/ Прочитано:

1.162

Анализа на процесот за процена на влијанието на регулативата на Законот за бесплатна правна помош

Македонското здружение на млади правници ја објави и ја промовираше Анализата за спроведувањето на процесот за процена на влијанието на регулативата на Законот за бесплатна правна помош од страна на Министерството за правда, изготвена во рамките на проектот „Со квалитетен ПВР до подобро законодавство во РМ“, поддржан од Институтот за демократија „Социетас цивилис“ и Центарот за економски анализи, а имплементиран од МЗМП.

ПВР е регулиран со Упатството за начинот на постапување во работата на министерствата во процесот на спроведување процена на влијанието на регулативата и со Методологија за процена на влијанието на регулативата, донесени од Владата на Република Македонија во 2013 година.

Во согласност со Деловникот за работа на Владата на РМ, ПВР се спроведува за сите предлог-закони што се доставуваат на разгледување и на утврдување до Владата, освен за следните: законите за кои се спроведува итна постапка, за законите за ратификација на меѓународни договори, законите со кои се врши терминолошко усогласување со други закони, Законот за Буџетот и Законот за извршување на Буџетот на РМ.

Анализата го оценува постапувањето на Министерството за правда при спроведување на процесот за процена на влијанието на регулативата при подготовката на Законот за бесплатна правна помош. Анализата им посветува внимание како на формалните, така и на суштинските барања што се однесуваат на изработените документи и на темелноста на анализите што се задолжителен дел од ПВР.

Во врска со подготовката на Законот за бесплатна правна помош, од страна на Министерството е оценето дека не се потребни човечки и финансиски ресурси за спроведување на процесот за процена на влијанието на регулативата.

„Од презентираните резултати произлегува дека без претходно планирање и обезбедување конкретно назначени лица и финансиски средства за спроведување на овој процес директно се влијае врз квалитетот на спроведувањето на оваа постапка и врз почитувањето на јасно дадените правила за неа. При повторно разгледување на целокупната постапка поврзана со доработување на Предлог-законот за бесплатна правна помош, потребно е во фазата на планирање да се предвиди обемот на ангажирање на овие капацитети, кое ќе биде засновано врз детална процена и предвидување на трошоците. На овој начин, уште на самите почетоци на процена на влијанието на регулативата ќе се обезбеди дека извесен број лица вистински и целосно ќе се посветат на правилното спроведување на процесот“, се вели во Анализата.

Министерството за правда треба да посвети поголемо внимание на одржувањето на веб-страницата, како и на подобрувањето на алатката за пребарување. Анализата за опис на проблемот е вклучена само во најопшти црти во Нацрт-извештајот и Предлог-извештајот за ПВР. Потребно е доследно почитување на одредбите на Упатството и Методологијата.

„Извештајот за ПВР, во делот за формулирање на целите е направено еднолично презентирање на новото законско решение. Целите треба да бидат конкретни (и да бидат насочени кон специфична област за подобрување), мерливи (односно изразени во квантитет или со утврдени индикатори за мерење на нивниот успех), реално остварливи (дали ресурсите – финансирање, инфраструктурни капацитети, информирање – потребни за имплементација на законот, може да се постигнат) и поврзани со стратешки приоритети и планови на Владата“, се посочува во Анализата, чиј целосен текст може да се погледне на следниот линк.

М.В