/ Прочитано:

2.257

Битолските адвокати  го одбележаа Денот на македонската адвокатура 

Битолските адвокати со полагање цвеќе го одбележаа Денот на македонската адвокатура. Адвокатската заедница Битола, како и секоја година, традиционално со полагање цвеќе на бистите на Јосиф Христовски-Ѕвончаро и Коле Канински пред Апелациониот суд го одбележаа Денот на македонската адвокатура, 16 јуни.

Делегација на битолските адвокати положи и свежо цвеќе на почивалиштето на д-р Павел Шатев, прв министер за правосудство на Македонија и иницијатор за основање на Адвокатската комора на Македонија во 1945 година.

Да потсетиме, Коле Канински (1914 – 1944), по дипломирањето на Правниот факултет во Белград, бил адвокатски приправник кај адвокат Воислав Протиќ, а потоа и кај адвокат Александар Костиќ, додека Јосиф Христовски-Ѕвончаро (1914 – 1942) бил студент на Правниот факултет во Белград и учесник во НОБ. Од вкупно 38 адвокати запишани во Именикот на адвокатите за 1945 и 1946 година, во Битола адвокатски канцеларии отвориле вкупно 10.

Бистите на првоборците и адвокатски приправници се донирани од Адвокатската комора на градот Битола во 1981 година и тоа на Јосиф Христовски-Ѕвончаро и на Коле Канински пред Апелациониот суд во Битола.Традицијата на полагање цвеќе на бистите битолските адвокати ја практикуваат од 1981 година без прекин.

М.В