/ Прочитано:

1.824

АКРМ со реакција до Собранието и до Владата за дополнетиот предлог на Законот за отпишување на камати за наплата на долгови

Адвокатската комора на РМ на 24.10.2018 година достави реакција до Собранието на Република Македонија – претседател на Собранието, Талат Џафери, Законодавно-правна комисија, Комисија за финансирање и буџет, до Владата на Република Македонија – претседател на Владата, Зоран Заев и до Министерството за правда на РМ – министер Рената Дескоска, со цел истакнување на незаконитости на дополнетиот предлог на Законот за отпишување на камати за наплата на долгови кои произлегуваат од услуги од вршители на комунални дејности, телефонија, мобилни и кабловски оператори, радиодифузна такса, одржување на заеднички простории, наводнување и одвојување на земјоделско земјиште

Реакцијата, потпишана од претседателот на АКРМ, Љубомир Михајловски, ја пренесуваме интегрално:

„ПРЕДМЕТ: Истакнување на незаконитости на Дополнетиот предлог закон за отпишување на камати за наплата на долгови кои произлегуваат од услуги од вршители на комунални дејности, телефонија, мобилни и кабловски оператори, радиодифузна такса, одржување на заеднички простории, наводнување и одвојување на земјоделско земјиште

Почитувани,

Во изминатите денови на веб страната на Собранието на Република Македонија објавен е Дополнет предлог закон за отпишување на камати за наплата на долгови кои произлегуваат од услуги од вршители на комунални дејности, телефонија, мобилни и кабловски оператори, радиодифузна такса, одржување на заеднички простории, наводнување и одвојување на земјоделско земјиште.

Со новиот предлог во член 7 се предлага да висината на наградата и надоместокот на процесните трошоци за работата на адвокатите се намалат за 80% од нивните предјавени и утврдени трошоци. Овие предлози за измени на закони  не  се  доставуваат  на  мислење на Адвокатската комора на РМ.  Ваквото постапување е само продолжување на досегашната практика да се предлагаат и носат закони кои ги засегнуваат адвокатите а за тоа да не се бара мислење и активно учество од наша страна.

На ваквата појава сме укажувале повеќе пати писмено до сите релевантни фактори и институции, па оттаму зачудува како е можно и овој пат да продолжите со ваква пракса. Поради ова приморани сме и овој пат писмено да ви се обратиме и да ви укажеме дека ваквиот предлог закон е во спротивност со Уставот на Република Македонија, другите позитивни закони, а исто така е контрадикторен самиот на себе.

Имено, заради подетално и целосно информирање и запознавање околу поединостите на незаконскиот Дополнет предлог закон, ве информираме заради Ваше запознавање, и тоа:

Во собраниска процедура (второ читање) се наоѓа Дополнет предлог закон за отпишување на камати за наплата на долгови кои произлегуваат од услуги од вршители на комунални дејности, телефонија, мобилни и кабловски оператори, радиодифузна такса, одржување на заеднички простории, наводнување и одвојување на земјоделско земјиште. Содржината на овој Дополнет предлог закон во целина е нејасна, многу конфузна, во суштина неприменлива во реалноста, но во исто време, може да предизвика многу нејасна позиција на доверителите при присилната наплата на своите побарувања, создавање на правна несигурност и правен релативизам во цела структура на дејности кои се опфатени со Законот, а кои во делот на дејностите на електричната и топлинската енергија, мобилната телефонија и кабловските оператори се извршуваат од приватни компании кои инвестирале во Република Македонија поради нивното уставно гарантирано право на приватна сопственост. Во начело, овој Дополнет предлог закон врши ограничување на правото на приватна сопственост во делот на правото за наплата на утврдените побарувања. Во овој дел, ваквиот Дополнет предлог закон е во судир со други закони, но и со Уставот на Република Македонија, бидејќи правото на приватна сопственост е гарантирано со Уставот и не може да биде ограничено, особено во делот на правото на утврдените побарувања кон своите должници.

Во член 7 став 1 и 2 утврдена е висината на наградата и надоместокот на трошоците на извршителите, нотарите и адвокатите за сите доверители како во државна така и во приватна сопственост. Притоа, извршните трошоци за работата на извршителите и адвокатите и процесните трошоци за работата на нотарите и адвокатите не може да надмине 20% од нивните предјавени и утврдени трошоци. Се работи за голема штета која пред се ќе ја претрпат доверителите, бидејќи се работи за стари долгови заклучно со јули 2011 година кои за да станат правосилни и извршни предметите, доверителите веќе ги платиле трошоците. Особено трошоците сторени пред нотарите мораат да бидат платени па потоа предметот да стане правосилен и извршен, што значи дека овие трошоци во голем дел се веќе платени на нотарите, па доколку сега, речиси 8 години потоа на веќе платените целосни трошоци на доверителот му се дава право да наплати само 20% од истите, тоа за него претставува голема финансиска штета која ќе предизвика импликации во деловната политика на компаниите од овие области, но во исто време и преиспитување на нивните инвестиции во Република Македонија, бидејќи при плаќање на овие трошоци, но и при издавањето на сметки/фактури до должниците, доверителите веднаш плаќаат данок во вкупна висина според пропишаната даночна стапка. Од друга страна, со намалувањето на веќе утврдените трошоци на адвокатите, нотарите и извршителите, доверителите се по автоматизам во загуба од цели 80%, доколку веќе ги платиле истите.

