/ Прочитано:

1.937

Анализа на јавните политики за правата на Ромите во Република Македонија

Хелсиншкиот комитет објави Анализа на јавните политики за правата на Ромите во Република Македонија. Целта на оваа анализа е да даде холистички, сеопфатен и систематичен осврт на регулативата и практиката за инклузија на Ромите во РМ и да обезбеди податоци и докази од кои ќе произлезат конкретни препораки за подобрување на јавните политики за Ромите во областите на социјалната заштита, вработувањето, домувањето, образованието и здравствената заштита. Автори на анализата се Санела Шкријељ, Мерита Кули Елена Димушевска и Зурија Саит.

Потребата од изработка на ваква анализа произлегува, пред сѐ, од фактот што, и покрај имплементацијата на Декадата на Ромите во периодот 2005-2015 и подготовката на нова национална стратегија за Ромите 2016-2020, сепак, според многу анализи на фактичката ситуација, Ромите продолжуваат да бидат најмаргинализираната заедница во Република Македонија.

Покрај здруженијата на граѓани и извештаите на Народниот правобранител, ова го потврдуваат и извештаите на релевантните меѓународни институции, како Комитетот за елиминација на расна дискриминација: „Комитетот посочува на ограничување на основните слободи и права и нивна неефикасна заштита, загриженост и за проблемот со домувањето на Ромите и за лошиот социјален статус.“

Најголем предизвик во остварувањето на правата од социјалната заштита и воопшто сите права кај ромската заедница е проблемот со документи за лична идентификација.

„Според информации на Министерството за труд и социјална политика, околу 700 Роми се соочуваат со овој проблем поради кој од најразлични причини не можат да извршат упис во матичната книга на родени и со тоа се една од најзагрозените категории, кои сè додека не извршат упис или не се реши нивниот статус не можат да остварат ниту едно од правата предвидени со законските можности што ги нуди државата. Имајќи предвид дека државата не располага со официјални бројки за лица без документи (таканаречени фантоми), Министерството за труд и социјална политика, во координација со Управата за водење на матични книги, покрена иницијатива за јавен повик со кој ќе се повикаат сите лица кои не се регистрирани во матичната книга на родени да поднесат барања до Управата за дополнителен упис, со што Македонија ќе располага со официјални бројки и истовремено ќе има увид за каков вид предмети се работи“, се вели во Анализата.

Дополнително, доставена е информација до Владата на РМ за иницијатива за изменување и дополнување на Законот за вонпарнична постапка (да се воведе можност Судот да донесе решение за запишување во матичната книга со цел да се обезбеди идентитет).

Ромските информативни центри имаат значителна улога во подобрувањето на пристапот до права и услуги за ромската заедница. Во моментот функционираат 12 ромски информативни центри во 12 општини и ангажирани се 16 лица.

Ромските информативни центри работат за навремено информирање, советување, упатување и давање на логистичка поддршка на граѓаните во насока на остварување на нивните права и обврски (од областите на социјалната заштита, вработување, здравство, домување и образование, вадење на лични документи и др.).

„Земајќи ја предвид нивната улога, потребно е да се направи трансформација на нивните работни места во редовен работен однос. Истовремено, потребно е зајакнување на капацитетите на вработените во РИЦ-овите во областа на мониторингот, евалуацијата и известувањето“, се посочува во Анализата.

М.В