Набилдани беседници во српскиот храм на правото

Ќе ги привлече ли Правниот факултет во Белград, под водството на новиот декан, професорот Симо Аврамовиќ, регионалните студенти или ќе постане локалпатриотски чивилук за ќерките на угледните правници и адвокати? Секој кој го познава организационото, научното и реторичкото Аврамовиќевско мајсторство, не би требало да се сомнева во академската регионална експанзија

Мојата ДНК одамна ја однесе времето, отпечатоците на прстите одамна се избришани, форензичарите може да земат слободен ден. Чукна часот, се враќам на местото на злосторството. Се вртам околу себе, ама немарно, малку поради тоа што се шинав пред некој ден, малку поради претпазливост, да не бидам премногу воочлив среде масата млад свет кој некаде ита.

Тивко е. Речиси совршен молк ја исполнува старата, долга просторија. Едвај се насетуваат добро познатите шумови, кога се листаат листовите  на дебелите книгишта, а во воздухот остануваат трагите на понекоја длабока воздишка, како во мистичната библиотека на Умберто Еко во романот „Името на розата“, со тоа што овде нема откачени монаси, туку млад, пристоен свет… Ми навираат сеќавања, минатото ме прогонува, костури излегуваат од орманот, небаре баритонот на некој зол, дежурен капетан на ЈНА прогласува тревога. Но, по ѓаволите со тоа, веројатно сум имал  и поголеми искушенија во животот.

Ме следи, сепак, една среќна околност. Жена ми не го разбира баш најдобро македонскиот јазик, како би можела да ги пофаќа сите точки од мозаикот на мојата младост. Сега, кога повторно се враќам, тој детал не е занемарлив. Како ништо да не се променило во читалната на Правниот факултет, каде што, од генерација до генерација, се собираше целата машка, студентска банда од останатите факултети, од Шумарскиот до Градежниот, па доаѓаше во епицентарот на Белград, покрај Ташмајданскиот парк, за да учи, учи и само да учи. Само што таа ленинистичка фраза, можеби, можеше да помине, како алиби, кај нашите родители. Доаѓавме во читалната заради бруцошките и оние, постарите, од третата и четвртата година, се убавица до убавица, од фини белградски куќи, кои се запишуваа на право за да градат, во иднина, кариера како референтки во правните служби на моќните југословенски гиганти, како Генекс или Енергопроект. Одвај понекоја се подготвуваше за приправничка во тогашните енклави на слободниот пазар и зачетокот на сериозниот бизнис. Тоа беа адвокатските канцеларии на тогаш прочуените кривичари, Вељко Губерина и Филота Фила, кои имаа внесено холивудска атмосфера во сивилото на социјалистичко-самоуправните судници.

Уште еден пример на цикличното движење на историјата

Јас, на пример, студирав економија, ама, на ум не ми паѓаше да ги бубам теоријата на цените, маркетингот и банкарството на своето огниште, туку доаѓав на единственото место. Ниедно катче на ниедна научна установа во Белград немаше таков уникатен ореол. Читалната во подрумот претставуваше единствен спој на научно дувло и избор за мис, каде што како диверзанти упаѓаа другарите, собрани од кај-годе. Во читалната се случуваа две работи: се бркаа убавици, што беше примарна активност. Науката беше на второ место. И се случи своевиден апсурд: таквото дијалектичко единство од  мување и бубање создаваше генерации на врвни интелектуалци. Но, бидејќи тоа, сепак, беше домашен терен за правниците, таа читална, всушнст, претставуваше родилиште за највлијателната и најмоќната адвокатска каста на Балканот. Што е променето оттогаш? Ништо. Иста е научно-романтичната аура над факултетот, само што сега децата се помлади. Даваесетиедногодишниот Ѓорѓе како да е клониран од некоја екипа од крајот на осумдесеттите години на минатиот век. Разбира, сосема точно, за што зборувам. Претпоставува дека од џинс ќе влезе во босов костум, ако се посвети на трговското право и ако ги застапува крупниот бизнис, меѓународните корпорации и банките. Ама, ако стане кривичар и ако се зафати со одбрана на овдешните  и регионалните криминалци, ќе даде бог, ќе го сместат во армани, во јагуар со бели, кожени седишта и апартман на Копаоник.

Славниот писател, Данило Киш, имаше право. Еве уште еден пример на цикличното движење на историјата.

И понатаму срцето заигрува во прочуената „петка“, амфитеатарот каде што професорот Лукиќ ги држеше предавањата по Вовед во правото, а сега една од правничките ѕвезди е штотуку инаугурираниот декан, професорот  д-р Симо Аврамовиќ, шеесетидвегодишниот роден Белграѓанин. 

