Натпревар поголем од животот: Секс, ага, Срби и Хрвати

Претстојниот натпревар меѓу Хрватска и Србија на Максимир, многу повеќе ќе влијае врз регионалната стабилност, отколку долгоочекуваната средба на претседателите, Тома Николиќ и Иво Јосиповиќ. Дури, Тома и Иво да облечат бермуди и да навлечат боксерски ракавици, наместо костуми и да влезат во клинч, она што ќе се случува на 22 март ќе се одрази на меѓудржавните и на какви и да помислите други односи меѓу двете најголеми држави на поранешна Југославија, а за да биде забавата поголема, судија ќе биде Турчин, крвникот на Манчестер Јунајтед. На српските играчи им е забранет секс, иако селекторот Михајловиќ токму тие активности наголемо ги врши со целокупната фудбалска нација

Турција, навистина, станува регионален фактор на Балканот, дури и кога е во прашање она најважното – фудбалот. Нема што, оној Платини е прав геополитичар, кога за главен судија на претстојниот, судбински меч во квалификациите за светското првенство во Бразил, меѓу Хрватска и Србија, наместо некој офицер од мировната мисија на ОН, го одреди судијата Чунејт Чакир, кој што, патем, целосно го наруши душевниот мир на Рајан Гигс, легендарниот и стар Велшанец во дресот на Манчестер Јунајтед.

 – Крвникот на Манчестер суди во Загреб – врескаат српските таблоиди, удирајќи по там-тамот воочи претстојниот натпревар на Максимир, кој многу повеќе ќе влијае врз регионалната стабилност, отколку долгоочекуваната средба на претседателите, Тома Николиќ и Иво Јосиповиќ. Дури, Тома и Иво да облечат бермуди и да навлечат боксерски ракавици, наместо костуми и да влезат во клинч, она што ќе се случува на 22 март ќе се одрази на меѓудржавните и на какви и да помислите други односи меѓу двете најголеми држави на поранешна Југославија.

Како ќе ја дели правдата Турчинот, кој, во националната лига, кога ќе се сретнат Галатасарај и Фенербахче, добро знае што значат зборовите лудило, отсуство на секаква смисла, пекол или беља… Со очи, Англичаните, не можат да го гледаат тој изгланцан судија, припишувајќи му секакви недолични прекари, затоа што го сметаат за клучен човек кој, неодамна, покажувајќи му го спорниот, црвен картон на Нани, практично ги исфрли црвените ѓаволи од Лигата на шампионите и му дозволи на Кристијано Роналдо да се перчи по целата, голема, обединета Европа.

Со ореол на англиски непријател број еден, со имиџ на судија кој мафта со картоните како Новобелграѓанец кој во лето лови комарци на Сава, со лик на чуварот на харемот од серијата Сулејман Величествениот, ама, оној,  расипаниот, ага Чакир ќе биде кадија на зелената трева на Максимир, кога на мегдан ќе излезат играчите на двете репрезентации, кои што го олицетворуваат овој наш прекрасен, благороден и откачен Балкан.

Но, империјалистите од УЕФА се преголеми интриганти и матикаши, премачкани со сите масти и, просто, не можат да одолеат, а да не се поигруваат и понатаму со малите – со нас, Србите и Хрватите. Затоа, колку да го подбуцнат огнот, како тој да не е веќе распламтен, одлучија српскиот судија, Милорад Маџиќ, да суди на квалификациониот натпревар – ајде, погодете на кој? Се разбира, Србинот Маџиќ ќе дели правда на Турците во мечот против Унгарците, само четири дена после големиот, загрепски двобој.

Па, сега, брате наш, Чакире, синко црни,  внимавај како ќе свириш со свирчето! Чудно ми е, меѓутоа, како Хрватите не ја забележаа оваа коинциденција, па не повикаа некој вреваџија, како Ќиро Блажевиќ, да коментира, натерувајќи го да испали неколку рафали по Платини, УЕФА, светските моќници, заверата против Хрватска или создавањето на новиот полигон за идната Југосфера, која, ете, ќе се породи на загрепската трева.

Засега, Ќиро се занимава само со секс. Се подразбира дека таа работа со смешни движења се споменува секогаш кога топката ќе ја дофатат поранешните, сегашни и идни сијамски браќа,со иста крв и ист, луд мозок, зашто нашиот премудар селектор, Синиша Михајловиќ, им забрани на играчите да играат офанзивно против нивните жени, девојки, љубовници или спонзоруши, четири дена пред мечот. Како ќе ја преживеат српските играчи сексуалната апстиненција пред одењето во бој? Ќе издржи ли катанецот пред офанзивата на нивните верни љуби? Ќе истурат ли, кутрите тие, одмерени и голушкави, кофа вода по нив? Ќиро, подзинат од чудо, јавно го праша Синиша – знае ли српскиот селектор какво е, воопшто, влијанието на „фаќањето“ врз фудбалот, ама тренерот на Србите е тврда глава, па не попушта, не им дозволува креветски акции на своите избраници.         

