/ Прочитано:

4.333

Американски искуства за транспарентноста на судството – се најавува формирање на Судско-медиумски совет

Во организација на Здружението на судии и со поддршка на Амбасадата на САД, денеска се одржа регионална работилница на тема „Судска транспарентност и евалуација на судиите во светло на реформата во судството“.

На денешната работилница беше нагласено дека судиите и медиумите треба заемно да соработуваат во насока на зголемената транспарентност како еден од клучните фактори за враќањето на довербата во судството. Во таа смисла, постои потреба од формирање на Судско-медиумски совет, по примерот на современите практики во делот на транспарентноста на правосудството.

„Целта на оваа работилница е да се отвори дебата за потребата од унапредување на транспарентноста во судството, како и прашањето за можноста за официјализирање, односно поконкретна соработка со медиумите, како што е формирање на Судско-медиумски совет, кој ќе може да дебатира по заеднички прашања“, истакна претседателот на Здружението на судии на РМ, Џемали Саити, кој нагласи дека е потребно и судиите да се отворат кон медиумите и медиумите да бидат поупатени во однос на  работата на судиите.

Лора Браун, офицер за односи со јавност во Амбасадата на САД во РМ, повика на поголема транспарентност и соработка меѓу судиите и новинарите во однос на проверката на фактите и непристрасно известување.

Рашел Шели Коен, поранешна уредничка на секција при „Бостон хералд“, сега колумнистка за „Бостон глоуб“, на денешниот настан истакна дека отворањето на судовите кон јавноста е добар начин да се зголеми доверба на јавноста кон нив. Во таа насока, Коен ги пренесе своите долгогодишни искуства во врска со медиумското известувања за прашања од областа на правосудството.

Коен своето високо образование по новинарство го стекнува на Универзитетот Темпл во Филаделфија во 1968 година. Од 1970 до 1972 година работи како новинар кој известува за судски предмети за „Ловел сан“, а од 1972 до 1979 година работи за „Асосиејтед прес“.Од 1970 до денес, работи како новинар за „Бостон хералд“. Од 2007 до 2013 година работи како вонреден професор по новинарство на Универзитетот Суфолк во Бостон, Масачусетс, и е член на Судско-медиумското тело при Врховниот суд на Масачусетс.

Познатата американска новинарка и професорка нагласи дека кога се говори за транспарентност и отворање на судовите, тоа подразбира нивно отворање за камери и за секаков вид електронски уреди, за да можат репортерите да „твитаат“ и да пишуваат од судницата.

Говорејќи за Судско-медиумскиот совет чиј член е, Коен истакна дека овој совет ги спојува медиумите и судиите да работат на прашања од заеднички интерес.

„Првата работа што ја направи овој совет е давањето соодветна правна обука на новинарите за да можат да ја покриваат работата на судовите, што е многу комплицирана работа“, истакна Коен.

На денешниот настан говореше и новинарот Васко Попетрески, кој се осврна на прашањето за медиумското известување за судството, додека пак за прашањето за евалуација на судиите во светло на реформата во судството говореа судиите Шпенд Деваја од Врховниот суд на Република Македонија, Зоран Јосифовски од Основниот суд Кавадарци и Љубен Биноски од  Основниот суд Прилеп.

М.В