Црната вдовица на српската мафија: Го сакаше ѕверот кој ѝ го распарчи мажот

Фаталната Ана, како што се покажа во фарсичниот и истовремено морничав, љубовен, мафијашки трилер, вреди колку и сиот државен апарат. Поради таа убавица, расна спонзоруша израсната од пукнатините на белградските сплавови и мрачните, ноќни клубови што пулсираат како црни дупки, како мистични, живи организми на исконскиот грев, се распадна земунскиот клан, што го организираше атентатот на премиерот на Србија, Зоран Ѓинѓиќ. Поради таа фам-фатал Белграѓанка, црната вдовица на српската мафија, најголемите балкански монструми се убиваа меѓусебно, се парчосуваа едeн со друг, се сечкаа на парченца, а, оние, малкумината преживеани, чмаат во ќелиите на овдешните робијашници. Ах, што се не прават тие емоции.

Ана поседуваше се што и е потребно за разбивање на најмоќниот мафијашки клан на Балканот: усни надуени со пет атмосфери, обли гради, како дунавските бови, долга коса што се виори на ветрот, кокетна насмевка, лакирани нокти и негувана, миризлива кожа, како и некои таленти кои не е пожелно да се опишуваат на помлади од 77 години, поради сочувување на традиционалните и семејните вредности на овој портал.

Србија, пак, има тајни служби, полиција, Специјален суд и специјални единици. Но, фаталната Ана Симиќ, како што се покажа во фарсичниот и истовремено морничав, љубовен, мафијашки трилер, вреди колку и сиот државен апарат. Поради таа убавица, расна спонзоруша израсната од пукнатините на белградските сплавови и мрачните, ноќни клубови што пулсираат како црни дупки, како мистични, живи организми на исконскиот грев, се распадна земунскиот клан, што го организираше атентатот на премиерот на Србија, Зоран Ѓинѓиќ. Поради таа фам-фатал Белграѓанка, црната вдовица на српската мафија, најголемите балкански монструми се убиваа меѓусебно, се парчосуваа едeн со друг, се сечкаа на парченца, а, оние, малкумината преживеани, чмаат во ќелиите на овдешните робијашници. Ах, што се не прават тие емоции! Ах, таа проклета љубов! Зарем тие убијци навистина се такви емотивци и папучари? И тоа како се! Со години припадниците на кланот, како наследници на Аркановите формации, пустошеа по Србија. Дилаа дрога, ги убиваа противниците, ја подмитуваа полицијата, а потоа, со години, успешно се криеја од неколку регионални тајни служби, по атентатот на премиерот Зоран Ѓинѓиќ, во март 2003 година.

И се суредија, меѓусебно, тие кримоси, поради една Ана, која се муваше со неколку од нив истовремено, со што беше создаден перверзниот, злосторнички ребус. Ама, ајде, да се обидам да ја разрешам таа љубовно-злосторничка сложувалка.

Предупредувам дека следните пасуси се вознемирувачки!

Расплакана и исплашена, скоцкана како за вечерно излегување, минатата недела Ана се појави во една белградска судница. На метар од неа, стоеше нејзиниот некогашен швалер, Сретко Калиниќ, најозлогласениот убиец на српската мафија. Колку да појаснам: замислете дека Сретко е балканската верзија на Ханибал Лектор, со растројство на личноста.

И, ја започна Ана својата приказна. Солзите течат, а таа се сеќава… Значи, таа ти била мажена за Цветко Симиќ, кум на Лука Бојовиќ. Тој Лука Бојовиќ, пак, син на легендарниот директор на белградската Зоолошка градина, Вук Бојовиќ, според званичната верзија на српската полиција, ги презел сите главни, криминални работи, после пакувањето на Легија во затвор и после ликвидацијата на Душан Спасојевиќ – Шиптар, водачот на земунскиот клан, во операцијата „Сабја“, кога полицијата го изрешетала со рафали во едно село во околината на Белград.

Но, останатите членови на кланот станаа нерешлива енигма за органите на прогонот. Со години не се знаеше ништо за нив, се додека редум, како домино, не попаѓаа поради нивните фатални жени, кои изгледаат како проколнати фотомодели. Се загледаш ли во нив, не ти гинат решетки.

Така, Ана изнурка од анонимноста и покажа како изгледа жената на еден мафијаш, која, мувајќи се со други, предизвика сеопшт, убиствен карамбол.