Можеби Синиша е во право: доволно ќе има и петинг и див секс во деведесетте минути врз тревата на Максимир –плус времето за пауза.

Белград не очекува премногу од тој меч

Хрватска е голем фаворит, меланхоично признаваат Србите, затоа што Хрватите имаат моќен и разигран тим, додека нашиот селектор, Синиша Михајловиќ, фројдовски опседнат со сексуалната апстиненција и понатаму експериментира со изборот на играчите, па фудбалската јавност и понатаму попусто трага по гугловите и јахуите по потеклото, местото на раѓање и тимовите во кои играат репрезентативците на Србија.

 – Уште само Турчин ни недостигаше во Загреб, за да биде забавата совршена – ми вели еден пријател, кој што извонредно се разбира  во политичката и фудбалската стратегија, додека екипата од стари другари околу него навистина сјајно се забавува, сметајќи дека патот во Загреб е залудна мисија, па, наместо кон некакви очекувања, се врти кон забавата. Кој ќе недостига на Максимир освен ага Чакир, за да биде малку полудо, отколку во Харемот на Сулејман Величествениот, по кого воздивнуваат овдешните домаќинки, а ништо помалку и нивните мустаклести мачо – мажи?

Кој и да биде на Максимир, макар и Босанец, како делегат, Албанец, како резервен судија, Словенец, како мировен посредник, Црногорец, како комесар за безбедност, а Македонец како Македонец – како обичен набљудувач – Белград не очекува премногу од тој меч, помирен со извесноста на загубата и со последната шанса да отпатуваме во Бразил.

Што се случува, навистина, во главата  на легендарниот Синиша Михајловиќ, Ричард трети на српскиот фудбал? Медиумите веќе го селат од клупата на пропаднат селектор во фотелјата на тренер на милански Интер, ама, тој тоа одлучно го одбива и продолжува по свое, одбивајќи да го повика во репрезентацијата сјаниот врзувач на Фиорентина, Адем Љајиќ, кој игра во животна форма, кинејќи ги мрежите и делејќи долги топки по Италија, како национална пошта, та, Италијаните веќе го споредува со големиот Антоњони.

Ама, џабе ти е, малечок мој Љајиќ, што играш како крал, кога Синиша запнал секој играч да мора да ја пее „Боже, правда“. И, никако на плеј бек. А малиот Адем е Бошњак, па веројатно има одредена скепса кон стихот на химната „…српски земји, српски род…“. Што е, всушност, поважно, голем Михајловиќу? Малиот Адем, кој се моли на Алах, да ја пее српската национална химна или да се обиде да го пробие последниот ред на Хрватите и да им забие барем еден гол, а другиот да го намести? Што е порационално? Малиот Адем да молчи додека Синиша пее, или, по натпреварот, цела Србија да пее, заедно со Адем – а Синиша, конечно, да замолчи?

Адем нема никакви проблеми со Србија, ниту таа со тоа убаво момче. Играше во белградски Партизан, гробарите го сакаа како свое дете, Синиша му стана втор татко во Фиорентина, каде што го дочека како тренер. Ама, Адем не сака да пее, Синиша не сака да ја слуша таа тишина, па, веќе извесно време се обидувам да сфатам, иако не баш успешно, како тоа големиот и ненадминат Синиша одлучи да има секс со сите Срби и со останатите етнички заедници, додека, истовремено, истото тоа им го забранува на своите играчи. Накратко, селекторот си продолжува со блудните дејства спрема фудбалскиот национален тим, нудејќи му враќање во екипата на повозрасниот Дејан Деки Станковиќ, големиот играч на Ѕвезда, Лацио и Интер, а кого уште на стартот го отфрли од тимот, прогласувајќи го за олдтајмер. А, кога е тешко, Деки! Тоа ли е изборниот слоган на тренерот, воочи пресудниот натпревар во Загреб?

 Фудбал е тоа, чиста апстракција, микс од филозофија, трчање и тепачки

Ама, кој ли ќе знае, фудбал е тоа, чиста апстракција, микс од филозофија, трчање и тепачки, не е егзактен како физиката. Пред 14 години, на 9 октомври навечер, Хрватска и Србија, на Максимир, го играа одлучувачкиот меч за квалификациите за првенството на Европа. Господе, какви играчи беа тоа: за Хрватите играа Шукер, Бокшиќ, Јарни, Шимиќ, а за Србија и Црна Гора, кои тогаш беа две очи во глава, па таа земја се нарекуваше СР Југославија, играа Дејо Савичевиќ, Пеѓа Мијатовиќ, Пикси, Саво Милошевиќ. И, се разбира, Дејан Станковиќ. И, се подразбира, најдобриот играч таа вечер – Синиша Михајловиќ.

