Кој го зеде бакшишот од 300 милиони евра

Агробанка, уште пред да пукне тиквата, стана приказна за српската верзија на убиството во „Ориент експресот“. Секој кој бил во претходната власт е сомнителен, зашто најголемата корупциска афера во Србија, всушност, е показна вежба за кражба на највисоко државно ниво

Со месеци, пред парламентарните избори во Србија, низ Белград кружеше приказна како во Агробанка, некогашниот банкарски гигант, се делат баснословно големи бонуси, иако биле направени огромни загуби и одамна се работело во скриени зони на недозволен минус. 

Агробанка, уште пред да пукне тиквата, стана приказна за српската верзија на убиството во „Ориент експресот“. Секој кој бил во претходната власт е сомнителен, зашто најголемата корупциска афера во Србија, всушност, е показна вежба за кражба на највисоко државно ниво. Секој кој бил во власта, можел да забоде нож во тело и место крв, да потечат милиони евра. Аферата покажува како од државните системи, без оглед дали станува збор за банки, железници, електростопанство, телекомуникации, клинички центри, пошта, канализација или јавни тоалети, се прелеваат пари во приватните џепови на фраерите кои се на власт.

И, ајде, замижете, завртете го глобусот, па сопрете го и вперете го прстот во било која точка. И таму ќе ве чека една банка и таму ќе ве чекаат министри, претседатели и членови на извршни и управни одбори и таму ќе затекнете лидери на партии и цели екипи од профитно поврзаните групи на власта, на кои им се потребни милијарди евра свеж кеш, како би се создал картел што ќе владее со децении, со тоа што нема да делат кока, туку бајка за тоа дека демократијата подразбира жртви, дека тие жртви се сиромашните граѓани, кои ги предводи визионерската елита, составена од стотина пребогати семејства, соединети со политичките партии, што расправаат за мирот во светот. Таму, некаде, чека Агробанка, како метафора, што е сечија, само не народна, што е под контрола на оние кои ја произведоа глобалната економска криза, а чија санација ќе биде нешто похумана од катарзичниот крај на Ричард Трети.

Во Хрватска овој модел на корупција е наречен Фими медиа, со тоа што вреќите со пари не се изнесувани од трезорот на банка, туку преку истоимената маркетингшка агенција. Околу 10 милиони евра се исцицани од државните претпријатија, а потоа се пренасочени во тајните фондови на владеачката ХДЗ, откаде, постои сомневање, дека барем два милиони завршиле во џебот на поранешниот премиер, Иво Санадер. Така, докторантот по романистика, школуван во Тирол, како експерт за преведување на Рилке, се заглави во калта на балканската политика, завршувајќи на обвинителна клупа, кај што му се исчитува обвинение од околу 500 страници, со едноставна драматуршка матрица: прво, се отвора маркетингшка агенција која е во блиска врска со владеачката партија, а потоа, замислете чудо, почнува да ги застапува најбогатите државни компании, организирајќи бесмислени свечености со разнобојни балони,  во чии кичерски пејзажи гостите ги забавуваат млади  хостеси, за потоа, таа иста агенција да пишува, такаречи, неписмени соопштенија, во кои се осведочуваат невидените успеси на јавниот сектор. Се разбира, под нашата власт.

Аферата која може засекогаш да ја промени сликата на Србија 

Веќе подолго време Србија очекува да го извлече својот Санадер на политичката лотарија, како симбол на раскинот со мегаломанската, државна корупција. Кој ќе биде тоа и дали Агробанка е експеримент, по кого Србија ќе биде понормална? Да се вратиме, затоа, на прапочетокот на аферата која може засекогаш да ја промени сликата на Србија и без фактурираните услуги од НАТО, Русите, Брисел, ММФ, Кинезите или вонземјаните, да ја претвори во она што таа, всушност, е – нормална, средно развиена земја, со општествено богатство, кое  не е воопшто мало, туку е погрешно распоредено. Како, тогаш, оваа банка на пласирани заеми, што не биле соодветно обезбедени, е оштетена за околу 300 милиони евра? И, каде по ѓаволите, отишле толку пари  од даночните обврзници, со оглед на тоа дека станува збор за државна банка? Точно толку пари, 300 милиони евра, претходната влада доби кредит од Азербејџан, за изведба на автопатот од Љиг до Прељина, на стратегискиот коридор 11.