Додека убавата Ана беше омажена за помалку убавиот Цветко, се чувствуваше запоставена. Се чини дека Цветко постојано бил на службен пат. И, се прелажа Цветко, та еден ден, ја запозна својата Ана со Сретко. И бидна тоа среќен ден за Сретко. А, изгледа, и за Ана. Ама, стана тоа несреќна вечер за Цветко. Во дамна доба се случуваше ова, во 2006 година…

Не би се задржувал овде на фактот дека тие опаки убијци,  цело време после ликвидацијата на Ѓинѓиќ, живееја во центарот на Загреб, како аџии и ги ширеа активностите низ регионот. За тоа дека Хрватска беше еден вид „безбедна куќа“ за Земунскиот клан, (и Легија, дури, имаше хрватски пасош), во оваа бизарна, љубовна сторија, е само фуснота за некои други аналитичари, кои ги толкувааат комплицираните српско-хрватски односи.

Ја запоставувам, значи, таа ситница и се враќам на љубовниот триаголник што се формирал во град Загреб. Сретко, во бегство, го пронашол стариот познаник, кој, пак, бил во бегство за Белград, но, според неговото подоцнежно сведочење, во Загреб се чувствувал како дома.

И тој домаќински синдром, навистина, го понел Сретко. Се повеќе се однесувал како во своја куќа, особено кога Цветко бил отсутен. Мислам на куќата. Не поминало многу време и Ана и Сретко се смувале. И, дотука, не би било ништо необично, да не знаела Ана со што се занимава нејзиниот љубовник. Сега таа покајнички тврди дека не знаела каков човек бил Сретко, ама, морала да знае дека нејзиниот маж, Цветко, не се дружел со асистенти на универзитет на уметноста или со хуманитарни активисти. Цветко, судејќи и според неговото име, бил одвај мафијашко цветче, во однос на Сретко. Не напразно Сретко го нарекувале Ѕвер. Тој бил толку суров убиец, кој, како што се раскажува во легендата, откако го убил Милан Јуришиќ, уште еден од неговите компањони, одлучил лешот да го сомеле во машина за мелење месо. Бидејќи тоа не му било доволно, со останатата екипа Земунци се договорил од Јуришиќ да приготват гулаш, а потоа да му го понудат за ручек на еден од мозоците на Земунскиот клан, легендарниот десперадос, Влада Будалиот. Патем, Влада е наречен Будала, затоа што единствен меѓу убијците завршил факултет. Тоа било еден од најголемите гастрономски ужаси. Будала, имено, го изел Јуришиќ!

Сретко ни самиот не знае колку луѓе има убиено. Ама, срцето му затреперило кога почнал да ја теши осамената Ана. И ветувал небо, ѕвезди, вечна љубов и дечиња. Околу три години траела тајната романса, кога на Сретко му се смачило да ја дели Ана со Цветко, нејзиниот законски маж, кој бил во бегство од српските закони.

Така, среде Загреб, бегалецот Сретко го убил бегалецот Цветко. И, повторно решил Сретко да го парчосува телото на жртвата, па некои делови од лешот ги закопал, а некои ги расфрлал во загрепското езеро Јарун.

Цветко Симиќ

 Сево ова го раскажа Ана, а Сретко во судот одлучно го демантираше. Но, во тоа време, 2010 година, бидејќи Загреб бил полн со српски мафијаши – небаре имале таму камп – еден од полудите Земунци, Милош Симовиќ, побеснел кога се посомневал дека Сретко, одлепувајќи по Ана, го убил Цветко.

Дошло до караница, во која Симовиќ тешко го ранил Сретко Калиниќ, а, кратко потоа, по голема потера, двајцата биле уапсени и испорачани во Белград, каде што сега чмаат во затвор.

Цветковата вдовица и Сретковата љубов, неодоливата Ана, во судницата рече дека Калиниќевиот бранител повеќепати ја повикувал в канцеларија, кажувајќи и, еднаш, дека Калиниќ немал пари ниту за в кантина. Се уплашила Ана, та, така престрашена, на својот поранешен саканик, за кого, како што рекла, се сомнева дека го распарчил нејзиниот маж, на љубовникот наречен Ѕвер, му купила тренерки и патики, како и филозофската лектира „Лечење со Шопенхауер“.

