ЛЕГЕНДАТА ЗА КОСМАЈАЦ: Нарко босот кој живееше само еден ден!

Новата ѕвезда на српскиот нарко-клан се вика Драгослав Космајац. Има 61 година и само една фотографија, кој знае кога снимена од некоја тајна служба. На црно-белата фотка, тој, Космајац, седи со Љубиша Буха Чуме, основачот на Сурчинскиот клан, кој после убиството на Зоран Ѓинѓиќ е најпознатиот заштитен сведок во регионот, па и подалеку… Никогаш помудар, суперинтелигентен, без ниедна кривична пријава. Си живеел човекот во тврдината во Ѕвездарската шума, на ободот на градот, на шумовитото брдо, на само пет километри од Теразија. Вилата е снимена од воздух, а потем туку-така, случајно, е поделена на медиумите. И никој жив не ќе дознаеше кој е Космајац, ако не го прозва премиерот, Александар Вучиќ, убаво замолувајќи ги медиумите, само ако смеат, да напишат нешто за најголемиот нарко-дилер во Србија. За тоа Вучиќ проговори на конференција за новинарите, кога објаснуваше зошто го сменува комплетното раководство на полицијата. Истата вечер, Космајац збриша за Црна Гора, со словачки пасош и со синот Лазар на местото на совозачот.

Нема шанса било кој да се снајде во  криенката „Кој е кој во српското подземје“. Сега нова ѕвезда на нарко-кланот е Драгослав Космајац. Има 61 година и само една фотографија, кој знае кога снимена од некоја тајна служба. На црно-белата фотка, тој, Космајац, седи со Љубиша Буха Чуме, основачот на Сурчинскиот клан, кој после убиството на Зоран Ѓинѓиќ е најпознатиот заштитен сведок во регионот, па и подалеку. Ама, Чуме не го смени името и не живее на лажна адреса, туку се движи низ Белград со поголема полициска придружба од онаа на Вучиќ. И Чуме не се одрече од управувањето со крупниот бизнис. И тој Чуме беше некогаш опак бос, кој владееше со Сурчинскиот клан, сочинет од екипа злосторници од предградието, селото во околината на Белград, каде што слетуваат најголемите патнички млазњаци, таму, каде што е изграден белградскиот аеродром. Веројатно заради бучавата на авионите што непрекинато полетуваат и слетуваат, многу момци во Сурчин станале нервозни. Пред Чуме, со Сурчинскиот клан владееше Зоран Шијан, жежок батка, убиен покрај неговиот бел мерцедес 600, со регистрација БГ-600-000, уште во 1999 година. На неговиот погреб, упадливо нарачуваше тажалки човек со прекар Кум. Тоа беше Душан Спасојевиќ, кој потоа ги презеде бизнисите од Чуме, кого што сакаше да го убие, а бизнисите да ги пресели во Шилеровата улица, во Земун, во која што имаше изградено тврдина.

Истиот Спасојевиќ ја продолжи традицијата на Земунскиот клан, што потоа од него го презеде Легија, главнообвинетиот за убиството на премиерот Зоран Ѓинѓиќ, во 2003 година. Потоа, Спасојевиќ е убиен во жестока, полициска потера, додека Легија, во момент на растројство или логика, кој тоа да го знае, се предаде на властите и сега е на робија. Тврдината во Шилеровата улица е урната до темел. Многумина би се заколнале дека тоа е сторено за да се уништи секаква трага од престојувањата на политичарите во неа.

После тоа, се редеа се бос до бос. Те Јоца Амстердам, те Дарко Шариќ, се сами фаци со четвртести лица, со шишки во форма на Халкидики, кои што пристигаа од најоддалечените катуни за чување добиток и наместо да зафатат некоја тезга на пазар, веднаш преземаа бизниси вредни со милијарди.

Е, уште да беше така! Еве, и со Аркан. Колку ли само бајки беа напишани за најмоќниот бос на деведесеттите, а всушност, прочуениот пљачкаш на банки и придружник на овенати шведски вдовици, кој подоцна ја ќари Цеца Ражнатовиќ, малку на чиста емоција, малку со сила, да ти бил платеник на УДБА, југословенската митска тајна полиција, што пред распадот на Југославија ја предводеше словенечкиот кадар, Стане Доланц. Имено, Аркан бил специјалец за испраќање на некој политички емигрант во вечните ловишта. Во замена за тоа, можеше да рекетира, да војува и да пљачка низ Србија.