Ниту Шерлок Холмс, ниту г-дин Поаро не треба да дојдат во Белград, за да ги поврзат конците на една од најголемите државни пљачки во Србија. Потребно е, новата влада, што ја поведе истрагата, да има доволно од „она“ во панталоните, како би ги извадила сите костури што ќе ги пронајде во трезорите на Агробанка, а потоа да и` ги прикаже на нацијата, како хорор филм, во кого нема манијаци кои со моторни секири сечат тинејџери во мрачна шума. Не, овде јунаци се политичари и угледни стопанственици и професори, во костуми од Армани, кои ветуваат подобра иднина, така што пристојниот свет го враќаат во првобитната заедница. Иако изгледаат мазно, намирисано и едуцирано, тоа, всушност, се луѓе – сенки, многу поопаки од крвопијците со секира. Дури и првиот потпретседател на владата и координатор, секретарот на Советот за национална безбедност, Александар Вучиќ, како координатор на сите тајни служби, што би се рекло, господар на сите шпиони, предупреди дека не е сигурен дека државата ќе ја добие војната со Агробанка.

– „Нештата, се чини, се многу потешки отколку што се мисли. И, понекогаш, сум шокиран од сознанијата до кои доаѓам. Не сум сигурен дали ќе успееме да ја добиеме битката. Единствено што може да кажам е дека скапо ќе ја продадеме својата кожа. Толку се тие луѓе моќни и опасни… Ветувам дека нашата пресметка ќе биде тешка“ – на јавноста, пред неколку дена, драматично и се обрати Вучиќ.

Оние, помалку опасните, веќе се хранат и спијат на државен трошок. Истрагата за аферата на Агробанка, што се води против 19–мина сомнителни, е почната на 8 август, со апсење и притворање на 9-мина сомнителни, меѓу кои е и некогашниот претседател на Извршниот одбор на Агробанка, Душан Антониќ и неговиот син, Милан. Неколку дена пред апсењето, Антониќ даде интервју за белградската телевизија Б92, при што потврди дека добил бонус од 600.000 евра, како награда за 40-те години работа во банкарството и, чујте го ова – како залог за натамошниот развој на банката.

Беше јасно дека тие 300.000 милиони не е можно да се прикријат, па Антониќ, во тоа интервју, призна дека имало и стопански и политички притисоци за делење на кредити на политички подобните компании и нивните партиски шефови.

 Неколку дена подоцна, Антониќ ја напушти Србија, но, немаше храброст да отиде подалеку од Босна, туку сам се врати после веста дека по него е распишана потера. Потоа е приведен и неговиот син, кој се врати во земјата од Црна Гора. Но, јавноста беше свесна дека таткото е изведувач на работите, ситна риба во однос на капиталците, кои пливаат некаде наоколу, во матната вода на српската транзиција. Мрежа почна да се плете околу Радослав Лале Секулиќ, сопственик на Хабитфарма, како и околу низа одговорни лица и компании, како Свисфармација, Свис интермедикал, Продукт трејд, Вестерн стајлс…корисници на кредити и банкарски гаранции во Агробанка.

Моментот кога Лале започна да мати вода

Лале Секулиќ е една од легендите на српскиот бизнис уште од времето на социјализмот. Во очи на распаѓањето на СФРЈ, кога Анте Марковиќ стана премиер на федералната влада, Лале стана директор на семоќната Сојузна управа за царина, а потоа советник на сојузниот премиер, Радоје Контиќ.

Радослав Лале Секулиќ

Секулиќевиот деловен пат започнува во ивањичката конфекција „Јавор“, каде што беше повеќегодишен директор, а неговото претпријатие беше познато по извозот на големи количини кошули на пазарот на САД и на други земји од Западна Европа. Кога би бил злобен, би рекол дека тоа беше епоха на проклетиот социјализам и црвената диктатура, кога конфекциска фабрика од лута, српска провинција, работеше директно со модни куќи од САД, па Лале не се расипа, туку со ведро чело и со чист образ, да не ја споменувам класната свесност, работеше како часовник. Да сум расипан, би рекол дека тоа беше ера на чисти бизниси, кога чистачките на Лале имаа  плата од 1000 евра, но, не сум, јас сум посветен демократ, па ќе ги прескокнам тие носталгични ситници и ќе продолжам да лутам низ времепловот, обидувајќи се да го дофатам моментот кога Лале започна да мати вода.

После црвените, на престолот заседна Слобо, па патиштата господови го однесоа Лале во Швајцарија, каде што започна бизнис со лекови, но, тој сеуште не беше извикан и сомнителен. И, конечно, не заплиснаа демократските процеси, во содејство со цивилното општество, не осветлија зраците на слободата, па дел од рефлекторите беше вперен во Лале.

Во текот на 2001 година, Лале првпат ја вкуси затворската чорба, но, не за долго. Седум години подоцна, тој стана и претседател на општина Ивањица, но, заседна во фотелјата само една година и се врати на бизнисот со лекови. Како што е наведено во официјалните извештаи  за финансирање на СПС на премиерот Ивица Дачиќ, Секулиќ, своевремено, донирал и на таа партија, макар што и други партии се омрсиле од неговите пари.

