Про-живот

Расправата за семејните вредности и апотеозата на семејниот морал најдобро се перцепираат кога истовремено чекаш со месеци да го запишеш детето во градинка. Ништо не ја одразува општествената грижливост за идните генерации од целата таа чекачка драматургија на бирократскиот момент. Потребно е да аплицираш месеци и години однапред ко да аплицираш за влез во ЕУ, за да добиеш виза за и да отпочнеш преговори за спектакуларниот влез во градинката. Но преговорите завршуваат вокабуларно скромно со зборовите – нема место.

Таа синтагма – нема место, е основна асоцијација за она што се нарекува про-живот. Имено, расправата дали животот започнувал или не во ембрионот својот пубертет на метафизиката и медицината ќе го отвори преку својот широк „теоретски“ спектар на про-живот моменти, како што сe: капацитетите на градинките со целата бирократска епопеја која завршува во еден хаику стих – нема место. „Нема место“ синтагмата е толку про-живот колку што Парадоксот на Диоген е про-живот во потрагата да пронајде човек во киндер јајце. Колку звучат  апсурдно и диспропорционално сите теоретизации за сите можни верски аспекти, правни дешифрирања на законските пораки, конвенционални и неоковнеционални терминологии и компрации со човекови права, антифеминистичките ставови набиени во кодекс кој едноставно нормативно-идеолошки нишани кон репродуктивната класификација на жената кога истите ќе се соочат со практичниот момент на животот кој не ја бара филозофијата, етиката и маратонското објаснување на суштината туку бара конкретен и едноставен чекор – упис во градинка со сета нивна овоземска мисија на земјата. Имено, ако ја испуштиш таа „про-живот“ интенција да оставиш месеци и години позади себе чекајќи го фамозниот влез во градинка тогаш по инерција мора да навлезеш во традиционалната македонска практика на снаодливоста како про-лајф начин на живот кој гласи – немаш ли некој човек таму, треба ли врски да се фаќаат??? И тогаш започнува играта на про-живот механизмот, што по сила не нештата е абортус на правичноста и (не)нормалниотзаконски третман – бараш врски да го запишеш детето, а веројатно тоа е прифатен модус вивенди, како па поинаку?Најпрво се обраќаш по роднини иако знаеш дека бараш врски на погрешно место, но се обидуваш да дадеш интимно-роднинска и побезболна конотација на проблемот и доаѓаш до заклучок дека некоја твоја тетка работела во градинка, а сега е во пензија. Ја бараш за да се јави  во градинката за да го запишат детето. Таа се јавува, но никој не ја есапи затоа што е пензионер. Ти го кажува тоа и те посочува кон внука не некоја нејзина познаничка која работела во градинка да ти го среди уписот. Ја бараш – ти ветува дека ќе ти среди, но после десет дена избегнување телефонски разговори конечно ти кажува дека не може ништо затоа што и таа едвај се вработила преку врски и уште не ја сметале за „градинарски авторитет”. Но, не те остава така, па грижливо ти кажува дека  постои решение – се знаела со љубовницата на градоначалниот, а преку неа иделе сите општинско-образовни бизниси, зделки и едукативно-деловни методологии бидејќи и самата била директорка во некое училиште, кадешто ја вработил градоначалникот за да и таа биде „функционер и реализирана жена“. Сепак, залудно. И покрај ветувањето ни љубовницата на градоначалникот не интервенира затоа што стига абер дека сакала со нешто да се подмачка во вид на една минијатурна коруптивна почит. Во разочарувачкиот абер пакет добиваш гратис совет дека имало некој од обезбедувањето на градоначалникот кој имал влијание кај него, а неговиот татко бил рибар и најдобар пријател со твојот комшија, исто така рибар. Типот од обезбедувањето не бил пристапен и комуникативен откако се нашалтал на општинска работа и отворил паралелно агенција за обезбедување која ги обезбедувала сите објекти во општината, меѓутоа имал фантастично влијание кај општинскиот главешина бидејќи бил предводник на преторијанската елитна гарда. Но, не успеваш ни таму. Таква преторијанско-административна величина не се бавела со про-лајф ситници како детски градинки: општината тера висока урбана политика – како висок урбанизам и градежништво, приватни згради со деловни простори, најмалку на градење про живот детски градинки со капацитет за СИТЕ деца во општината. Но, упорноста во делењето совети продолжува – да се обратиш кај газдата на најмоќната локална пекара кој ги услужувал сите прехрамбени капацитети во школите и градинките, а важел како главен финасиер за кампањата на градоначалникот. Тогаш сфаќаш дека ти нудат преку леб погача и про-лајф се повлекуваш и остануваш да чекаш со месеци за упис сосе абортираниот оптимизам дека неподносливата бирократија и изместена логика нема да ги изеде своите и твоите поколенија. Можеби затоа вели Петре М. Андреевски дека да е животот толку убав нема да започнува со плачење. Посебно за некои услови кога причините за плачење најмалку се метафизички, туку реални и мултиплицирани за домашни услови кога апсурдот е роден, а разумот абортиран…


Објавено: 10.06.2013