Дамоклов меч

Општокорисна идеја и акција за реновирање улици најдобро може да ја девалвираш кога и заради свој интерес ќе ангажираш некоја од оние шарлатански градежни фирми зинати за профит, а со нулта професионалност, за работничка и бизнис етика да не зборуваме.

Идејата и акцијата за реновирање е за поздрав – такви акции се немаат случено со децении/пола век. Ептен бевме заглибени во калта на неинвентивноста и асфалтираната суштина на локалната самоуправа. Но, секогаш по правило, како бизнис „проклетство“, за инвентивните идеи се грабаат лепливите раце на инстант профитот. И тука често целата архитектонска „карма“ се деструктуира во – системски проблем. А конкретно, проблемот е генериран од комбинацијата на (не)професионализмот на дадени градежни фирми со отсуството на законски интегриран подземен катастар, како и на самата војла да се изврши увид на веќе постоечки евидентирани бази на податоци што по автоматизам резултира со предизвикување брзоплети инциденти кои под плаштот на начелото за брзо и ефикасно работење – еманираат евидентен непрофесионализам и трка за профит.

Таков е случајот и во мојата општина кога фирми од тој тип успеаја да направат неверојатен скор на штети по глава на жител почнувајќи од: опожарување на семејна куќа – безмалку да убијат се човечко внатре затоа што акнале да копаат длабоко до кабли ко да го бараат гробот на Александар Македонски карши бурекџилницата на Цујо, правење салата од телефонски кабли поради што немавме интернет и телефон 20 дена, демолирање на водоводни цевки и поплавување на цело маало, па се до екстремното искривување бандера кај мене на улица која цели три дена висеше ко Дамоклов меч над главите на граѓаните со стопроцентна можност да убие човек, да удри во автомобил или во домашен миленик, да бидеме политички коректни.

Се разбира, дрско непрофесионалната фирма негираше таков деликт. Тоа се тие градежни фирми во градежништвото што во налетот на битка за ултра градежен профит прават инстант кеш, а со тоа и круцијални бељи – како оваа со бандерата самурај, за која ете – подземен катастар и не ти потребен, само елементарна човекова логика за физичките закони дека камион со таква масивност мора да удри кабли. Но, и покрај тоа што бандерата можеше многу лесно да убие некого, никој од моето соседство и пошироко не го пријавил тоа – никаде. Сите очекуваат некој друг да го стори тоа за нив, оти не им се скршила вазна по дома. Еден несреќно- фантастичен спој на граѓанска неодговорност, отсуство на чувство за колективно добро и шарлатанство на градежни фирми. Културно-социолошка еманација на „менталитетот“ од секаков вид – луѓе, градежни фирми, општина. Кога најпрво отидов кај сопственичката на куќата пред која демнеше опасноста од бандерас гилотината да ја прашам дали пријавила, со фармаколошки сјај во очите ми одговори – “Ми е гајле за се више, се изнервирав на работа, дрмнав лексилиум и сега сите бандери ми се прави ха ха.”…

Зошто ви го кажувам ова? Затоа што прочитав некаде дека според УЈП најпрофитабилни бизниси и луѓе кои пријавиле најголеми заработки биле и од – ГРАДЕЖНИШТВО И ФАРМАЦИЈА…

Објавено: 18.10.2012