Колку да ги обезбедиме побарувањата? Само колку треба!

Клучното правно прашање во кредитирањето е колку да го обезбедите отплаќањето на своето побарување. Од одговорот на истото зависи оптимизацијата на процесот на позајмување, а позајмувањето со камата е главниот извор на приходи на банките. Не е тајна дека банките во Македонија имаат еден омилен збор при давање на кредити: супер-обезбедување.

Во било кој рамковен договор за кредит, во основната верзија, во делот кај обезбедувањето за уредна отплата на побарувањето ќе ги видите заедно:

  • меница (често се бара и лична гаранција поткрепена со меница од управителот);
  • залог врз недвижност;
  • залог врз подвижни ствари;
  • гарант(и);
  • извршни права врз отворени сметки во самата банка.

Супер – обезбедувањето е производ на еволуцијата на македонскиот правен систем и иновативноста на оние кредитокорисници кои немале намера да го вратат кредитот. Едноставно, со секоја иновативност во избегнување на плаќање на обврските, банките воведувале нов инструмент за обезбедување. Така што сега ги има милион!

Нема да сме далеку од вистината ако тврдиме дека правните средства помалку ќе вредат ако кредитната анализа не е соодветна. За жал, во некои банки правниците и кредитните службеници седат далеку еден од друг! Затоа, често се губи смислата за реално позајмување и во пракса се оди кон формално позајмување. А при формалното позајмување правно се бара премногу. Овој процес на супер-обезбедување на среден и долг рок е една од причините за намалено кредитирање, што во оваа 2012 година е една од најсериозните причини за влошените банкарски биланси. Правно гледано, супер-обезбедувањето внесува неретко конфузија и понекогаш комични сцени при извршувањето.  Меницата најчесто е вишок и неефективна, имот за извршување често недостасува, подвижните ствари во невладетелски залог често ги нема, па останува само хипотеката како опција. Ама, во 2012 година не останаа многу слободни недвижности спремни да се стават во хипотеки! Во 2013 уште помалку ќе останат. Што е иднината на кредитирањето? Веројатно банките ќе мора да ги изострат сетилата и да ангажираат повеќе вешти службеници кои ќе знаат да го проценат бизнисот и активата на кредитобарателот. Банкарството повеќе ќе мора да го поддржува бизнисот, а помалку да биде конзервативен прибирач на камати по хипотекарни кредити. Конечно мора да се разбере дека не може да постои банка со добри биланси, а да кредитира стопанство кое забрзано тоне во неликвидност и стагнира во совршена монотонија.


Објавено: 11.07.2012