Пред Аркан, легенда беше земунскиот боксер Љуба Земунац, лоша верзија на српскиот Роки Балбоа. Тој, имено, никогаш не добиваше мечеви во рингот, но, беше шампион надвор од него, каде што не важеа правилата, туку се удираше со палка в грб. Особено во тајните канцеларии на Државната безбедност, што го праќаше да ги елиминира потенцијалните, надворешни непријатели на социјалистичка Југославија. Љуба Земунац го придружуваше прочуениот Гишка, кој на почетокот на 90-те ја презеде командата над силите на Српската гарда на Вук Драшковиќ, единицата што војуваше во Хрватска. Но, според легендата, Гишка, грубијанот со меко срце, настрада од зад грб од снајперист, испратен од Слобината екипа на разузнавачи, за да му се отвори пат на Аркан за преземање на сите валкани работи. Од нафта,  па до паравојска.

Таков е почетокот и крајот на секоја бајка за српското подземје. Тајната служба го пронаоѓа најголемиот морон во одделението што обива трафики. Поединецот задолжително мора да биде јак како бик и глупав, како што е тоа прекрасно, домашно животно. Потоа, моронот оди во поправен дом, па го преземаат в затвор, каде што во келијата, еден ден, му доаѓа разузнавач, кој му нуди дил. Безимениот инспектор потсетува на офицерот Харисон Форд од филмот „Апокалипса сега“, за кого не знаеш  дали е ЦИА, дали е ДЕА или, пак, е Воената разузнавачка. Тој ја изговара следната реченица:

– Овој состанок не се случил никогаш!

По ова следи жестока обука. Моронот добива значка на Службата, мерцедес или ауди, џепарлак од десетина илјади евра месечно и поддршка да ја тргне конкуренцијата. Се разбира дека ниедна држава  нема да им ги препушти најголемите потфати на идиоти, туку ја маскира својата улога со колоритни момчиња, градени како силоси за пченица и со глави дизајнирани како картонски кутии, во кои се пакува ЛЦД телевизор од 42 инча.

Империјата на ваквиот бос расте и тој го дише воздухот се додека не почне да ги лаже работодавците. По ова, работодавецот го менува главниот менаџер, а претходниот не го отпушта со отпремнина и бонуси, туку го вградува во некој нов мост или го учи како да нурка, со тоа што претходно му прави чевли од бетон.

Тито и Слоба беа приврзаници на таквиот тип Закон за работни односи, кога криминалците посвоени од Службата биле пронаоѓани изрешетани со стотици куршуми или исчезнувале толку далеку, што сеуште ги бараат негде под земја, како четничкиот командант Дража Михајловиќ.

Но, демократските режими, сепак, се похумана општествено-политичка организација, што дури, замислете, зрачи со грижа за човекот. Затоа и се однесуваат малку поинаку. Најпрвин, медиумски го воздигнуваат босот до небо, потоа со медиумско, рафално пукање го запукуваат, за веднаш потоа да следи потера за избеганиот поединец, со која што медиумите се залудуваат. А кога, во меѓувреме, важни закони ќе поминат во парламентот, што народот, речиси, воопшто нема да ги забележи, на ред е апсењето на поединецот, задолжително во некоја латиноамериканска земја, зашто стереотипот во таквите сценарија е од особена важност. Имено, во транзициско-мафијашкиот трилер мора да бидат спомнати Колумбија, Ескобар, прашумите, проститутките, платениците и ЦИА, за да биде приказната поштосна. Магичен реализам, ама, српски.

И, на ред дојде Космајац. Никогаш помудар, суперинтелигентен, без ниедна кривична пријава. Си живеел човекот во тврдина во Ѕвездарската шума, на ободот на градот, на шумовитото брдо, на само пет километри од Теразија. Вилата е снимена од воздух, а потем туку-така, случајно, е поделена на медиумите. И никој жив не ќе дознаеше кој е Космајац, ако не го прозва премиерот, Александар Вучиќ, убаво замолувајќи ги медиумите, само ако смеат, да напишат нешто за најголемиот нарко-дилер во Србија. За тоа Вучиќ проговори на конференција за новинарите, кога објаснуваше зошто го сменува комплетното раководство на полицијата.

Истата вечер, Космајац збриша за Црна Гора, со словачки пасош и со синот Лазар на местото на совозачот. Космајац се смести во неговата резервна тврдина на бреговите на Монтенегро, во живописната населба Стрп, покрај Рисан, во бокакоторскиот залив.

Ама, црногорските полицајци не се мутави. Тие го следеа Космајац, кој, набргу, им побегна во автомобилот што го возеше младиот Лазар Космајац, синот на одеднаш родениот, српски нарко-бос.

И, секако, збунети читатели, се прашувате што се случуваше натаму?

Се чини дека е тарантиновски откачено, знам, ама е така. Лазар побегна по уличките на Херцег Нови, додека зад него и татко му остана, инаку, наивната разузнавачка машинерија на Мило Ѓукановиќ. И тука настанува црната дупка на логичноста, зашто, одеднаш, младиот Лазар се појавил во полицијата и изразил каење поради возењето со преку 50 на час во населено место. Неговиот татко, мозок со каков што не се соочила балканската полиција, небаре однесен од ураган, исчезнал право во планините на Босна.

