Дискретниот нонсенс на една (не)вообичаена анкета

И да не се сложиме во име на демократизацијата со фактот дека бројот на разни рејтинг агенции за истражување на јавното мислење доживува експанзија вон секоја логика и параметри на истражувачката статистика, мора да воочиме дека постојат и функционираат разни небулозни статистичко-истражувачки операции од фамозни невладини организации кои својата „методологија“  на работа ја базираат на девалвација на човековото достоинство и правата на граѓанинот.

Таа епидемија на фамозни невладини организации и агенции кои постојано се присутни на  „терен“, одработуваат агенда која создаде таква практика што навистина е потребно упатство за ментална хигиена како заштита од таа еродирачка телекомуникациска хипокризија. Практично, фамозните и фантомски рејтинг агенции имаат основна методолошка цел „влезат“  во домот на граѓанинот и да го скенираат неговото логично резонирање, да го збунат со сугестивни прашања додека не почне да дава одговори во име на суптилниот процес на анкетирањето, како и поради самата „чест“ да се учествува во една таква битна операција од суштинско значење за општеството бидејќи и самиот систем на идеологијата на рејтинг телефонската слушалка се претставува и мора да се прифати како „информација за општо добро“. Кршење, девалвација и злоупотреба на достоинство, правата и законските норми? Па овој тип на телекомуникациски атак на сетилата и личноста својата „кариера и прогрес“ ја гради токму преку таквата неморална и вонправна агресија врз граѓанинот и неговата личност. Денешното искуство со една од овие агенции и „орвеловски“ легенди на своето време најдобро ме уверија во тоа.

Имено, денес ми се јавија од некој Институт за истражување (пази релевантност на име).

– Добар ден гоподине, вели женски продорен глас. – Добар ден, велам. – Се јавуваме од Институт за истражување, може ли да ви поставиме неколку прашања? – А, од Институтот за истражување сте, сум слушнал за вас. Како не слободно, баш би ми било чест да разговараме ( Си мислам во себе – досадно ми е, да се позафркавам малку додека не почне фудбалот на телевизија). И, почнува со прашања: – Дали сте задоволни од работата на министерот за животна средина во однос на досегашните министри за животна средина? – А кои биле досегашни министри, може ли да ме потсетите и да ми ги наброите? И одговарам. – (Молк) Ама добро само од овој како сте задоволни? – Средина. – Да, за средина министерот. – Средина. – Да господине, министерот за животна средина! – Велам средина госпоѓо. – А? Ама… Од 1 до 5 колку сте задоволни. – Не верувам во задоволство изразено во бројки, тоа е мешање на хедонизмот со математика, а од такви контексти страда филозофијата на животната средина, еве вие ги принтате овие информации на хартија, а дрвјата и природата страдаат заради тоа. – Добро, во ред. Дали некаде работите господине? – Да, во Институт за истражување на институтите што истражуваат. – Добро. Колку години имате и какво образование имате? – Ако ви кажам ќе бидам учесник во кршење на Законот за заштита на лични податоци. – Добро, може да кажете од колку до колку – од 20 до 30, од 40 до 50, од 50 до 60 и така натаму. – Ќе ви кажам под еден услов, може? – Може… – На која адреса ви се наоѓа седиштето? – А, не можам да ви го кажам тоа. – Добро кажете ми по истиот принцип што ме прашавте за години: меѓу која и која улица или меѓу која и која зграда ви се наоѓа седиштето? (Тишина) Таа спушти слушалка.

Објавено: 08.10.2012