/ Прочитано:

2.321

АРБИТРАЖАТА Е ОДЛИКА НА ПРАВНАТА КУЛТУРА: На бизнис-секторот му е потребен брз механизам за решавање на споровите

Во Стопанската комора на Македонија се одржа Втората арбитражна конференција „Арбитражата во Република Македонија – предизвици за развој“. На конференцијата беа присутни претставници на повеќе арбитражни институции, бизнис-секторот, арбитри, претставници од адвокатурата, нотаријатот и судовите, домашни и странски експерти од областа на арбитражното право.

На  бизнис-секторот му е потребен брз механизам за решавање на споровите

На Втората арбитражна конференција се говореше за состојбата во арбитражното решавање на споровите во Република Македонија, како и за предизвиците за унапредување и развој на арбитражниот механизам за решавање спорови во нашиот правен систем.

„На динамичниот бизнис-сектор му е потребен соодветен механизам за решавање на споровите, што ќе му овозможи што побрзо да добие наплата на своите ненаплатени побарувања, во што пократок рок, со што помали трошоци“, беше оценето на Конференцијата.

Јаневски: На арбитражата во Македонија ѝ е неопходна популаризација

Според проф. д-р Арсен Јаневски на арбитражата во Македонија ѝ е неопходна популаризација и преку ваквите настани треба да се придонесе за понатамошно актуализирање на арбитражното решавање на спорови во Република Македонија.

Јаневски како претседател на Постојаниот арбитражен суд при Стопанската комора на Македонија, вели дека нивната цел е арбитражата да се применува повеќе затоа што, како што подвлекува, има голем број предности.

„Споровите не траат долго, од 6 до 12 месеци, и она што е најважно е дека се извршени сите одлуки кои досега ги донела нашата арбитража, така што во тој дел имаме ефикасност“, вели професорот, додавајќи дека она што е од големо значење е тоа што одлуките што ги носи македонската арбитража се правосилни и може да се извршуваат и во странство.

Дали арбитражната постапка е поевтина од судската зависи од вредноста на спорот

Според него, не може однапред да се каже дали и колку арбитражната постапка е поевтина од судската бидејќи, како што нагласува, тоа зависи од предметот на спорот, од неговата вредност. ­

„Но, во судските постапки може да има такса за тужба до 1.000 евра, такса за пресуда, за жалба, постапката може да дојде во прв или втор степен, да оди на Врховен суд, па тој да ја укине одлуката, да ја врати на повторно судење“, истакнува  професорот: Тој додава дека арбитражните постапки имаат огромна предност во поглед на експедитивноста, но голема предност е и тоа што арбитражата може да се спроведува на друг јазик што се уредува со договор на странките во спорот.

Професорот Јаневски објаснува дека во Македонија од 1992 година се спроведени 35 спорови со арбитража, а поголемиот дел од нив се со странски елемент и со вредност и до 10 милиони евра. Хрватска е лидер во регионот во овој дел, а нивните спорови кои се решени со арбитражна постапки досега достигнале вредност до 700 милиони евра.

Дика: И во хрватскиот бизнис-сектор луѓето се изненадени  кога ќе слушнат за арбитража

Според професорот Михајло Дика, претседател на Постојаниот арбитражен суд при Стопанската комора на Хрватска, иако Хрватска предничи со арбитражата во регионот, и таму е потребна популаризација на арбитражата. Дика посочува дека во хрватскиот бизнис-сектор сè уште се изненадени луѓето кога ќе слушнат за арбитража. Професорот објаснува дека арбитражата, всушност, е прашање на правна култура.

„Информациите треба да дојдат до оние луѓе што одлучуваат во фирмите, како што се директорите. Тие мора да сфатат до која мера им е важно да ја договараат арбитражата, наместо надлежноста на државниот суд“, советува професорот.

Според Дика, арбитражата не ѝ е конкурентна на адвокатурата затоа што и адвокатите имаат корист од неа бидејќи и тие можат да бидат вклучени во постапките кои пред сè се побрзи и поефикасни.

Состојби, регионални искуства и предизвици

На Конференцијата, низ дискусијата на трите панели за актуелни прашања од арбитражното право,  покрај претседателите на македонската и хрватската арбитража, свои  излагања имаа универзитетски професори, адвокати и арбитри од земјава и од регионот за споровите од областа на интелектуалната сопственост, за патолошките  арбитражни клаузули, за начелата на арбитражната постапка, за трошоците на арбитражната постапка, за поништување на арбитражна одлука, за поведување на арбитражната постапка, како и за регионалните искуства и предизвици.

Постојаниот избран суд – Арбитража при Стопанската комора на Македонија e постојана арбитражна институција основана во согласност со Законот за стопанските комори и Статутот на Стопанската комора на Македонија. Арбитражата при Стопанската комора на Македонија е надлежна за решавање спорови за права со кои странките можат слободно да располагаат и за кои не е пропишана со закон исклучива надлежност на судовите на Република Македонија, доколку странките ја договорат нејзината надлежност. Како институција надлежна за арбитражно решавање на домашни спорови и на спорови со меѓународен елемент, Постојаниот избран суд – Арбитража при Стопанската комора на Македонија функционира од 1993 година.

М.В / veljanoskim@akademik.mk 15.5.2015