НБА Перо: Ѕвездиниот „делија“, момче Македонче

Иако изгледа како дигач на тегови кој што побегнал од мамичка, Перо е, всушност, страшно брз. Истовремено има и сензибилно раче, небаре завршил, скраја да е, курс за плетачки. Со таков неверојатен спој на мускули и бицепси од еден Карл Мелоун, со лице што опоменува никако да не влегувате сам со него во лифт, а камо ли во рекет и со шут на нежен бек од времето на старата школа на југословенската кошарка, создаден е неверојатен играч. Навивачите на Ѕвезда сеуште ги помнат тие мигови, кога истетовираниот горостас ќе се искачеше на трибините, ќе влеташе меѓу „Делиите“, а потоа ќе ја кренеше раката со три прсти. Чистиот, непрскан Македонец, умееше да ги поздравува навивачите со класичниот српски поздрав и затоа постоеше забуната за неговото потекло, зашто тој навистина има српско презиме, ама врела, македонска крв, па, белградските ортаци се шегуваа со него дека е вистинска генетска гатанка и национален раритет, кој, освен место во Кошаркарската куќа на славните, заслужува и свечена ложа во Националниот музеј на Македонија. Зашто, Перо, всушност е – првиот Македонец со српско потекло.

„Делиите“, опаките навивачи на Ѕвезда и денес пуштаат солза кога ќе се сетат на Перо Антиќ. Тоа е искрена, машка, хулиганска солза… Им спомнав на некои другари, се разбира Ѕвездаши, дека ќе пишувам за Перо на македонски портал, а тие ме опколија, ме погледаа, ме прегрнаа. Ах, тој пусти Перо, тоа човечиште, тој „Делија“, тоа момче Македонче. Кај ни е сега, кога се подготвува лута битка против Партизан?

Навивачите на Ѕвезда сеуште ги помнат тие мигови, кога истетовираниот горостас ќе се искачеше на трибините, ќе влеташе меѓу „Делиите“, а потоа ќе ја кренеше раката со три прсти. Чистиот, непрскан Македонец, умееше да ги поздравува навивачите со класичниот српски поздрав и затоа постоеше забуната за неговото потекло, зашто тој навистина има српско презиме, ама врела, македонска крв, па, белградските ортаци се шегуваа со него дека е вистинска генетска гатанка и национален раритет, кој, освен место во Кошаркарската куќа на славните, заслужува и свечена ложа во Националниот музеј на Македонија, или како веќе се нарекува. Зашто Перо, всушност, е првиот Македонец со српско потекло.

Таков, истетовиран како авто-карта, со лице на моторџија кој што дошол да испокрши се во некој крај, да ја запали полициската станица и потоа да ја одведе најубавата девојка в шума, да ги гледаат ѕвездите, Перо предизвикуваше големо почитување и меѓу најголемите играчи на Ѕвезда. Кога го истетовира на раката грбот на „Делиите“, а под сликата што ја закачи на својот Твитер профил напиша: „Големо почитување за Делиите од Северот“, неговиот некогашен соиграч во Олимпијакос, воедно и бивш кошаркар на Ѕвезда, Марко Кешељ, напиша: „Србендо мој“.

Ама, Перо знае како е на Балканот, па, многу порано го истетовира на градите македонскиот грб, зашто, ќе ги пребројува ли човекот крвните зрнца и ќе се докажува ли на овие-овде и на оние-онаму – тој џин, кој секаде каде што ќе тргне на зачукување, восхитува со својата снага.