Хрватска и Југославивија 1999 година на Максимир

Сеуште не беа  изладени пушките во таа, 1999, раните беа свежи на двете страни. Србија, односно, СРЈ, извлече нерешен резултат 2:2. Но, тоа ќе беше напразно, ако истата вечер браќата Македонци не одиграа со Ирска во Скопје 1:1. Легендата вели дека Македонците можеа да изгубат таа ноќ, затоа што за нив и така се беше одамна изгубено, ама, одиграа чесно, машки и храбро против силните Ирци, со гол што за Македонија го заби  момчето кое тогаш играше за хрватски клуб.

Ја помни ли Синиша таа вечер? Ја пееше ли химната „Хеј, Словени“, старата, југословенската, за братството и единството, за срцата на сите наши синови, за заканите и бездната на пеколот, за огнот на громовите, што, кога – тогаш, ќе ги изгори предавниците? Дали таа ноќ на Максимир, „Убава наша“ и „Хеј, Словени“, проследени со страшни свирежи, го покажаа сиот полифониски апсурд на нашите заеднички години, во заедничката земја? Таа ноќ, на максимирската трева, се случи дотогаш незабележан инцидент, што длабоко ги симболизираше односите на двете соседни земји. Имено, тогашниот десен бек на Јувентус и на Југославија, Батица Мирковиќ, лежеше на земја, додека бекот на Хрватска, Роберт Јарни, му пријде и од високо, внесувајќи му се в лице, му го спомнуваше најтесниот дел на фамилијата, редејќи, по женска линија, од сестра до тетка.                            

Батица,  инаку, е мангуп, шмеќер, спонзорушите на Белград откачуваат по него, па се очекуваше дека ќе стане, ќе му се внесе в лице на Јарни, евентуално дека ќе го турне, што ќе беше доволно да добие жолт картон. Но, ноќта во која играат Срби и Хрвати, главно, не е обична. Тогаш на небото сјае крвава месечина и завиваат волци, па, веројатно дека магичната атмосфера влијаеше и на Батица, кој баш и не се покажа како фраер, туку, лежејќи на земјата, го изведе најглупавиот потег во кариерата: го зграби Јарни…. ајде да не објаснувам за кој орган – сепак, ова е сериозен портал.

Јарни заурла, а судијата на Батица му покажа црвен картон. Хрватите можеа да ликуваат, зашто Србите и овојпат ги фатија за онаа работа, додека ние останавме со играч помалку во целото второ полувреме, против репрезентацијата која тогаш беше трета во светот, вадејќи се на белосветската завера, со образложение дека Батица му го измери малиот на Јарни во самоодбрана, бранејќи ги голиот живот и прадедовската чест пред напалениот Сплиќанец. Но, додека Белград и Загреб гледаа на балканскиот свет со закрвавени очи, играчите меѓу себе, всушност, си беа големи пријатели. Кога во Белград, на првиот квалификациски натпревар, беше тоа, ми се чини, 1998 година, снема струја, српските играчи, во мракот, ги прегрнаа хрватските, како не би им се случило нешто непредвидено во мракот на Маракана, како не би ги заскокнал некој делија или гробар, со два промили крв во пет литри  вињак. Дури и Батица и Јарни останаа добри ортаци, иако, сосема е извесно дека Батица ги миеше рацете долго после натпреварот.

Ќе биде тоа многу повеќе отколку еден натпревар

Многу нешта се променија оттогаш. Ќиро Блажевиќ тврди дека сега тензиите се многу поголеми, зашто на стариот, искусен мудрец, типичниот балкански гениј, кому животна мантра му е „час срцето свое би го дал, час со волк би се клал“ му се чини дека мирот предолго трае, дека зближувајќи се повторно, всушност, станавме по малку нервозни. И желни за бељи, глупости и скршени глави. Во право ли е прастариот мудрец и стариот расипник на ненадминатата југо – лига, истовремено Босанчерос, голем Хрват и старо Југословениште, се во едно тело на брилијантен циркузант? Го морат ли старецот само црни претчувства или го измачува инстинктот на гатач, кој сеуште жали што не ја тренираше Ѕвезда, а, за право, многумина на Маракана просолзуваат кога ќе чујат дека уште не е доцна Ќиро, со бел шал околу вратот, да ја окупира Маракана?

Мислам дека Ќиро греши. Синиша Михајловиќ и  Игор Штимац, двајца прастари непријатели и селектори, го испија, ритуално, кафето на помирувањето. Давор Шукер апелира да не се исвиркува српската химна, што е убаво, ама нереално, зашто тишината на Максимир, додека Синиша пее, би била еднаква на рандевуто на доберман и чивава. Атмосферата се вжештува, допрва се чекаат политичките изјави на лидерите на Србија и Хрватска, насетувам и некакво соопштение од Брисел за иднината на регионот, за соживотот, љубовта, за убавината на спортот и заедништвото и останатите фрази од серијата бајки за нас и за нив.

Ќе биде тоа многу повеќе отколку еден натпревар. Ќе биде тоа живот. Ќе бидеме тоа ние и тие, вакви какви што сме.

>> Српската верзија на блогот проследете ја тука. Објавено: 19.03.2013