И тој е дете на Правниот факултет: дипломирал во 1973 година, со просечна оценка 9,92. Со таков просек, се разбира, останал на факултетот. Како стручен соработник, кој ги изведувал вежбите од   предметот Општа историја на државата и правото и Римско право, во два мандати бил продекан на факултетот и претседател на факултетскиот Клуб на љубителите на римското право и антиката, Форум Романум – всушност, најпопуларната, паралелна институција на факултетот. Во него секој паметен студент се зашлепувал уште на првата година, а потоа играл, пеел, патувал во Грција и на останатите дестинации каде што се создавало правото, но, секако, дека учењето и на тие туристички сеанси било со второстепено значење и дека студентаријата не баш се палела на Хамурабиевиот законик и неговите скриени слабости пред богот Шамас, што, евентуално, би била тема не само на правничкиот времеплов, туку и на потиснатите фројдовски емоции…

Во Форум Романум се стекнуваше, повеќе од се, животно искуство, со вино, гитари и други активности, што не се за интелектуална обработка, та, овде сам ќе си го одземам зборот, доколку ми ги читате мислите, со што, се разбира, ниту за динар не ја девалвирам студентската чесност, интелигенција и гладот за знаење. Напротив, тие воннаставни активности беа еднакво важни како и академските, па од таа екипа што патуваше по трагата на историјата на правото, се кандидирани многу претставници на сегашната политичка и пратеничка елита на Србија, многу играчи од регионален ранг. Оние, кои затоа време само бубаа, презирајќи го таканаречениот општествен живот, создавањето кланови и лобија или глувеењето по читалните, денес, главно, во судниците потсетуваат на Мистер Бин, кој не може да ја разликува судската стража од судските чистачки.

Победниците во беседништвото, навистина претставуваат потенцијални лидери

Реафирмацијата на Центарот за беседништво – Институтот за  ораторство, чиј директор е, исто така, сеприсутниот Симо Аврамовиќ, е уште еден доказ за создавањето на правничката елита за следната деценија. Ќе ги привлече ли, значи, Правниот факултет, под водство на новиот декан, регионалните студенти или ќе постане локалпатриотски чивилук за ќерките на угледните правници и адвокати?

Секој што го знае организационото, научното и реторичкото Аврамовиќевско мајсторство, особено ова последново, не треба да се сомнева во регионалната експанзија на факултетот, зашто тој професор, всушност, ја спојува историјата со модерната правна наука, потпирајќи се особено на беседништвото како на производ од таа синтеза, што го вткаи во сегашната епоха. Така, натпреварот во дрдорење на Правниот, постана еден вид интелектуална реплика на народничкиот спектакл „Ѕвездите на грандот“, што го води деканот со народнички култ, хармоникашот Саша Поповиќ, со тоа што победниците на турбо – фолкот стануваат ѕвезди на сплавовите, кафеаните и гастарбајтерските дискотеки во светите српски земји – Австрија, Германија, Швајцарија и Франција, што, секако, не е за потценување, но, финалистите и победниците во беседништвото, навистина претставуваат потенцијални лидери, не само во судниците и обвинителствата. На тие мали демостени, на чии завршници доаѓаат и премиери и претседатели на републиката, министри и бизнисмени, им се отвораат големи шанси и во светот на политиката и кај корпорациите, кои чезнеат по дрдорливи, талентирани, префригани луѓе, кадарни да ги мотивираат и придвижуваат масите.

Фитнес центар, достоен на монденските вежбалници во Белград

Научните темели на Правниот факултет се одамна поставени, но не е запоставена ниту општествената надградба. Од пред две години е отворен фитнес центар, достоен на монденските вежбалници во Белград и нималку не е случајно што академската младеж ја дотерува линијата или билда веднаш покрај култниот, ноќен, факултетски клуб Бонафидес. На неколку стотини метри оттаму, се наоѓа ноќниот клуб на Електротехничкиот факултет, Ка – Ес – Те, додека на крајот на Кнез Михајлова улица студентите на Ликовните уметности ја имаа својата ноќна база – клубот Академија. Иако сместени по факултетите, тие три клубови беа и останаа први, слободни ноќни територии на западниот начин на живот во црвениот Белград. Клубот на Правниот факултет, Бонафидес, и понатаму неуморно пулсира во престолничкиот метеж на ноќните клубови.

Ах, таа пуста носталгија! Колку „туборг“ во малечки, речиси аптекарски шишенца е испиен во таа подрумска дискотека, која во мое време имаше смешен лајт – шоу, некаков ефтин лустер со сијалици во боја, истрошени сепареа и најдобри бендови на новиот бран, што меѓусебно се натпреваруваа, за да влезат во тој субверзивен студентски подземен простор. Гостуваа Леб и Сол, Електричен оргазам, Партибрејкерси, Филм, Дарко Рундек и, ако не ме лаже сеќавањето, чинам дека само Бијело Дугме, Рибља чорба и Азра не се симнаа по стрмните скалила за да засвират во клубот на Правниот. Но, уште еднаш повторувам, не ме држете за збор. Можеби, оние пивски шишенца што ги редевме на шанкот, дизајниран како во филмот „Моја драга Клементина“, имаа одложено дејство на мојата интелигенција и меморија.

Токму сега, додека го привршувам овој текст, ме повикува мојот пријател, некогашен адвокат, сега висок државен функционер, дипломец на Правниот факултет. Кога му реков дека ми недостига последната реченица, веднаш постигнавме консензус: читалната, Бонафидес и воннаставните активности, реков.

Ако се прашувате – што овој треска и кај е тука науката, каде е правото, тогаш, ништо не сте сфатиле. Цело време, всушност, пишував само за нив.

 Објавено: 07.11.2012