/ Прочитано:

2.292

АКРМ СО БАРАЊЕ ДО ВЛАДАТА И ДО МИНИСТЕРСТВОТО ЗА ПРАВДА:  Активно да бидеме вклучени во подготовката на измените на законите за нотаријатот и за извршување

Адвокатската комора на Република Македонија денеска достави барање до Владата на РМ, претседателот на Владата, Зоран Заев, и до Министерството за правда, министерката Рената Дескоска за активно вклучување на Адвокатската комора во процесот на донесување на измените на Законот за нотаријатот и на Законот за извршување уште во фазата на подготовка на измените, односно пред предложените измени да бидат доставени во собраниска процедура.

БАРАЊЕТО НА АКРМ ИНТЕГРАЛНО:

Почитувани,

Адвокатската комора на Република Македонија преку средствата за јавно информирање е известена дека во тек се изготвувања на законски измени на Законот за нотаријатот и на Законот за извршување.

Бидејќи во споменатите закони има одредби со кои се одредуваат права и должности на адвокатите во Република Македонија, бараме да бидеме активно вклучени во процесот на донесување на измените на наведените закони. Ова, сè со цел да се изготват квалитетни закони, кои ќе бидат во согласност со Уставот на Република Македонија и другите постоечки закони. Сметаме дека со ваква транспарентност и постапување од ваша страна ќе се постигне крајната цел – измените кои се во фаза на донесување и вградување во споменатите закони ќе бидат применливи во праксата и работењето, кое нешто е од општ интерес за граѓаните на Република Македонија.

Напоменуваме дека е зачудувачки дeка во изминатиот период до Адвокатската комора на РМ не е доставен ниту еден акт за предлог-измените на Законот за извршување и Законот за нотаријатот заради добивање мислење од Адвокатската комора.  Исто така  напоменуваме  дека  Адвокатската  комора  не е поканета на ниту една средба, состанок или дебата на којашто адвокатите ќе бидат во можност да дадат свое мислење и да укажат на позитивните и негативните содржини на измените, а воедно би го дале и своето мислење за уставна и законска валидност на измените.

Поради ваквата состојба, а со повторно продолжување на практиката да се донесуваат закони и измени на закони без притоа да биде повикана Адвокатската комора на РМ да даде свое мислење и сугестии, се предизвикува револт и сомнеж кај сите адвокати во Република Македонија за целите на носење на измените, како и нивната уставност и законитост.

Од сето горе изнесено, бараме да бидеме активно вклучени во процесот на донесување на измените, уште во фазата на подготовка на измените, односно пред предложените измени да бидат доставени во собраниска процедура.

М.В