Белград, прекрасно место за умирање: Зошто клинците, со гас до даска, јуришаат во смрт?

На Ада Хуја, пред магливата зора, кога ноќта црна се повлекува и се наѕираат првите отсјаи на новиот ден, тројца млади останаа засекогаш заробени во спортскиот „бе-ем-ве“, што без траги на кочење јурна во Дунав. Еден од загинатите беше заклучен во гепекот! Едно од момчињата кое што се извлече, кршејќи го прозорецот со раме, е син на познатата новинарка, Оља Беќковиќ.

Како да ги наречеме? Клинци, момчиња или младичи? Кои се тие? Клинки, девојки или женски? Девојчето што се удави во „бе-ем-вето“ на смртта, имаше само 16 години, а на социјалните мрежи веќе беше популарно како омилена хероина на ноќниот живот. Во популарниот речник, нив веќе ги нарекувааат „клаберки“. Бог да чува, клинка од 16 години излегувала до сабајле и закачувала фотки од сплавовите по глобалната информатичка магистрала! Момчето кое што го возеше „бе-ем-вето“ таа ноќ по мрачниот кеј, беше пијано, како и сите останати патници. Младичот кој го возеше „бе-ем-вето“ од сплав до сплав таа ужасна ноќ, сега се наоѓа во затворска болница, во нервно растројство. Веќе се обиде да си ги пресече вените, па сега е врзан за креветот и покрај него дежураат психијатар и полицаец. Момчето има 19 години.

Така гине распуштената белградска младина. Затоа, пред одењето во ноќен живот, родителите ги испраќаат како да одат во војна!

Добро се сеќавам, иако се почесто во походи ми доаѓа извесен господин Алцхајмер, дека, како клинче, седнав во тркачки „Голф ГТИ“. Се случи тоа на летување, во Грција. Беше пладне, бев трезен како Мајка Тереза и совршено сконцентриран на возењето. Лесно притиснав на гасот, небаре го милувам. Ама, машината грмна и „Голфот“ буквално полета. Кога тогаш не завршив со колата в море – богами, никогаш нема!

Тогаш научив дека да се вози снажен и брз автомобил е еднакво на јавање на диви мустанзи и дека тоа може да го прави само добро истрениран каубој. Но, како тоа да и се објасни на пијаната, белградска младеж, главно од поугледни куќи, која, за осумнаесеттиот роденден не добива автомобилчиња, туку, во поголем дел, спортски коли со стотици диви мустанзи, што удираат со копитата под хаубите?

Преполни со адреналин, алкохол и, веројатно, надувани од марихуана, со неизбежните таблетчиња екстази, таквите младичи влегуваат во нивните автомобили, заедно со младите, сплаварски девојки со длабоки деколтеа. Распуштени, диви и полни со пари, таквите момчиња даваат гас до даска, патувајќи од клуб до клуб, од сплав до сплав, јуришајќи во смрт. Така, Белград стана прекрасно место за умирање!

Пред извесно време, на Ада Хуја, пред магливата зора, кога ноќта црна се повлекува и се наѕираат првите отсјаи на новиот ден, тројца млади останаа засекогаш заробени во спортскиот „бе-ем-ве“, што со 110 километри на час, без траги на кочење, јурна во Дунав. Еден од загинатите беше заклучен во гепекот! Едно од момчињата кое што се извлече, кршејќи го прозорецот со раме, е син на познатата новинарка, Оља Беќковиќ и внук на славниот српски поет и академик, Матија Беќковиќ.

Како да ги наречеме? Клинци, момчиња или младичи? Кои се тие? Клинки, девојки или женски? Девојчето што се удави во „бе-ем-вето“ на смртта, имаше само 16 години, а на социјалните мрежи веќе беше популарно како омилена хероина на ноќниот живот. Во популарниот речник, нив веќе ги нарекувааат „клаберки“. Бог да чува, клинка од 16 години излегувала до сабајле и закачувала фотки од сплавовите по глобалната информатичка магистрала! На закопот на тоа преубаво девојче, венец и носеше осумнаесетгодишниот Вељко, синот на Жељко Ражнатовиќ Аркан и на Светлана Цеца Ражнатовиќ, чија журка за полнолетството, со 600 гости, како што наголемо пишуваат таблоидите, ќе чини 50.000 евра!

Момчето кое што го возеше „бе-ем-вето“ таа ноќ, на мрачниот кеј, беше пијано, како и сите останати патници. Како и она несреќно момче, доброволно заклучено во гепекот! Неговата борба за живот е посебно трагична, зашто се обидувало со нозете да го отвори багажникот. Не успеало. Момчето кое што го возеше „бе-ем-вето“ таа ужасна ноќ од сплав до сплав, сега се наоѓа во затворска болница, во нервно растројство. Веќе се обиде да си ги пресече вените, па сега е врзано за креветот и покрај него дежураат психијатар и полицаец. Момчето има 19 години.

