/ Прочитано:

3.544

Анализата на клиентот според Законот за спречување на перење пари и финансирање тероризам

Со новиот Закон за спречување на перење пари и финансирање тероризам се уредуваат мерките, дејствијата и постапките кои субјектите и надлежните органи и тела ги преземаат заради откривање и спречување на перење пари, поврзани казниви дела и финансирање тероризам, како и работењето и надлежностите на Управата за финансиско разузнавање.

Според законот, субјекти се лицата што имаат обврска да ги преземаат мерките и дејствијата за откривање и спречување на перење пари и финансирање тероризам. Една од мерките и дејствијата за откривање и спречување на перење пари и финансирање тероризам е и анализата на клиентот.

Во кои случаи се врши анализа на клиентот?

Субјектите се должни да спроведуваат анализа на клиентот во следниве случаи:

а) кога се воспоставува деловен однос со клиентот;

б) кога се извршува трансакција во износ од 15.000 евра или повеќе во денарска противвредност според средниот курс на Народната банка на Република Македонија, без оглед дали трансакцијата се извршува како една операција или неколку операции кои се меѓусебно очигледно поврзани;

в) кога се извршува повремена трансакција која претставува пренос на парични средства во вредност поголема од 1.000 евра во денарска противвредност според средниот курс на Народната банка на Република Македонија;

г) кај игри на среќа во случај на уплата и исплата на добивка, како и при купување или исплаќање на чипови во износ од 1.000 евра или повеќе во денарска противвредност според средниот курс на Народната банка на Република Македонија, без оглед дали трансакцијата се извршува како една трансакција или неколку трансакции кои се меѓусебно очигледно поврзани и кои вкупно достигнуваат вредност од 1.000 евра или повеќе во денарска противвредност според средниот курс на Народната банка на Република Македонија;

д) кога постои сомневање за вистинитоста или адекватноста на претходно добиените податоци за идентитетот на клиентот или вистинскиот сопственик и

ѓ) кога постои сомневање за перење пари или финансирање тероризам, без оглед на каков било исклучок или износ на средства.

Мерки на анализата на клиентот

Во Законот за спречување на перење пари и финансирање тероризам се пропишува дека анализата на клиентот вклучува:

а) идентификација на клиентот и потврдување на неговиот идентитет со користење на документи, податоци и информации од сигурни и независни извори;

б) идентификација на ополномоштувачот и потврдување на неговиот идентитет со користење на документи, податоци и информации од сигурни и независни извори;

в) идентификација на вистинскиот сопственик и преземање соодветни мерки за потврдување на неговиот идентитет, со користење на документи, податоци и информации од сигурни и независни извори, со цел субјектот да е уверен дека знае кој е вистинскиот сопственик;

г) обезбедување информации за целта и намерата на деловниот однос и

д) постојано следење на деловниот однос и на трансакциите кои се остваруваат во рамки на воспоставениот деловен однос, со цел да се осигура дека овие трансакции се конзистентни со профилот на ризик и бизнисот на клиентот, а во случај кога е потребно и утврдување на изворите на средства, при што документите и податоците со кои субјектот располага мора да бидат ажурирани.

Кога клиентот е правно лице или правен аранжман, субјектот е должен да преземе мерки со цел да ја утврди природата на неговата деловна активност и сопственичката и контролната структура.

Субјектите, се пропишува во Законот, ја применуваат секоја мерка од анализата на клиентот, а нејзиниот обем зависи од проценката на ризикот на клиентот.

Субјектите се должни да им ги направат достапни на органите на надзор документите за проценка на ризикот на клиентот, за да потврдат дека утврдениот ризик од перење пари и финансирање тероризам е соодветен и дека обемот на преземените мерки е во согласност со ризикот на клиентот.

Субјектите се должни мерките за анализа на клиентот да ги применат и на постојните клиенти и деловниот однос со нив врз основа на проценка на ризикот, на определен временски период согласно со изготвената проценка на ризикот, земајќи ги предвид претходно спроведената анализа на клиентот и промената на околностите кои се од значење за примена на одредбите од овој закон.

Субјекти што имаат обврска да преземаат мерки за откривање и спречување на перење пари и финансирање тероризам

М.В