/ Прочитано:

1.284

Антикорупциската комисија објави онлајн пријава за незаконитости во изборниот процес

Државната комисија за спречување на корупцијата денеска повика да се пријавуваат случаи на кршење на забраните поврзани со изборниот процес.

Комисија следи дали се почитуваат забраните за постапување на државните органи во изборниот процес и во текот на изборната кампања за претседателските избори и предвремените локални во три општини.

Во таа насока, Комисијата ќе ја контролира и злоупотребата на државни средства и ресурси за потребите на кампањата, а ќе ја следи и законитоста на финансирањето на изборните кампањи.

„Апелираме до граѓаните, медиумите и граѓанските организации да пријават доколку забележат случаи на прекршување на забраните утврдени во Законот за спречување на корупцијата и во Изборниот законик“, истакнаа од Антикорупциската комисија.

Комисијата на својата веб-страница објави онлајн пријава за пријавување сомневања за незаконитости и прекршувања  во изборниот процес и во изборната кампања на претседателските избори 2019 година, како и регистар на возила на државни органи, органи на локалната самоуправа, јавни претпријатија или други правни лица што располагаат со државен капитал.

М.В