Така гине распуштената, белградска младина. Затоа, пред одењето во ноќен живот, родителите ги испраќаат како да одат во војна. Што сѐ не преземаат мајките и татковците за да го спречат нивното ноќно дивеење. Не вреди да ги затворат децата во кафез. Да им препишат куќен притвор без судење, пак не вреди. Иако, убаво звучи. И, затоа, им попуваат дека мораат добро да размислат кога седнуваат со пијан врсник в кола, зашто поправен испит нема. Онаа секунда на проклетството, што животот го претвора во смрт, а среќата во трагедија, никогаш повеќе не може да се врати. Не постои таков далечински управувач на нашите животи, што ќе ја премота лентата наназад и ќе го сопре „бе-ем-вето“ пред да одлета во матните, дунавски бранови. Речиси еден викенд не поминува, а во утринските вести да не се појави извештај за трагично гинење на млади во смачкани возила, после враќање од луда ноќна забава.

Зошто нашите тинејџери излегуваат во ноќните клубови или на сплавовите дури по полноќ, а се враќаат кога веќе ќе осамне новиот ден? Што ги натерало, на пример, петината млади Белграѓани да седнат во спортскиот „бе-ем-ве“, што го возел младич без возачка дозвола? Во која состојба на свест бил несреќниот младич, кој што се согласил да биде во тоа проклето купе, кога се согласил да го заклучат во гепекот? Добро, биле пијани, неодговорни и распуштени. Ама, какви бевме ние кога бевме млади? Подобри ли бевме, навистина?

Како денес родителите ги советуваат нивните деца да бидат внимателни? Со кои аргументи ги убедуваат да не се опиваат и потоа никако да не влегуваат во брза кола со пијан другар или другарка, кои што даваат гас до даска и заминуваат некаде понатаму во ноќта?

Фронтменот на култниот белградски бенд „Партибрејкерс“, педесетгодишниот Зоран Костиќ, попознат како Цане, за „Политика“ ми даде еден практичен совет и затоа ви го пренесувам, зашто се потсетувам на една ноќ во Скопје, пред десетина години. Та, кај вас, мили мои браќа, никој не застанува на црвено светло и верувам дека, доколку сте родител, веќе го чувствувате ужасот! Жестокиот рокер Цане, кој што со време еволуираше во грижлив родител, на неговиот дваесетидвегодишен син, пред излегување, задолжително му го кажува следново:

– Сине, те молам, чувај се! И, го нагласувам она, „те молам“, зашто децата мора да знаат дека времето не се враќа и дека добро треба да размислат кога седнуваат со некој пијан врсник в кола. Зашто, кога ќе ја изгубиш главата, поправен испит никогаш повеќе нема. Кога ќе му дадете на клинец „бе-ем-ве“, како да сте му дале митралез в раце. Затоа е потребно воведување ригорозни контроли по ноќните клубови, како и сообраќајни контроли по полноќ – препорачува Цане.

Тој веќе беше голема рокенрол ѕвезда во бившата Југа, ама немаше скапа кола, туку како превозно средство ги користеше – „своите нозе“. Можете ли денес да замислите како славен пејач на народни песни, бидејќи рокерите се одамна изумрен вид, се враќа пешки од ноќна забава? Големиот бунтовник Цане, всушност, секогаш се плашел од големи брзини. И не се срами тоа јавно да го каже. Впрочем, тоа значи: што би фалело овие наши деца од сплавовите да се враќаат пешки? Така сите би биле поспокојни.

Што се однесува до достапноста на алкохолот на тинејџерите, законот во Белград е наполно јасен. Во продавниците, секому му е забрането продавање алкохол после 22 часот и ноќната прохибиција важи до 6 часот наутро. Се подразбира дека на малолетниците, во секој дел на денот и ноќта и во сите угостителски објекти, им е забрането продавање алкохол. Но, тоа е само теорија.

И, ноќната прохибиција важи само за Белград. Останатите градови не подлежат на оваа прекрасна рестрикција.

– Не треба да си будала, за да бидеш фраер. Поскоро, фраер си ако речеш не – е основниот совет на некогашниот рокер, Бранко Росиќ, кој што во осумдесеттите години свиреше во алтернативните белградски бендови, а денес е уредник во „Неделник“.

