Млечен пад

Граѓаните во паника, продажбата на млеко преполовена – го добивме државниот непријател број еден: Aфлатоксинот. Психолошка дисторзија и хичкок тензија во општеството. 

Преплашените граѓани во своите најцрни кошмари се гледаат себе си како пијат млеко. Длабоко во ноќта се будат препотени и одат во кујна да се освежат со сокови, за кои легендата говори дека во себе содржеле екстракти од дрвото на вечниот живот и здравје. Мудро и вешто ја избегнуваат заканата. Како да играат шах со неа  – ги избегнуваат фигурите на тетрапакот во маркетите и стратешки се упатуваат кон храната која само што не испукала од здравје. Не се ни вртат да го погледнат. Се плашат од лошата кармичка енергија на млечниот маркетиншки пат. Одат директно накај лебот насушен како елементарен купувачки стандард. Некогаш во него пронаоѓаат стакло и отпушоци, но што е тоа во споредба со млечниот хорор. А, нивната реалност беше мирна пред да се појави хичковкиот хабитус на Афлатоксинот кој ги вознемири мирните животи.

Тоа се животи на луѓе со развиена гастрономска свест, медицинска култура и традиција како да се грижат за своето здравје и естетика. На пример, „редовно“ посетуваат стоматолог и мрчат што поправка на заб чини двапати помалку од одење на фризер. Таму, со својот мистично-токсичен кариес додека чекаат ред термички и здраво да ја обработат фризурата, пронаоѓаат списание во кои десет страни се посветени на млечниот хорор.  Уште повеќе се преплашуваат.  Сега за да го ублажат психолошкиот шок ќе мора да пијат по неколку кафиња дневно и пушат по три кутии цигари. А конзумираа само по две кутии храна од нивниот омилен зеленчук – тутунот. Ќе мора да променат нешто во нивните животи, да престанат да пијат млеко и да водат спортски живот, за почеток – да трчаат до кафана. Редовните одења за доживување кафанска нирвана ќе мора да се дуплираат со анти терапија – скара сочинета од здрави масти, смрдливо – регенерирачки зејтин од плотна и сомнително црвено месо од латиноамериканска провиниенција. На повидок е и ново можно откритие за Нобелова награда за економија и медицина за кое, се разбира, се чека некој  есперт да го објасни: Колективни поплаки на беспарица, а кафеаните колективно преполнети, се жалат на млеко, а заљомзуваат во полномасниот сјај на етиолошката канцерогеност. Покрај тоа дополнително ги вознемирува и хиперпродукцијата на вести и абдоминални спинови од нормалните соседни земји со истиот проблем. Резонираат дека Бугарите мака мачат со сметките за струја, Словенците со корупцијата, само земјите од млечниот пат нормално се фокусираат на реалниот и најголемиот проблем на денешницата – афлатоксинот. Со тој заклучок и во домашни услови на домаќинска ламбада пржат ефтино бразилско месо со масло превезувано во цистерни за нафта. Успеваат во таа гастроносмска вербална катарза да го протнат и народниот дух  и гастронимијата за изградба на здрав национален концепт како тема, а  заради колорит на паранојата го уфрлаат и Талат како парадигма, но како контратежа на афлатоксинот. Сепак, крајната клучна поента е дека големите конспиративни масонски ложи му се намерачиле на видот хомо балканикус до негово конечно истребување како контраудар за коњското балканско месо на европските трпези. Паралелно со млечната паника, присутен е и перманентниот страв од загадениот воздух, иако оние што најмногу се жалат редовно се возакаат со автомобили и за најбанални потреби затоа што сметаат дека возењето велосипед е кинеска работничка навика за лузери.

Во тој чудесен конгломерат на апсурди паниката од млекото совршено се преточи во ликвидниот менталитет на еден кравји рефлекс. И покрај тоа што традиционално се внесува цела значителна концентрација на штетни материи преку храната, воздухот и водата никогаш не се дојде до сознание дека примарно лабилноста на свеста како подлога за медиумска термичка обработка на перцепцијата е многу потоксична. Сепак, во таа токсична констелација на апсурди, најтоксичен е инфериорниот однос на разни гастрономски ликови од институции задолжени за контрола на храна и нивниот циничен потценувачки однос кон потрошувачите, но можеби тоа е „нормален“ след во ненормални околности за борба на профит бидејќи тие што се најповикани за контрола  не пијат токсично млеко – закачени се на државна цицка…


Објавено: 22.02.2013

Останато од авторот: