/ Прочитано:

894

Активистка за човекови права депортирана од ЕУ на барање на Полска

Људмила Козловска, претседателка на Фондацијата Отворен дијалог, која се занимава со човекови права во постсоветските региони, и нејзиниот сопруг беа депортирани од Белгија во Украина, на барање на полските власти преку Шенгенскиот информативен систем (СИС).

Причините засега не се познати бидејќи властите во Варшава одбиваат јавно да образложат. Она што е познато е дека Козловска е гласен критичар на владеjачката партија во Полска, Право и правда (ПиС).

„Да, Полската влада ме стави на списокот на Шенгенскиот информативен систем со барање за забрана за влез во ЕУ. Овој чекор е преземен од немоќ, по многу обиди за заплашување и притисок врз нашето семејство и Фондацијата Отворен дијалог. Овој список вклучува посебно опасни криминалци. Очигледно во Полска сега така се перципира несогласувањето“, напиша Козловска на својот фејсбук-профил.

Козловска била спречена да влезе во Белгија во понеделникот и била вратена во Украина. Според активистката, Полската влада не ја образложила својата одлука ниту ја информирала за тоа, и додава дека е во исчекување да ѝ се продолжи престојот во Полска.

„Јас и мојот сопруг очекувавме ваков развој на настаните од 2017 година, кога тој  јавно ѝ се спротивстави на актуелната полска власт, но сакавме да се надеваме дека Полска не паднала на нивото на Казахстан, Русија, Молдавија“, напиша Козловска.