/ Прочитано:

4.290

Анализа за зајакнување на можностите за задолжителна одбрана во кривичната постапка

Истражувањето „Анализа за зајакнување на можностите за задолжителна одбрана во кривичната постапка“ има за цел да ја претстави фактичката состојба и да понуди решение за унапредување на системот на задолжителна одбрана со бранител и бранител по службена должност за сиромашните во Република Македонија, во согласност со одредбите од Законот за кривичната постапка.

Автори на анализата се: д-р Гордан Калајџиев, редовен професор на Правниот факултет „Јустинијан Први“ – Скопје и  претседател на Хелсиншкиот комитет за човекови права на РМ, д-р Воислав Стојановски, правен советник во Хелсиншкиот комитет за човекови права на РМ и м-р Андреј Божиновски, правен соработник во Здружението за кривично право и криминологија на Македонија.

Трудот се однесува на неколку клучни теми што се предмет на истражување, а тие се: назначување на бранители по службена должност, исплата на бранителите по службена должност и етаблирање на систем од мерливи критериуми за компетентноста на поставените бранители по службена должност. Секоја од овие теми е важна за реформата на целокупниот систем и за обезбедување гаранција на луѓето што се обвинети и на кои им е потребна правна поддршка.

Вовед

Неминовен чинител во имплементацијата и примената на Законот за кривичната постапка, како и во сите други процесни закони, е одбраната која во изминатиот период се наметнува како значаен фактор во толкувањето на одредбите и насочувањето на другите правосудни чинители при примена на законските одредби.

Донесувањето и примената на Законот за кривичната постапка придонесоа за пoактивно дејствување и на бранителите, во смисла на користење на новите можности за подготовка на одбраната предвидени со законот. Особено беше присутно очекувањето дека со новиот концепт во практиката ќе се истакне улогата на бранителите ангажирани по службена должност и во случаи на одбрана за сиромашни.

Меѓутоа, овие области остануваат сè уште предмет на дискусија и целосна законска измена со претпоставка за засилен проактивен однос од страна на Адвокатската комора во однос на: ажурирање на листите на бранители по службена должност, овозможување транспарентен процес при назначување на адвокати по службена должност, доследна примена на Адвокатскиот тарифник при исплаќање на трошоците на бранителите назначени по службена должност, етаблирање на мерливи критериуми за компетентноста на поставениот бранител по службена должност и изнаоѓање решенија и критериуми преку целосно ревидирање на законските одредби за oдбрана на сиромашни. Во таа насока, треба да се разгледа можноста за формирање економичен систем на јавни адвокати, како и афирмација на pro bono одбраната во кривичната постапка. Ова истражување има за цел да ја претстави фактичката состојба и да понуди решение за унапредување на системот на задолжителна одбрана со бранител и бранител по службена должност за сиромашните во Република Македонија, во согласност со одредбите од Законот за кривичната постапка.

Трудот се однесува на неколку клучни теми што се предмет на истражување, а тие се: назначување на бранители по службена должност, исплата на бранителите по службена должност и етаблирање на систем од мерливи критериуми за компетентноста на поставените бранители по службена должност. Секоја од овие теми е важна за реформата на целокупниот систем и за обезбедување гаранција на луѓето што се обвинети и на кои им е потребна правна поддршка. Резултатите од ова истражување на застапувањето во кривичната одбрана покажаа дека обвинетите на кои им е доделен бранител по службена должност или врз основа на сиромашно право се соочуваат со сериозен предизвик при обезбедувањето на квалитет во пристапот до правдата.

Во согласност со препораките на оваа анализа, неопходно е да се идентификуваат најважните прашања што влијаат врз воспоставувањето и функционирањето на транспарентен систем на одбрана по службена должност – особено во областите на назначување бранител по службена должност, определување и исплата на надомест на вклучените адвокати, етаблирање на систем на мерливи критериуми за потребни компетенции за да можат адвокатите да им обезбедат ефективна одбрана на обвинетите и можности за поставување на алтернативни модели во одбраната по службена должност.

На нормативен план, во согласност со одредбите од чл. 74 и 75, се обезбедува правна помош на сите лица обвинети за одредени кривични дела, кои не се во можност да платат адвокат. Сепак, добиените резултати покажуваат дека обвинетите се соочуваат со сериозни проблеми при обезбедување на соодветен пристап до правда, особено во случаи на одбрана за сиромашни. Како најбитни проблеми при обезбедување на соодветна одбрана по службена должност се посочуваат: 1) недостатокот на транспарентност при назначување на адвокати по службена должност; 2) несоодветен надомест на назначените адвокати и 3) компетентноста на назначените бранители по службена должност при обезбедувањето на квалитетна одбрана на обвинетите.

Основната претпоставка на ова истражување е дека постојат определени проблеми и можности за унапредување во функционирањето на системот на одбрана по службена должност и одбрана за сиромашни што значително ја нарушува ефикасноста и што понатаму влијае врз обезбедувањето на ефективна одбрана на обвинетите во кривични постапки…

Целосниот текст на трудот може да се погледне на овој  линк.

(М.В)