Така, поради Ана, се распадна моќниот клан. Доколку во позадината на оваа комплицирана приказна навистина се наоѓа Лука Бојовиќ, кој во тој миг престојувал во Шпанија, уште една омилена дестинација на српските мафијаши во бегство и доколку Лука е вистинскиот бос, се покажа дека и нему љубовта му излегла на нос.

И тој е уапсен во Шпанија поради убавата Барбара, така, барем, вели легендата. Со години моќниот Лука се криел од српската тајна полиција и Интерпол, вешто им се извлекувал на ловците, ама, не можел да одолее само на едно сушество. На неговата преубава, црнокоса сопруга, ќерка на славниот голман на Партизан, Челзи и на југословенската репрезентација, Петар Борота. Конечно, полицијата се досетила дека е глупаво да ги следи трагите на Лука. Укапирала, конечно, дека е доволно да ја следи само Барбарината трага.

Барбара, меѓутоа, не го изневерувала Лука, туку му била верна и таа лојалност Лука ја платил со својата слобода. Шпанците го зграпчиле во еден ресторан, а тој, пред камерата, со лисици на рацете, и пратил бакнеж на  својата жена.

Ништо чудно за мафиозите, кои се чувствителни на своите жени. И бившиот командант на Црвените баретки, Милорад Улемек Легија, главниот организатор на атентатот на премиерот Ѓинѓиќ, се оженил за Александра, жената на Аркановиот војник Шуц. Преубавата, русокоса вдовица Александра, набргу по Шуцината смрт, си нашла рамо за плачење, со полковнички ѕвездички на еполетите на страшниот Легија. Навистина, после 5 октомври, Легија сеел страв по белградсските улици и тротоари, но дома, како што се прикажува, вистински командант била Александра.

Легија и не криел дека дома радо шетал во папучи. Тоа го признал и таткото на српските мафиози, Жељко Ражнатовиќ Аркан, кога после бракот со Светлана Цеца Ражнатовиќ, сам себе се прогласил за носител на „златна папуча“. Што ли беа, тогаш, неговите наследници, главно ситна боранија, кои, заради стекот на околности, се развиле во опака екипа на платени убијци.

Аркан бил омилен егзекутор на моќната, сојузна Удба, Титовата разузнавачка служба, кого го испраќале во белиот свет да ги елиминира припадниците на непријателската емиграција, додека, попатно, силно се забавувал ограбувајќи банки и кршејќи ги срцата на подостарените, европски контеси. При распаѓањето на Југославија, Аркан го презела српската тајна служба и го претворила во командант на паравоените формации, што сееле страв низ регионот. Ама, ако од Аркан треперела  целата бивша Југа, тој се растреперил кога ја видел и чул младата, убава, црнокоса момичка од Житораѓе. Како што се прикажува, со тек на време, Цеца ја преземала командата не само над естрадата, туку и над Аркан, што било сосема логично, затоа што најстрашниот лик од времето на Милошевиќ, со бејби-фејс фаца, очигледно, посакувал да се скроти и во спокојство да остари покрај расната пеачка. Се излажал, му ослабело вниманието, му омекнале инстинктите…

И Јелена Карлеуша, сегашната огнена фолк-активистка за проевропска Србија и симпатизерка на прозападниот политичар, Чедомир Јовановиќ, лидер на Либерално демократската партија, која толку се заложува за правата на гејовите и лезбејките, порано, кога како пејачка се искачувала кон славата, го љубела криминалецот Ќанда, кого што, во прастарите времења, Воислав Шешељ го обвинувал за убиството на новинарот Славко Ќурувија. Подоцна, Ќанда е убиен, а Јеца некое време носеше црнина. Се опамети, со тек на време, и се омажи за сјајниот и добродушен фудбалер, репрезентативниот лев бек, Душко Тошиќ.

Што ќе се случува понатаму со Ана, која го растури Земунскиот клан и ги натера ѕверовите да влезат во кафез? Што ги тера тие девојки да бидат со такви типови, се викале тие Цветко или Сретко? Можеби ќе постанат ѕвезди на некое реалити шоу? Можеби, пак, ќе издадат албум или ќе објават мемоари? Кој ли ќе знае, во овие времиња луди, кога одамна станавме земја на чудата… >> Српската верзија на блогот проследете ја тука. Објавено: 3.12.2013 Фото: Курир.рс