Согласно член 4 став 3, доверителите во приватна сопственост можат доброволно да одлучат за отпис на камата на побарувања со носење на интерна одлука од страна на органите  за управување. Но во членот 7 од Законот не е предвидено дека доверителите во приватна сопственост можат да донесат интерна одлука од органите за управување за наплата на 20% од трошоците од вкупната утврдена вредност за нотарски, извршни и адвокатски трошоци, туку таа одредба ги опфаќа како доверителите во државна сопственост така и доверителите во приватна сопственост,  спротивно на Уставот на РМ, каде што е предвидено дека приватната сопственост е неприкосновена.

Во контекст на ова, предвиденото намалување на трошоците за адвокатите во овој Дополнет предлог закон е спротивно на Законот за адвокатура, според кој тарифата според која работат адвокатите ја носи Адвокатската Комора на Република Македонија и истата не може да биде ограничена со друг закон. Во таа смисла, овој Дополнет предлог закон е во спротивност со член 53 од Уставот на Република Македонија, каде адвокатурата е дефинирана како независна и самостојна служба која врши јавни овластувања во согласност со закон. Бидејќи законот кој го регулира работењето на адвокатите е Законот за адвокатура, па затоа овој закон всушност ја нарушува уставно гарантираната самостојност и независност на адвокатурата, бидејќи со него се врши упад во надлежностите на адвокатурата како фела организирана во Адвокатска Комора на Република Македонија во согласност со Законот за адвокатура и Уставот на РМ.

Во членот 3 од Дополнетиот предлог закон како услов за отпис на камата е предвидено плаќање на главен долг, судски, нотарски и извршни трошоци, а не е предвидено плаќање на адвокатските трошоци. Во предлогот од друга страна пак, во членот 7 спротивно на членот 3 е предвидено плаќање на само 20% од утврдените адвокатски трошоци. Од ова е повеќе од јасно дека Дополнетиот предлог закон е самиот на себе контрадикторен и предизвикува правна конфузија и забуна.

Адвокатска Комора на Република Македонија, укажува дека со Предлог на  Законот требаше да се отпишат само каматите на паричните побарувања и каматите на трошоците на доверителите кои се во државна сопственост, а не да се отпишат трошоците на доверителите во приватна сопственост кои трошоци во најголем дел се платени во постапките од страна на доверителите, поради што со овој Предлог закон се нанесува директна штета на доверителите кои вложиле приватен капитал во РМ и не можат во целост да ги наплатат веќе платените трошоци во постапките.

Напоменуваме дека Адвокатската комора на Република Македонија немаше забелешки на првичниот предлог закон за отпис на камати, но сега реагира со несогласување на Дополнетиот предлог закон за отпишување на камати за наплата на долгови кои произлегуваат од услуги од вршители на комунални дејности, телефонија,  мобилни  и кабловски  оператори,  радиодифузна  такса, одржување  на заеднички простории, наводнување и одвојување на земјоделско земјиште, а заради веќе посочените правни незаконитости, начинот на носењето, како и нестручноста и паушалноста при носење на вакви битни закони и дополнувања.

Од тие причини бараме овој Дополнет предлог закон за отпишување на камати за наплата на долгови кои произлегуваат од услуги од вршители на комунални дејности, телефонија, мобилни и кабловски оператори, радиодифузна такса, одржување на заеднички простории, наводнување и одвојување на земјоделско земјиште, да не се прифати, да се повлече од Собраниска процедура, да во иднина се повика Адвокатската комора на Република Македонија на активно учество во носење не само на овој закон туку и на други закони кои што ќе се носат во Собранието и тоа уште во фаза на предлози на нови закони.

На крајот да истакнеме дека Адвокатската комора на Република Македонија во своите редови има многу стручни кадри со долгогодишно правно искуство од областа на повеќе закони, кои практично ги применуваат во текот на своето работење, па би било мудро да сите подносители на закони покрај другите учесници, ја повикаат и Адвокатската комора на РМ да го даде своето мислење. Со учество на Адвокатската комора на Република Македонија би се придонело  носење на квалитетни, правно издржани и применливи закони, во склад со сите други закони и Уставот на Република Македонија, кое нешто во краен случај ќе обезбеди законска, општествена и правна сигурност на граѓаните во Република Македонија.“

М.В