Сега се открива дека тој Космајац владеел со земјата, со небото, со полицијата, со правосудството, со наркотиците и со кралицата на сплавовите, пејачката Данијела Враниќ, во кого, како што се исповедува сиротата таа, била затрескана до даска. Ама пејачките  задолжително се вљубуваат во криминалци: Цеца во Аркан, Ана Николиќ во Миша Банана, Данијела Враниќ во Космајац…

Но, големата љубов пукна кога тргна потерата по Космајац, кој опстанувал перејќи пари со градење бројни солитери и ресторани на Ѕвездара. Тој фин, суптилен бос имал дури и детска игротека.

После охрабрувањето од Вучиќ, се разбира дека медиумите пишуваат како Пабло Ескобар толку го обожавал Космајац, што дури од малечок го негувал како омилена, балканска билка.

Како да се подразбира дека Космајац бил човек за врска со латиноамериканските, кратконоги, мустаклести барони и дека, наводно, работел за словачката тајна служба.

Од каде пак, сега, мирните Словаци, кои веруваат дека врвен криминал е кога ќе се налапаш обарени колбаси во ресторан, па ќе се налиеш со пиво и така, флекосан, ќе му побегнеш на келнерот, не плаќајќи ја сметката, се најдоа во ова наше, балканско калиште? Можно е дека токму затоа Словаците се избрани како енклава на странските служби задолжени за Балканот, како некој вид дипломатска, сигурна куќа за овдешните, коцкести глави, каде што можат да свратат за инструкција, за заштита или за инјекција, после која не се оздравува. Не би сакал да помислите дека сум некаков параноик, бог да чува, туку, логиката, како научна, ама и филозофска дисциплина, навистина е безмилосна.

Словачка патна исправа, освен Космајац, има и Дарко Шариќ, како и помалку познатиот, но, не и помалку опасниот Зоран Костиќ, кој уште од 2003 година се наоѓа на списокот на Интерпол. Тој Зоран, лани во Париз, го уапси француската полиција, со основано сомнение дека е водач на спектакуларната тајна група „Пинк Пантер“, екипа од 30 црногорски и српски криминалци, кои извеле 90 пљачки ширум Европа, а нивниот плен, според проценките, вредел 100 милиони евра.

Што правеле овие тројца во Словачка? Да не мислеле дека Братислава има море? Не, море со тиркизна боја има Црна Гора. И, гледај чудо, сите тројца си играат криенка меѓу Србија, Словачка и Црна Гора! Некој од нив ќе скокне и до Хрватска, колку да не се помисли дека се заборавило на југословенското, криминално братство и единство. Та, зарем Милош Симовиќ и Сретко Калиниќ, најопаките платени убијци на земунскиот клан, со години не се башкареа во Загреб, како во родена куќа? И, веројатно таму и ќе умреа од природна смрт, ако не се беа поткачиле, а околу што друго, ако не околу некоја опасна, мераклијка, риба и половина, која се мувала со обајцата…

Кој е, всушност, тој Космајац, полукав и од бордот на Менса? Немам поим. Ама, знам дека потерата по него ќе потрае и дека ќе биде уапсен токму тогаш, кога тоа ќе биде потребно. Ќе има уште избори и тешки, реформски одлуки, а таквите, како Космајац, се идеални за одвлекување на вниманието од лебот, водата и сметките за струја… Ѕвездата на Космајац, всушност, многу кратко блесна, само еден ден. По прозивката од Вучиќ. Сега, умрен и пред да се роди, Космајац стана ѕвезда што паѓа, напуштен од сите. Дури и од Данијела Враниќ, која, можеби, негде во темница, рони солзи по неговите нарко-долари… Можеби е веќе фатен и пикнат во некој таен затвор, каде што ќе пее за својот развој од ништожник до таен водач на српското подземје.

За тоа време, негде во мракот, се регрутира и се обликува нов бос. Се вселува во замок со пушкарници, на ободот на Белград. Му ги даваат бизнисите на Космајац и му се пишува романсирана биографија. Се фотографира со лица, кои што подоцна ќе му бидат лесна цел на уцена…

Се разбира дека ќе му речат како разговорот со него никогаш не бил воден. И, така, уште еден човек, иако мисли дека владее со судбини, веројатно ќе управува само со својот пес. А песот ќе му скока на вратот и ќе го лиже, само доколку врзе колбаси за скара, наместо златен ланец.

Биографијата веќе му е зацртана, како на дланката на стара баба. Неговото измислено име, со словачки пасош, наскоро, шепнешкум, ќе биде пуштено низ чаршијата… 

>> Српската верзија на блогот проследете ја тука. Објавено: 07.07.2014