Како таков е и доведен во Ѕвезда, како џин со мека рака, како заборавен вид на тепарош на позицијата четири, на местото на крилен центар, кој умее да се извлече од рекетот и да го погоди кошот од полудистанца или да уфрли тројка. Со тоа ја шири противничката одбрана, особено ако се игра зонски пресинг. Доколку го удвојат, Перо бргу му го додава пасот на бекот шутирач кој е слободен и само треба да поентира. Ако, пак, не го удвојат, Перо игра „еден на еден“, го турка со својата снага противничкиот центар во одбрана, како што борна кола потиснува демонстранти, а потоа или дава кош или изнудува лична грешка и добива слободни фрлања. Перо, иако изгледа како дигач на тегови кој побегнал од мајка си, а потоа завршил во установа за превоспитување на деликвенти, тој, всушност, е страшно мирен човек и неверојатно брз играч на теренот, во однос на своите димензии, изразени во сантиметри и килограми. Истовремено има и сензибилно раче, небаре завршил, скраја да е, курс за плетачки. Со таков неверојатен спој на мускули и бицепси од еден Карл Мелоун, со лице што опоменува никако да не влегувате сам со него во лифт, а камо ли во рекет и со шут на нежен бек од времето на старата школа на југословенската кошарка, создаден е неверојатен играч. Во Ѕвезда, на Мал Калемегдан, дојде за да биде еден од клучните шрафови за враќање на црвено-белите на патеката на старата слава. Таков каков што е, стана столб и на репрезентацијата на Македонија: вечните аутсајдери од југот, кои, патем, изгледаат како да се собрани од пред селска кооперација, ги претвори во чудовишта од Охридското езеро, кои една ноќ излегоа на брегот и сега ги плашат европските фаворити. Таков каков што е, доведен е и во грчкиот Олимпијакос: да освои две последователни титули на Евролигата и да стане творец на најголемиот пресврт во завршниците на европската кошарка, кога Олимпијакос губеше од моќниот ЦСКА со 19 разлика, дванаесет минути пред крај, за во лудиот финиш, кога Перо гризеше и кршеше наоколу, уште еднаш да го забоде знамето на победничкиот Олимп. И така, конечно стана и еден вид кошаркарски мамут, кому му е судено на крајот да заврши во музеите што ги наброив: Перо Антиќ стана прв Македонец во НБА лигата, по потпишувањето на договорот со екипата на Атланта Хоукс. Кошаркарски аналитичар, кој пушта солза кога го споменувам Перо, има теорија дека сите тие силни, големи клубови, репрезентацијата на Македонија, а сега и Американците, го земаат Перо како добар дух, како џин од балканската ламба на некој тукашен Аладин, задолжен за исполнување на сите желби. НБА Перо, всушност, ја интегрира екипата, ја претвора расфрланата енергија на играчите во тимско погонско гориво и создава експлозивна смеса, способна да ја разори и најдобра одбрана.

Најдобар доказ за ова е репрезентацијата на Македонија. Само да појаснам: петорката Мекејлеб, Илиевски, Војдан Стојановски, Антиќ и Гечевски, според имињата, не би смеела да ја уплаши ниту репрезентацијата на Фарските Острови, ако тие рибари, воопшто, имаат обрачи, топка, терен и екипа.

Така мислеа во Литванија. Така не ќе мислат во Словенија. Значи, петорката од Македонија може да го добие кого сака, само кога е на куп, кога ги носи македонските дресови. Нивна допинг супстанца е Перо Антиќ, македонскиот Обелиск, кој што место волшебна напивка, лока боза.

Затоа го зедоа Америте. Ним не им треба Сноуден и сиот сателитски, шпионски надзор за да ја откријат македонската кошаркарска тајна, светитот грал на екипата собрана од коноп и жица, која за поминувањето во полуфиналето на Евробаскетот, за исфрлањето на Литванија и ставањето на маки на Шпанците и Русите, од својата влада доби – осум илјади евра по играч! За тие осум илјадарки, Перо можеше да влезе во продажниот салон на романска Дачија и да си купи „логан“, но, без клима, серво волан и кревачи на прозорци.

Зошто, впрочем, НБА менаџерите го зедоа Перо Антиќ, органскиот Македонец, кој е на возраст кога, евентуално, би можел да биде исфрлувач во дом за стари, во некое предградие на Атланта. Затоа што скромниот Перо им е потребен за многу посложени операции во рекетот и излегувањето од него, како би ја ширел одбраната, би се извлекувал со шут за три бода или би изнудувал фаули во напад. Не попусто американските медиуми го нарекоа „македонскиот Карлос Бузер“, по углед на крилниот центар на Чикаго Булс, кој е познат по реченицата:

– Во плеј-офот на НБА се игра грдо, ама, важно е да се победи!

Оригиналниот Карлос, патем, не води грижа за уметничкиот дојам и секако не му е грижа за кубертеновите начела, за тоа како е важно да се учествува. Карлос, веројатно, за Кубертен мисли дека тоа е вид француско сирење, ама, сеедно. Тој не е задолжен за интелектуалните дебати за филозофијата на светскиот спорт, туку е воспитуван така, за никогаш да не тренира уметничко лизгање, туку во црнечото гето е залеван како идна билка месојадец во рекетот. Неверојатно е сличен со Перо или, пак, Перо е плукнат Карлос, залеван да израсне во македонскиот Конан варварин, кој играл баскет по скопските, школски дворови, во екипи „тројца на тројца“, каде што не важат правилата и каде што фаул се дава само ако на противникот со лакот му избиеш умник, па, глупаво е ако не го погалиш по главчето и не му се извиниш – како брат на брат. Затоа сите југословенски кошаркари се толку слични меѓусебно. Затоа цело време за Кукоч и Раѓа Србите си мислеа дека се Срби, затоа Хрватите веруваат дека покојниот Дражен Петровиќ, Петар Поповиќ или Аријан Комазец се Хрвати. Затоа Србите навистина искрено се убедени дека Перо Антиќ е Србин. И тука нема ниту ронка етнички предрасуди ниту, пак, злоба, ниту она, Периното „иќ“ создава забуна.

