/ Прочитано:

2.696

АКРМ одржа состаноци со големи компании доверители во врска со примената на ЗПП и законите за нотаријатот и за извршување 

По барање на Адвокатската комора на Република  Македонија (АКРМ) одржани се состаноци со големи компании доверители во врска со примената на Законот за парничната постапка, Законот за нотаријатот и Законот за извршување во постапките за присилна наплата на побарувањата по основ на долг што ги водат овие и други доверители пред судовите, пред нотарите и пред извршителите во Република Македонија, информираат од АКРМ.

„Имено, во праксата на работењето на одредени доверители забележано е постапување спротивно од утврденото согласно Законот за парничната постапка, Законот за нотаријатот и Законот за извршување, особено во делот каде што доверителите за наплата на своите тужбени побарувања (кај нотар, извршител или во суд) користат услуги на т.н. Агенции за наплата, кои во суштина се правни субјекти регистрирани согласно Законот за трговските друштва и кои согласно Законот за парничната постапка, Закон за нотаријатот и Закон за извршување немаат надлежност да застапуваат странки пред судовите, нотарите и извршителите во Република Македонија. Тоа значи дека тие преземаат дејствија на пружање правна помош со надомест без законски основ, што по дефиниција претставува надриписарство кое е казниво согласно Кривичниот законик на Република Македонија“, велат од АКРМ.

„Во разговорите од страна на претседателот на Адвокатската комора на Република  Македонија,  Љубомир Михајловски, и Жана Кузмановска, член на Управниот одбор на Комората, укажано е дека ангажирањето на овие правни субјекти за наплата на побарувањата и преземањето на мерки од нив претставува надриписарство, дотолку повеќе што овие фирми не се надлежни според позитивни законски прописи во Република Македонија да опоменуваат тужени странки, да склучуваат спогодби со истите, како и да поднесуваат предлози до нотарите за наплата на долговите. Застапувањето на странките, како и кругот на лицата кои можат да бидат полномошници во постапките пред судовите, нотарите и извршителите се регулирани со одредби во Законот за парничната постапка, Законот за нотаријатот и Законот за извршување, па доколку веќе е започната постапка за присилна наплата кај нотар, суд или извршител не можат т.н. Агенции за наплата да ги застапуваат доверителите во реализација на нивните парични побарувања пред овие институции бидејќи со тоа, спротивно на претходно наведените закони, ја узурпираат надлежноста на овластените полномошници и неовластено пружаат правна помош  за соодветна награда, со што го исполнуваат битието на кривичното дело надриписарство“, додаваат од Комората.

Целта на Адвокатската комора на Република Македонија е преку работни средби со т.н. големи доверители кои ќе се одржуваат и во иднина да им укаже на ваквата состојба заради доследно применување на одредбите на Законот за парничната постапка, Законот за нотаријатот и Законот за извршување во делот на овластените лица за застапување во постапките за присилна наплата на побарувањата, бидејќи во спротивно адвокатската фела ќе преземе законски мерки за спречување на ваквата појава.

М.В