/ Прочитано:

1.740

Барањата на УПОЗ во врска со отворените прашања што постојат во јавната администрација

Претседателот на Синдикатот на работниците од управата, правосудните органи и здруженија на граѓани на РМ Пецо Грујовски, генералниот секретар на УПОЗ Трпе Деаноски и претседателот на Одборот на административни службеници Зоран Георгиевски остварија работна средба со министерот за информатичко општество и администрација Дамјан Манчевски.

Синдикатот на работниците од управата, правосудните органи и здруженија на граѓани објавува соопштение во кое, покрај информациите за средбата меѓу претседателот на Синдикатот на УПОЗ Пецо Грујовски и генералниот секретар Трпе Деаноски со министерот на информатичко општество и администрација Дамјан Манчевски, ги наведува отворените прашања што постојат во јавната администрација за кои се потребни решенија:

  • добивање соодветни решенија за степен на кариера и соодветно зголемување на вредноста на бодот на административните службеници;
  • зголемување на платите на административните службеници;
  • заштита на работните места на административните службеници при евентуалното намалување на бројот на вработените;
  • нов начин за пресметување на платите на административните службеници;
  • потпишување на грански колективен договор за административните службеници и другите вработени во државната администрација;
  • измени на Законот за инспекциски надзор и
  • дополнителни измени на Законот за административни службеници.

Во врска со барањата на УПОЗ, од МИОА велат дека, по направената анализа и по заклучокот на седницата на Владата на Р Македонија, се преземени активности во насока на тоа да им биде исплатен степенот на кариера на сите административни службеници кои исполнуваат услови за тоа, а веќе започнатите судски постапки да се завршат со судско порамнувања или со спогодба. Институциите доколку прават притисоци врз вработените и доколку не го исплаќаат степенот на кариера, веднаш да се укаже на тоа до Министерството, за да бидат санкционирани лицата кои го прават тоа. Од УПОЗ посочуваат дека ова било нагласено на средбата на УПОЗ со ресорното Министерство за информатичко општество и администрација.

Од УПОЗ додаваат дека во однос на прашањата за намалување на бројот на административни службеници, кои беа актуелни во изминатиот период, министерот Дамјан Манчевски посочил дека не треба да постои страв од губење на работните места бидејќи МИОА и Владата на Р Македонија остануваат на ставот дека сите вработени во администрацијата ќе ги задржат своите работни места. Во оваа насока, се подготвува детална анализа за бројот на вработени во администрацијата и доколку се утврди дека во одредени случаи постои превработеност, одреден број вработени исклучиво со нивна согласност би биле преземени кај работодавач од реалниот сектор кој би ја гарантирал сигурноста на работното место.

Заеднички став на УПОЗ и МИОА е дека институциите имаат обврска доследно да ја почитуваат одлуката за работното време која беше донесена во полза и за сметка на вработените.

М.В