Не, причината се крие во нешто сосема друго. Сите овие играчи растеа како кошаркари во работничките предградија на југословенските градови, каде што се играше баскет еднаков, според силата, на оној во црнечките гета. Тие стануваа тарантиновски, улични кучиња, самоуки гении, кои требаше само да бидат одведени во клубови, да бидат нахранети и да им бидат дадени дресови и патики.

Во една прилика, во свечениот салон на неговата вила што се наоѓа на пошумено брегче, од чиј двор, со градина и олимписки базен, Белград ноќе наликува на Њујорк, за ова, пиејќи бело вино, ми прикажуваше легендарниот кошаркарски тренер и актуелен селектор на Србија, Дуда Ивковиќ. Дуда беше селектор на последниот југословенски дрим-тим, во чија петорка играа Дражен, Сале Ѓорѓевиќ, Тони Кукоч, Жарко Паспаљ и Владе Дивац, па, веројатно, таа голема Југославија затоа е и растурена, зашто богатиот свет си мислел – Боже, кога имаат ваква петорка во баскет, што ли се друго имаат, што ли кријат од нас? Внимавајте, Дуда е сериозен човек, пресериозен дури, но, таа вечер, пред две години, ми кажа дека верувал во тоа дека тој југословенски тим би ја добил американската екипа на соништата, што ја предводеа Меџик Џонсон, Лери Бирд и Чарлс Баркли! Го рече тоа мирно, како да завршува читање бајка на детенце, за потоа да ја затвори книгата на сеќавањата, одбивајќи да изговори и еден збор понатаму.

Тој Дуда Ивковиќ го повика Перо Антиќ во Олимпијакос, заедно со неговиот побратим Кешељ, од Ѕвезда, затоа што во Перо го виде она што го видоа и Американците. Играч со необично големо срце и добрина, способен просечна екипа да одведе на победнички трон. И Дуда и Перо веќе во првата заедничка година ја освоија Евролигата. Затоа Перо толку го цени Дуда и во него го гледа својот кошаркарски татко. И, ете ти парадокс, тука имаше најмалку разговор за кошарката. Тие двајца расправаа за тимската игра, како метафора на заедништвото, за старата Југа, за метафизичките врски меѓу Белград и Скопје, за Ѕвезда и Работнички, за старите спомени… Кога зборува за кошарката, Дуда распредува за глобализацијата и ја бистри високата политика, та во Перо си има пронајдено вистински соговорник. Таа година, Олимпијакос беше пред затворање и имаше мал буџет, со што, всушност, тимот кој ја освои Евролигата потсетуваше на репрезентацијата на Македонија: товар на сите, а никому потребни.

Да, ова е тајната на горостасот, кој, место во пензија, отиде во НБА. После Олимпијакос, веруваше дека не ќе биде пожелен за ниеден од посериозните клубови, освен, евентуално, за некоја периферна европска екипа, желна да има во тимот ислужен, но, славен и не прескап третоповикан.

Перо е, сепак, од оние играчи кои заслужуваат мелодрамска завршница на кариерата. И, тоа ќе го добие. Се обложувам дека ќе биде изненадување за сите што мислат дека ќе заврши во старечки дом за ислужени играчи.

Да се разбереме – Перо Антиќ, на глобалниот пазар на американскиот спорт, ќе биде задолжен за уште најмалку неколку работи: освен мекиот шут и тепачките во рекетот, со својот лик и тетоважите, ќе ги заплашува малите деца во рекламните паузи. Дечињата тогаш ќе се расплакуваат и ќе бараат од мајките и татковците уште пуканки и кока-коли. Родителите не ќе одолеваат на детские солзи, профитот ќе расте, а Перо Антиќ, страшниот џин од бајката за македонскиот баскет, ќе се смее од големиот екран.

>> Српската верзија на блогот проследете ја тука.

Објавено: 05.08.2013

 Фото ©: Наке Батев