/ Прочитано:

1.787

АКЦИЈА ПРОТИВ ДАНОК ПЛУС: Истражување за новините во примената на Законот за ДДВ

Денеска во организација на Центарот за правни истражувања и анализи, Институтот за демократија „Социетас цивилис“ и Центарот за економски анализи беше промовиран документот за јавни политики „Новини во примената на Законот за ДДВ и нивното влијание на работата на граѓанските организации – Дали физичките лица се ДДВ-обврзници?“.

Денешниот настан со поздравно обраќање го отворија Ивана Најдоска од Институтот за демократија „Социетас цивилис“ – Скопје и Никола Јовановски од Центарот за правни истражувања и анализи,  кои го истакнаа значењето на документот за јавни политики во поглед на новините во примената на прописи од даночното законодавство  и дилемите што се појавуваат низ практиката.

Проектот „Акција против данок плус“ беше претставен од Оливер Митов од Центарот за правни истражувања и анализи, додека пак поконкретно документот за јавни политики  го презентираа правните истражувачи Елена Георгиевска и  Гоце Коцевски, кои се и автори на истражувањето.

„Данокот на додадена вредност е најзначаен извор на приходи во Буџетот на РМ, кој учествува со речиси половина од вкупните даночни приходи. Приходите од овој данок се двојно поголеми од приходите од акцизи и тројно поголеми од приходите од даноците на доход и добивка. Поради тоа неговото прибирање и администрирање е од особено значење за јавните финансии и даночните власти. Оттука, донекаде може да се разбере намерата на Управата за јавни приходи, содржана во информацијата од јануари 2018, со која на општ начин се повикуваат сите физички лица кои вршат дејност и кои оствариле промет над 1.000.000 денари да се регистрираат како ДДВ-обврзници. Поголем број на ДДВ-обврзници значи и повисоки приходи од овој данок во државниот буџет“, посочуваат авторите во истражувањето.

Сепак, иако при креирањето и спроведувањето на даночната политика најважна цел е прибирањето на јавните финансии, тие имаат значителна функција и во однос на економската и социјалната политика.

Политиките што се креираат треба особено да бидат во линија на основните начела за добро владеење: транспарентност и отвореност, ефективност и ефикасност; усогласеност и отчетност, кои се впрочем и основните начела на процесот за процена на влијанието и низата на активности кои тој ги бара да се спроведат.

Неспорно е дека физичките лица можат да вршат најразлични видови дејност со кои остваруваат надомест, а кои се несомнено од стопанска природа (пр. консултантски, адвокатски, ИТ, ревизорски, сметководителски, продуцентски, преведувачки, инженерски итн.).

Компаративните искуства и европските стандарди се едногласни во оцената дека овие лица, со надминувањето на прагот на регистрација, треба да бидат регистрирани ДДВ-обврзници. Но од друга страна, постојат одредени дејности кои ги вршат физички лица и кои не ги исполнуваат условите за да се квалификуваат како „стопанска дејност“, но поради општиот начин на уредување во ЗДДВ и отсуството на разработување на неговите одредби во подзаконски акти даночните власти можат да ги квалификуваат како такви (научната и уметничка дејност за нестопански цели, авторски договори во кои не се отстапуваат или пренесуваат авторските права, дејности во коишто крајниот корисник не е определен или определив, дејности коишто се спроведуваат еднократно, членство во управни и надзорни тела, обезбедувањето услуги на социјална заштита од физички лица итн.).

Широкото толкување на овие одредби од ЗДДВ, се вели во истражувањето, ќе има негативни импликации врз засегнатите физички лица. Најпрвин на овие лица ќе им се наметнат обврска и трошоци за континуирано водење на сметководствена евиденција и редовно поднесување на даночни пријави и извештаи за период од пет години, независно од обемот на прометот и услугите кои ги обезбедуваат и надоместокот што го добиваат.

Понатаму, тие ќе треба да издаваат фактури и да го наплаќаат ДДВ од лицата на кои им ги вршат услугите, што е неприменливо, особено за членовите на управните и надзорните одброи. Наплаќањето на ДДВ ќе го зголеми износот на надоместокот за услугата што ја даваат, со што може да се влијае негативно на лицата кои имаат потреба од услугата.

„Сосема разумно е да се очекува дека физичките лица, за да го задржат интересот од нивно ангажирање, ќе го задржат истиот износ на надоместокот, а ДДВ ќе го плаќаат од вкупниот износ, со што даночниот товар ќе прејде на нив, а не на крајниот корисник, што е спротивно на целта на ДДВ. Земајќи ја предвид и обврската за плаќање на персонален данок на доход, вкупниот даночен товар во овој случај може да достигне 26,2%. За крај, право на одбивка на претходниот данок ќе биде речиси невозможно да се стекне заради спецификите на овие дејности, односно нејасно е кои добра и услуги ќе се сметаат користени заради вршење на дејноста“, се нагласува во истражувањето.

Во однос на работата на граѓанските организации, широкото толкување на овие одредби ќе има ограничено влијание. Цената на чинење која граѓанските организации ја плаќаат на лицата кои ќе бидат регистрирани како ДДВ-обврзници ќе се зголеми за стапката на ДДВ, но од друга страна, земајќи предвид дека поголем дел од средствата на овие организации се од странски донатори и се ослободени од ДДВ, товарот би бил незначителен.

М.В