Почетната истрага покажува дека само три од осум негови претпријатија и` должат на Агробанка, на име кредити, околу 20 милиони евра. Обвинителството се сомнева дека кредитите биле обезбедувани со недвижности чија вредност била надувувана и не била поголема од износот на кредитите. Агробанка, за ненаплатените кредити, како што постои сомневање, не ја активирала ниту хипотеката, туку потпишувала протокол, со што станувала сопственик на недвижностите, чија вредност не го покривала долгот. Така, на пример, хотелот „Парк“, што Секулиќ го ставил под хипотека, е вештачен на 14 милиони евра, иако вистинската вредност изнесува од четири до пет милиони евра. Специјалното обвинителство, неодамна, ја прошири истрагата со која се опфатени спорните кредити дадени на Хабитфарма, за кои, според неофицијалните информации, осомничените се бранат со тврдење дека таа фирма има трикратно поголеми побарувања од државата, односно, од Републичкиот фонд за здравство, отколку што, наводно, и` должи на Агробанка.

БОРАТовски околности

Како што Антониќ дел од работата пренесол на својот син давајќи му кредити, слично постапил и Лале, па во апсана заглави и неговиот син, Душко. Така, на пример, медиумите во Белград сега шпекулираат дека притворениците се наттркуваат да добијат повластен статус на заштитени сведоци, со намера да пропеат и, конечно, да укажат на политичари и министри кои го претставувале мозокот на операцијата. Барем така тврди печатот, повикувајќи се на наводни извори блиски до Антониќ, кои дури тврдат дека тој напишал тажно писмо со имиња на неколку политичари, меѓу кои, наводно, се и некои поранешни министри, кои барале пари во периодот од 2006 до 2011 година. Но, освен желбата на осомничените, кои особено инсистираат да им бидат ослободени синовите, нивните тврдења мора да бидат поткрепени со силни докази. Самиот Лале, од своја страна, има што да му понуди на Обвинителството. Иако е тешко болен, па веќе се шират теории дека го губи разумот во затворската болница, дека умислува како се наоѓа во Швајцарија…

Пред неколку дена е префрлен од затворската болница на Военомедицинската академија, зашто при паѓање во затворската ќелија тешко ја повредил главата. Наводно, се чудел што сите околу него говорат на српски јазик, а при неодамнешната посета на сопругата, мислел дека патува со авион во посета на неговата ќерка, која живее во Лондон.

„Кога ќе слетаме“, повторувал ивањичкиот бизнисмен, пред роднините и чуварите. Наводно, се жалел што нема автомобил и возач кој би го одвел во болница, на преглед, па од затворските чувари барал да дојдат изутрина по него дома, да го одведат на преглед.

Но, колку овие секвенци и да се чинат како српска верзија на Летот над кукавичиното гнездо, сепак, ќе се приклонам на споредбата со Борат. Зашто, во текот на најголемиот пад на Агробанка, премиер и министер за финансии  беше ист човек – Мирко Цветковиќ. Мирков државен секретар во Министерството за финансии беше Душан Никезиќ, своевремено помошник на истиот Мирко Цветковиќ, во време кога доскорешниот премиер беше директор на Агенцијата за приватизација.

Душановиот татко, Звонко Никезиќ, беше член на Управниот одбор на Агробанка и најблизок Цветковиќев соработник во консултантските работи. Интересен е тајмингот на заминувањето на Никезиќ постариот од Управниот одбор на Агробанка. Тој ја напушти банката непосредно пред отпочнувањето на истрагата за една од најголемите злоупотреби во Србија, што, патем, не мора да значи дека е претходно предупреден да фаќа магла оттаму. Постои уште една боратовска околност во овој случај. Угледниот економист, Данило Шуковиќ, беше, истовремено и член на владиниот Совет за борба против корупцијата и член на Управниот одбор на Агробанка. По чаршијата сега се распредува колкава била месечната плата на членот на УП и на човекот задолжен за борба против корупцијата, со уште една дилема – како еден од оние кои ги одобрувале спорните кредити, бил ли свесен Шуковиќ дека, истовремено, бил и борец против корупцијата или, во текот на работењето во УО имал амнезија со ограничено траење?  

Така на претходната влада, среде жестоката борба против корупцијата и` истекоа негде 300 милиони евра. Но, Агробанка е само зрно песок, а тие 300 милиони се само обичен бакшиш во однос на сумата државни пари  што со години и децении се прелеваат во нечии џепови и партиски трезори.

Можеби затоа Александар Вучиќ рекол дека обвинителите и другите лица во правосудниот систем биле видно зачудени кога им кажал дека слободно може да си ја работат својата работа во случајот со сопственикот Лале Секулиќ и Агробанка. Но, Лале сигурно не е тој „некој“. Тој некој е уште тука, околу нас и, тој некој, не е поединец, туку е системот. Затоа министерот за одбрана, првиот потпретседател на владата и шефот на сите шпиони, Александар Вучиќ, е шокиран, внимателен и уплашен. 

Oбјавено: 19.09.2012