилеми и во однос на некои прашања“, истакнува Ангела Чичевалиева од Општина Велес.

„Потребно е и понатаму да се организираат вакви обуки кои ни се потребни за понатамошното работење“, нагласува Гани Фетаи од Општина Желино.

„На обуката имаше одлично, концизно и практично излагање на предавачите“, вели Димче Атанасовски од Општина Велес.