Новогодишна приказна за Дедо Мраз и Детето адвокат

Дедо Мраз: Еве ти подарок пакетче, драго дете.

Дететото: Ти си Дедо Мраз?

Дедо Мраз: Да.

Детето:  Јас па мислев дека Дедо Мраз е некој дедо како мраз смрзнат затоа што не му била доволна пензијата да плати сметка за греење и му се оневозможени сите права да тужи.

Дедо Мраз: Не, јас давам пакетчиња. Ме има на реклами насекаде. Еве ти и тебе пакетче, повели…

Детето:  Аааа, не можам да го земам подарокот вака, треба да потпишеме Договор за подарок, во согласност со Законот за облигациони односи, па да се оданочи договорот, има процедура тука, не е така тоа…

Дедо Мраз: Добро, ако не сакаш да го добиеш подарокот на овој начин, тогаш ќе го заобиколиме тој твој закон. Ќе ти го спуштам подарокот преку оџакот дома и утрото кога ќе станеш – ќе имаш подарок, не си знаел едноставно…

Детето: А како тоа мислиш да влегуваш на туѓ имот, да се качуваш по покрив, да ја нарушуваш сопственоста, свесен ли колку прописи прекршуваш со тоа? Да не зборам што грубо ќе го прекршиш и Законот за прекршоците против јавниот ред и мир, не тежиш толку колку што евра ќе треба да опнеш за казна!

Дедо Мраз: Добро, не влегувам во имотот, ќе ги впрегнам елените и со јаже ќе го спуштам подарокот низ оџак.

Детето: Јадни животни. Свесен ли си дека ги прекршуваш прописите за хуман третман на животните?

Дедо Мраз: Аман бре дете, земи го пакетчево еве ти и плус играчка, морам да забележам во евиденцијава дека ти како добро дете си добил пакетче…

Детето: Плус играчка??? И ме корумпираш сега. И Кривичен закон прекршуваш и антикорупциски прописи, нема да ме зачуди ако ми кажеш дека не ти е ни пријавен имотот во Антикорупциска…

Дедо Мраз: Тогаш џамлии еве ти, ситно е тоа…

Детето: Џамлии!?!?! Па, ти знаеш ли дека џамлиите се строго забранети во оваа држава. Не знам само како си поминал граница, или и на Царина се расфрлаше со подароци, а!?

Дедо Мраз: Ок, не ти давам подарок, ќе забележам дека не си добил пакетче затоа што не си бил задоволен од понуденото, според моите прописи е така, може и според тој твој закон , како го рече дека се вика…

Детето: Па треба да си ги регулираш прописите во согласност со домашното законодавство. Твоите прописи немаат јус когенс сила, ниту се прашање на конвенција, сам си ги носиш и сам треба да си ги усогласиш со законодавствата затоа што ти се во колизија. Колку што знам легислативата на бирократијата од Брисел немаат територијална важност во Лапонија, па да речат дека нарушуваме ЕУ стандарди.

Дедо Мраз: Добро, добро, еве ќе пишам дека си лошо дете и готово. И кај вас според обичајното право лоши деца не добиваат пакетчиња.

Детето: Сега и лошо дете наведуваш дека сум? Какво обичајно право, тоа не е правен извор тука. Ако има магла, не значи дека сме Англија! Башка ќе ме наклеветиш. Ќе морам да те тужам за клевета. Еј, секое дете има право на пакетче се додека не се докаже спротивното во судска постапка!

Дедо Мраз: Судска постапка? Па ти веруваш повеќе во правна држава и владеење во правото отколку во пакетчиња и Дедо Мраз ! И затоа нема да има пакетче за тебе, туку еве ќе ти подарам екстра правна и праведна држава со пакет закони, па спори колку сакаш…

Детето: Аха. Ветуваш праведна држава како да си политичар! Само тие „подаруваат“ правна и праведна држава. Знаеш ли зошто?

  • Затоа што на светот повеќе пакетчиња добиваат богатите од сиромашните деца.
  • Обожаваш да се фотографираш кога даваш пакетчиња.
  • Не склучуваш договори, за да нема доказ.
  • Не распишуваш тендери за набавка на подароците, сам одлучуваш во четири очи за избор.
  • Повеќе, ако не и секогаш, одиш во земјите што го креираа ММФ.
  • Уживаш во капитализмот.
  • Збориш за празнични магии како некој надрилекар, надриписар и исцелител.
  • Се однесуваш и баш како ММФ, само се шеташ наоколу со траншите пакетчиња низ земјиве и склучуваш аранжмани.
  • Не правиш зависни од тебе во комерцијално-политичка и социолошко-правна смисла!!!

И заради тоа, од тие причини, против тебе ќе поднесам кривична пријава за лажно претставување и измама!

Полесно ми е да верувам во правната држава отколку во ветувањата на Дедо Мраз, идеолошкиот гуру на современите политички ветувања!

Се надевам дека и судиите ги одбиле подароците, како мене…

 Објавено: 31.12.2013