(ФОТО) Во име на љубовта и законите: Есклузивниот подарок што ѝ го даде Џорџ Клуни на сопругата – адвокатка

Несекојдневен подарок и даде Џорџ Клуни на сопругата адвокатка. Како што наведува познатиот актер, при изборот на подарокот се раководел од фактот дека неговата сопруга е адвокатка и, како што вели, сакал преку подарокот да направи симболичен спој помеѓу законодавството и емоциите како израз на љубовта.

„Долго време размислував да и подарам нешто на адвокатката што едновремено ќе биде израз на љубовта, но сакав да тој чин да биде поткрепен со правна логика. Гуглав низ законодавствата на интернет, ги испитував правните трендови на државите, направив еден компаративен легислативен пресек на бракот и дојдов до заклучок дека, всушност, треба да се направат посебни истражувања во земјата каде летниов период во очи одмори и плажи најмногу се збори за бракот. Истражувањата ме одведоа во Македонија, земја каде се води најголемата расправа за бракот во моментов низ светот, па тоа ме мотивираше на ваков правно-симболичен чекор“, вели Клуни, кој приложува фотографија од подарокот:

Фотографија од подарокот кој Клуни и го даде на адвокатката – промо верзија

Низ насмевка, Џорџ вели дека адвокатката била многу пријатно изненадена од подарокот, дури и го прашала дали платил данок за договор за дар, на што Клуни рекол дека подарувањето на Устав е ослободено од даноци, согласно римската максима дека непознавањето на правото секому штети, а кое Клуни темелно го проучил низ истражувањата.

„Џорџ, ќе го чувам Уставот како Уставен суд според теоријата на Келзен“, рекла адвокатката, на што актерот остроумно забележал  дека треба да го штити и од разни надворешни влијанија, бидејќи, како што рекол, тоа многу говори за нејзината независност.

Клуни недвосмислено се охрабрил од реакцијата на Амал и ѝ рекол на просперитетната адвокатка оти смета дека склучувањето на бракот треба да биде во земја со уставна дефиниција на бракот, на што таа безусловно се согласила после приложената правна аргументација од страна на актерот.

Според најавите, се очекува парот да се венча во септември во близина на Охридското езеро, каде Клуни најави купување на викенд – стан и каде што постои изгледната можност да биде пречекан како странски инвеститор.

Тој изјави дека сакал да ја покани на свадбата да пее Цеца, но се премислил после најавите дека треба да ѝ биде исплатен хонорар согласно новите законски измени за хонорарците, а имајќи во предвид дека пејачката, всушност, зема најголеми хонорари во Македонија.

„Ако прифати Цеца сама да се мафта низ ходници во Фонд за пензиско, бујрум,  јас не мислам медениот месец да поминам по шалтери“, дециден е Клуни.

Во врска со информациите дека неговата баба, мајката на идната госпоѓа Клуни, воопшто не била задоволна со изборот, Клуни жестоко демантира дека е тоа точно.

Реакцијата на адвокатката после подарокот од Клуни

„Не е точно дека мојата баба не е задоволна со мене. Слушам низ Холивуд муабети – Како смо се надали, добро смо се удали. Јас дури и разговарав со сопругата – адвокатка да предложиме уставни амандмани да се дефинираат бабата и свекрвата во уставите на модерните земји. Во еден од амандманите дури и предлагам презумпција на зетовска невиност со која се потенцира дека, „Секој зет е невин дека заглавил во кафеана и кладилница сè додека не се докаже со осуда од комшилукот и другарките на бабата. Исто така, предлагаме воведување на механизми со кои свекрвата повеќе нема да биде инокосен орган во семејството, туку снаата ќе има заштита по Бадинтеров принцип во донесување на одлуките, но истото ќе се однесува за зетот или домазетот во конкретен случај“, потенцира Клуни, кој открива дека идни амбиции му се да запише и Правен факултет и да положи правосуден испит, па здравје, како што вели, да заплива и во адвокатските води.

„Планирам по завршувањето на факултетот да почнам да стажирам кај Амал. Мислам дека дејноста треба да се прошири на семеен план“, открива Клуни, кој не кажува на кој факултет ќе го продолжи студирањето, но потенцира дека најважна му е партиципацијата и таа е пресуден услов кој факултет ќе избере.

„Не сакам да платам цело богатство за студирање и не планирам да бидам вклучен во ЕКТС настава па да банкротирам, па после дваесет филма на годишно ниво да не ме крпат“, вели загрижено познатиот сопруг на адвокатка, кој како човек кој се држи до принципите на правната држава, веќе најавува дека одделил пропорционален придонес за хонорарот за шивачката која работи на венчаницата на адвокатката.