/Прочитано:

243

Анализа за правната и институционалната рамка за јавно приватно партнерство во Македонија

Тинк-тенк организацијата „Аналитика“ објави кратка анализа за правната и институционалната рамка за јавно приватно партнерство во Македонија, подготвена од авторката Тамара Мијовиќ-Спасова.

„Кога зборуваме за јавно приватно партнерство, прво би ја анализирале главната цел на ЈПП. Имено, главната цел на ЈПП е вклучување на приватниот сектор во обезбедувањето на јавни услуги, со што улогата на јавниот сектор се менува од сопственик кон купувач и чувар на јавните интереси. Ова се води од верувањето дека јавниот сектор треба да се фокусира на своите основни функции, оставајќи го приватниот сектор да ја извршува ефикасно и ефективно својата сопствена функција. Една од клучните насоки за политика на концептот на ЈПП е желбата за подобрување на националната инфраструктура во земјата и поддршка на јавните услуги, без оптоварување на јавните средства и без потреба од зголемување на даноците“, се вели во анализата „Јавно приватно партнерство во Република Македонија – законска рамка ( I дел)“.

Целосниот напредокот на Македонија во спроведување на ЈПП, се вели во анализата, доби добра оцена во 2012 година. Државата усвои низа закони за концесија, за ЈПП, секторски закони и за јавни набавки за ЈПП и на национално и локално ниво, кои се усогласени со ЕУ-директивите за јавни набавки. Одделението за ЈПП е во Секторот за правни работи во Министерството за економија. Сепак, мало е познавањето на техничките и практичните аспекти на ЈПП во владините институции и ограничено е искуството со управување со ризикот.

Успешни ЈПП беа спроведени во секторите енергетика и транспорт, и државата дозволи учество на приватниот сектор во форма на концесии, дивестиции и гринфилд проекти во неколку сектори. Двата меѓународни аеродроми „Александар Велики” во Скопје и „Св. Апостол Павле” во Охрид се примери на проекти за ЈПП во државата.

Јавното приватно партнерство (ЈПП) може да се дефинира како соработка помеѓу јавниот сектор (централна или локална власт) и приватниот сектор со цел да се обезбеди финансирање, изградба (реконструкција) и одржување на јавна инфраструктура и/или обезбедување на јавни услуги кои се „ексклузивни“ за јавниот партнер.

Целиот текст на анализата на следниот линк.

M.В