/ Прочитано:

2.017

АПЕЛАЦИЈА ЈА ПОТВРДИ ПРЕСУДАТА ЗА „МОНСТРУМ“: Доживотeн затвор за шестмина обвинети

Понеделник, 14 декември 2015 – Апелациониот суд Скопје ја потврди  пресудата на Основниот суд Скопје 1 за случајот „Монструм“ со која шестмина обвинети беа осудени на доживотен затвор, а еден беше ослободен од обвинение. 

„Апелациониот суд Скопје со пресуда КОКЖ.бр.108/14 од 9.10.2015 година, одлучувајќи по жалбите на Јавниот обвинител во Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција Скопје и обвинетите, ја потврди пресудата на Основниот суд Скопје 1 Скопје КОК.бр.80/12; КОК.бр.88/13 од 30.6.2014 година во предметот познат во јавноста како „Монструм“ .

Со цитираната пресуда на Апелациониот суд Скопје по одржаната јавна седница и сеопфатната анализа на доказите и оценка на жалбените наводи, жалбите на обвинетите А.И., А.Д., А.И., Ф.А. и С.Љ. огласени за виновни за кривично дело – Тероризам од член 394-б став 1 од Кривичниот законик, како соизвршители и обвинетиот Х.А. огласен виновен за кривично дело – Тероризам од член 394-б став 1 од Кривичниот законик како помагач, и осудени на казна доживотен затвор изречена од страна на првостепениот суд, се одбиваат како неосновани.

Со одлуката на Апелационот суд Скопје, жалбата на Јавниот обвинител во Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција Скопје, изјавена во ослободителниот дел на првостепената пресуда, со која обвинетиот Р.С. е ослободен од обвинението за кривичното дело -Тероризам од член 394-б став 1 од Кривичниот законик како соизвршител со останатите обвинети, се одбива како неоснована“, се вели во соопштението на Апелација.

Со пресудата од 30 јуни 2014 година на доживотна казна затвор за тероризам беа осудени Алил Демири, Африм Исмаиловиќ, Агим Исмаиловиќ, Фејзи Азири, Хаки Азири и Сами Љута. Единствено петтоoбвинетиот Сејди Рами доби ослободителна пресуда бидејќи Судот не пронашол цврсти докази што посочуваат на негова инволвираност во настанот. Демири и Африм Исмаиловиќ се’ уште не се екстрадирани од Косово.

Цветанчо Ацевски, Кире Тричковски, Александар Наќевски, Филип Славковски и Борче Стевковски беа убиени со вкупно 21 истрел од автоматски пушки и пиштол на 12 април 2012 година, Велики Четврток,  додека ловеа риба кај Смилковското езеро. Според Обвинителството, мотивот за свирепото убиство е предизвикување чувство на страв и несигурност кај  македонското население.

>> (ФОТО) „МОНСТРУМ“ ПРЕСУДА: Доживотна казна затвор за шестмина обвинети, една ослободителна пресуда  >> Повеќе за предметот информирајте се тука. Е. П.