/ Прочитано:

21.413

Анализа за платите во јавната администрација: Системот на плати во јавниот сектор е неконзистентен

Во рамките на проектот „Поддршка на македонската парламентарна реформа“, поддржан од Британската амбасада, Фондација за демократија на Вестминстер (Македонија) објави публикација за движењето на платите во дел од институциите во јавната администрација. Автори на анализата  се Петар Трајков,  Сања Трифуновска и Надире Љатифи.

Платите на вработените во јавниот сектор, се вели во анализата, се регулирани фрагментарно ‒ со посебни закони и колективни договори. Законот за административни службеници содржи регулација на платите, додатоците и надоместоците на плати исклучиво за групата административни службеници.

За останатите групи вработени во јавниот сектор, кои го сочинуваат поголемиот број вработени во јавниот сектор, правото на плата е утврдено во посебните закони (на пример, Закон за внатрешни работи, Закон за служба во армијата и др.), додека, пак, компонентите на плата, додатоците и надоместоците, како и начинот на пресметка и нивната висина се регулирани во колективни договори, правилници, одлуки и сл. Од аспект на целокупниот јавен сектор, евидентно е постоењето на неконзистентен систем на плати.

Има диспропорција на висината на платите на вработените, се констатира во анализата, дури и кога вршат ист вид работи и работни задачи. Платите во одредени институции, како што се регулаторните тела, фондовите и 29 јавни претпријатија, се значително повисоки отколку платите на вработените кај буџетските корисници.

„Вака поставениот платен систем создава и тешкотии при управувањето, особено во случаи на зголемување или намалување на висината на платите, што доведува до уште поголема неурамнотеженост. Како последица на ваквиот неунифициран систем се добиваат незадоволство и демотивираност на голем дел од вработените, како и заминување на квалитетните кадри од јавните институции“, се истакнува во анализата.

Движење на платите на административните државни службеници

Според Законот за административни службеници, административен службеник е лице што засновало работен однос поради вршење административни работи во органите на државната и локалната власт и институциите што вршат дејности од областа на образованието, науката, здравството, културата, трудот, социјалната заштита и заштитата на детето, спортот, како и во други дејности од јавен интерес, кои се организирани како агенции, фондови, јавни установи и јавни претпријатија, основани од Република Македонија или од општините и од Градот Скопје.

Административниот службеник, се вели во анализата, може да биде државен службеник, доколку е вработен во органите на државната и локалната власт, и јавен службеник, доколку е вработен во институциите што вршат дејности од областа на образованието, науката, здравството, културата, трудот, социјалната заштита и заштитата на детето, спортот, како и во други дејности од јавен интерес.

Определени прашања во врска со работниот однос на административните службеници во судството и јавното обвинителство, дипломатијата, царинската и даночната администрација, инспекциските служби, државната ревизија и ревизијата на ИПА, регулаторните тела и Народната банка на Република Македонија, целосно или делумно се уредени со посебни закони и колективни договори кои се различни од Законот за административни службеници.

Платата на административниот службеник се состои од основна компонента и исклучителна компонента. Основната компонента на плата ја сочинуваат: дел на плата за степен на образование, дел на плата за ниво и дел на плата за стаж.

Делот на плата за степенот на образование и нивото на кое е распореден административниот службеник се вреднува со соодветни бодови, а вредноста на бодот за пресметување на платите на државните службеници се утврдува со одлука на Владата на Република Македонија или во општините и во Градот Скопје со одлука на Советот на општината, т.е. на Градот Скопје, и тоа за секоја година посебно.

Вредноста на бодот за пресметување на платите на јавните службеници, се истакнува понатаму во анализата, се утврдува со одлука на основачот, на предлог на надлежниот функционер, и може да биде повисока од бодот на државните службеници.

Делот на плата за работниот стаж на административниот службеник се вреднува во износ од 0,5 % од деловите на платата за степен на образование и за ниво. Исклучителната компонента ја сочинуваат: додаток на плата за посебни услови за работа (работа изложена на висок ризик или работа во кабинет), додаток на плата заради приспособување кон пазарот на трудот и/или додаток на плата за ноќна работа, работа во смени и прекувремена работа.

Основната компонента на платата на административните државни службеници (делот на плата за степен на образование и делот на плата за ниво) се движи од 18.893 денари бруто месечна плата за помошно-стручен административен службеник од четврто ниво, до 80.256 денари бруто месечна плата за секретар од прво ниво.

Според податоците, државните секретари (секретар од прво ниво) имаат највисоки месечни бруто-примања (без вклучен додаток за стаж) од 80.256 денари, односно 53.464 денари нето-примања, додека, пак, најниски примања имаат помошно-стручните вработени од четврто ниво, за кои се бара средно образование и кои имаат минимум месечни бруто-примања (без вклучен додаток за стаж) од 18.892 денари, односно 13.148 денари нето.

М.В