Бранко смета дека проблемот со децата е тоа што тие добиваат најискрен совет од родителите да не влегуваат во брзите коли со пијаните и настојчиви врсници. Но, проблемот е во следното: децата тешко пружаат отпор, кога пред друштвото, поради тоа другарите ги прогласуваат за кукавици.

– Мене, да речеме, родената сестра ме цинкареше кај родителите, затоа што кришум купив мотор и се дружев со моторџии. Старите веднаш ми го продадоа моторот, се сеќава Росиќ, еден од јунаците на ноќниот живот на осумдесеттите години. Во тоа време се излегуваше во култните ноќни клубови Академија, Ѕвезда, Бонафидес или КСТ. И се остануваше в град до зора. И се консумираше алкохол.

Ама, беше тоа невиното време на социјализмот, кога „југо“ или „кец“ беа тркачки автомобили. И кога мустаклестите полицајци умееја да тепаат!

Ах, таа прекрасна диктатура! Возиш пијан како клинец, па те сопира сообраќајната народна милиција. Па, полицаецот, со краински или босанки нагласок, те извлекува надвор, ти шлакнува две-три шлаканици, ти ја растресува вилицата, па патролата те вози дома. Потоа, мустаклестиот полицаец испива една лута ракија со татко ти. Кога ќе го испрати полицаецот, татко ти ти залепува едно шлаканичиште и ти си веќе трезен. Легнуваш и заспиваш. Тоа им се случуваше на оние што имаа кола или што ја крадеа татковата. Оние посиромашните, си одеа дома пешки или со прочуените ноќни автобуси, што сопираа на Плоштадот на републиката на секој час и возеа до најоддалечената дупка на предградијата. И, ни фалеше ли нешто?

Но, ајде сега, во времево на демократија и кастински поделби на богати и сиромашни, замислете како мустаклест полицаец извлекува надвор пијани клинци – синови на банкари, политичари и тајкуни – им удира шлаканици и потоа ги вози дома, да им ги предаде на мамичките и татенцата? Па тој полицаец веќе утредента би завршил во Копнената зона на безбедност, на границата со Косово и би држел ноќна стража – се до пензија.

Затоа, денес децата не ги воспитуваме ние, родителите, туку тоа го прават мутинационалните корпорации, автомобилската индустрија, реалити програмите и сплавовите, што се асоцијација на високопрофитните ламји, маскирани под плаштот на политичката коректност.

Поради ова родителите немаат никакви шанси, зашто нивното воспитување ќе потклекне пред наметнатите модни и политички трендови. Му влепиш ли на своето мало галениче шлаканица, заради тоа што дошло дома пијано како летва, а при тоа и возело, не ќе ти следи, како на грижлив родител, награда од локалната заедница, туку повеќегодишна робија. Денес детето мора да ти стане полнолетно со полн резервоар, а потоа да додаде гас до даска. А ти, кутра мајко, до изутрина моли се! Навистина, сега се претера, та Белград наликува на Багдад. И полицијата и министерството за сообраќај основаат итни работни групи, што предлагаат младите да не смеат да возат во текот на ноќта, на пијаните трајно да им бидат одземени дозволите… Ама и досегашниот закон беше рестриктивен.

Пловечките, турбо-фолк лаѓи, веќе се светски туристички бренд. Но, сплавовите имаат мрачна страна. Тие ги диктираат модата, музиката и законите. Тие се регрутни центри за обука на цели генерации билмези и бездушници, кои не кријат кој е победник на транзицијата. Неодамнешната финансиска контрола покажа дека сопствениците не плаќаат даноци и водат двојно книговодство, додека рмпалиите кои што работат во обезбедувањето на пловечките објекти често се вмешани во тешки разбојништва, дури и во убиства.

Сплавовите станаа речно царство, каде што трештат народњаци, техно и џез. Таму се муваат пејачки и старлети од реалити програмите, кои што доаѓаат во „аудија“ и „поршеа“, додека бедните момчиња нивните стари кршови од коли ги оставаат во шумата, што подалеку, за да не се забележи дека во таа ноќна, егзотична гунгула се замешала и бедната каста што сонува дека на сплавот ќе си го пронајде појасот за спасување.

Таму се мешаат богатите и сиромашните, доброто и злото, минатото и иднината. Ова, последното, главно, не постои, бидејќи патиштата што водат од тие гунгули, најчесто водат кон – никаде. Оттука, надежта дека ќе биде подобро е само илузија, што се создава после пет, шест ракии или виски, како кој повеќе милува.

Но, за оние поумните, сепак, има макар промил шанса во крвта. Нека земат такси, мила им мајка!

Српската верзија на блогот проследете ја тука. Објавено: 03.12.2014


Останато од авторот: