Сите тајни на преговорите меѓу Белград и Приштина: Девет рунди пекол со баронесата Кетрин

Расипаните бриселски бирократи направија се за да ја исцрпат српската делегација, па место во фотелји, ги сместија во некакви дрвени столици, за што побргу да попуштат, да се вкочанат, да речат, ај, да го признаеме Косово и да си прилегнеме, како луѓе. Но, Вучиќ извика – храбро, машки, српски се борев. По враќањето во Белград, Дачиќ и Вучиќ се соочија со страшни, телефонски закани со смрт.  На мобилните телефони на двајцата клучни играчи во земјата пристигнаа стотици стравотни пораки. Вучиќ доби дури 850!

Штом легендата на американската атлетика, големиот спринтер и суперстар, Карл Луис, дојде во неделата да го отвори Белградскиот маратон, прегрнувајќи се со српскиот премиер, Ивица Дачиќ, а ден – два пред тоа, по белиот град се шеткаше холивудската супер фаца, Кевин Костнер, беше јасно дека Американците се хепи, бидејќи српската влада ја парафираше спогодбата со Приштина. Мудро прореков еднаш, дека на Ивица, доколку му се приближи на Тачи, набргу ќе му биде понудено да го менува Том Круз во опасните сцени, како агентот Итан Хант, во новото продолжение на „Невозможна мисија“, а не е исклучено премиерот да биде српска верзија на Мајкл Даглас и во римејкот на „Ниски страсти“.

Германскиот шеф на дипломатијата, Гвидо Вестервеле, од друга страна, му честита на првиот потпретседател на владата на Србија, Александар Вучиќ, за храброста и мудроста што ги покажа во Брисел, на српско – косовската, кој ли знае која по ред, рунда  преговори, со која претседаваше баронесата Кетрин Ештон. Србинот Аца Вучиќ, лидерот на водечката Српска напредна партија, министер на одбраната и координаторот на сите тајни служби, германската агенција, во својот коментар, го прогласи за супермен, така што не ќе сум изненаден Србија наскоро да биде посетена од Михаел Шумахер и Франц Бекенбауер. Шумахер би можел да стане личен возач на Вучиќ, а Бекенбауер, евентуално, тренер на Црвена Ѕвезда.

 – Албанската чизма нема да постои на северот на Косово. Ние победивме – изјави Вучиќ по враќањето во земјата. Дека чизмите на Тачиевите момци нема да газат по северот, Ивица и Аца се договорија со НАТО. Но, двајцата, по враќањето во Белград, се соочија со страшни, телефонски закани со смрт. Имено, на мобилните телефони на двајцата клучни играчи во земјата пристигнаа стотици стравотни пораки. Вучиќ доби дури 850! На отворањето на маратонот, еден десничар му пријде на Ивица и го обвини за предавство, ама, премачканиот Ивица го претвори тоа во лична промоција, расприкажувајќи се со лутиот десничар, при што и забрани на полицијата да го истепа младичот и уште му рече дека му е мило што се изнаприкажале за Србија, за животот, за Косово и за предавството.

Пристигаат пари од Америте, од Емиратите, од Русите, се ќе цвета, ветува владата и подвлекува дека никаде, аман, аман, никаде не пишува дека владата го признала Косово.

Пред петнаесет дена, навистина изгледаше дека се е загубено за Србија. Што и да се случи на преговорите меѓу Белград и Приштина, српската делегација исто ќе помине, па, макар да се врати од Брисел со џебови полни со дијаманти или со осиромашен ураниум, коментираа белградските песимисти.

Темен вилает, тоа е судбината на Србија, нема место за некаков мудар избор, затоа што фасциклата со грбот на независно Косово се наоѓаше пред сите членови на делегацијата и „наши“ и „нивни“. Кога се гледа дека баронот Хашим престојува одвај петнаесетина минути во бриселската канцеларија со баронесата Кетрин Ештон и оттаму излегува весел, небаре пак добил на рулет во казино и небаре ги обиколил негови тајни трезори во швајцарска банка и кога се гледа дека српската делегација останува  дваипол часа затворена со баронесата Ештон, а потоа се гледа како Дачиќ и Вучиќ излегуваат испотени, како да се тепале во „пентагон“ со ѕверови од ултимат фајт, станува јасно кој ја води играта. Брисел, Берлин, Американците и Приштина удрија по српските немоќници – премиерот Ивица Дачиќ и вицепремиерот, Александар Вучиќ.

Колку рунди пекол ги дели Белград и Приштина до преговорите и дали, по деветтиот круг, ќе ја гледаме „Божествената комедија“? Драматично, како пред Дејтон и Рамбује, се расправаше во Белград.

Потоа, кон крајот на минатиот викенд, делегациите на Белград и Приштина повторно тргнаа кон Брисел. Делегациите ги сместија во мали канцеларии, за да се направат преговарачите ситни, немоќни, призна Вучиќ. А тој  добро ги чувствува димензиите  на затворениот простор – висок е преку метаридеведесет. Во еден момент, приштинската делегација ги соблече сакоата, по што истото го стори и Вучиќ. Ивица глумеше добар полицаец, па Албанците помислија дека се ќе завршат со премиерот, додека Аца изведе психолошки трик и, како во кафеана, во костум, легна на подот, после 14 часа од преговарачката, косовска битка. И, дремна како човек.

Расипаните бриселски бирократи направија се за да ја исцрпат српската делегација, па место во фотелји, ги сместија во некакви дрвени столици, за што побргу да попуштат, да се вкочанат, да речат, ај, да го признаеме Косово и да си прилегнеме, како луѓе. Но, Вучиќ извика – се борев храбро, машки, српски.

Откако ја парафираше спогодбата, српската влада ја одобри во понеделникот, но, освен десничарските партии, против спогодбата со Приштина настапи и Српската православна црква.

Гледам дека и Тачи, исто така, е прогласен за предавник од тамошните екстремисти, кои што веќе ја беа прогласиле победата на Србија, согледувајќи ја спогодбата за северот на Косово како `ртулец за нова Република Српска, а Косово како Босна – поделено и неодржливо. Тачи, тогаш, се разбаботи: Србија, де јуре, го призна Косово. Се чини дека претседателот на Србија, Томислав Николиќ, ја изговори правата вистина: со оглед на тоа дека и двете страни се незадоволни, спогодбата и не е толку лоша. Туку, ајде да видиме што се наоѓа на масата, што е тоа што Западот го смета историско и поради што на Ивица и на Аца Америте не само што ќе им ја испратат Бијонсе, која, пак случајно, баш пред некој ден, ја започна овогодишната, светска турнеа во Белградската Арена, туку, доколку продолжат вака, ќе го замолат Кристијан Роналдо да премине во Партизан.

Србите, имено, ќе имаат не само четири команданти на полицијата, туку и регионален командант за сите четири српски општини, кои се омеѓени како посебен, српски регион на север. Значи, заедницата на српските општини ги избира кандидатите за регионалниот командант – тројца на број – а потоа едниот од нив го избира косовскиот министер за внатрешни работи.

Составот на косовската полиција на север ќе го рефлектира етничкиот состав во четирите општини, што би значело дека 98 полицајци ќе бидат Срби, а двајца ќе бидат Албанци.

Исто така, од точката 14. Србите успеаа да го исфрлат парафот дека Србија нема да го попречува Косово во неговата интеграција во меѓународните институции, односно, во членството во ОН.

И, тука Аца Вучиќ е во право. Србија го извлече максимумот, што Европската комисија знаеше да го цени: на состанокот на шефовите на европската дипломатија во Луксембург е препорачано започнување на преговорите за членство на Србија во ЕУ. Датата, тој магичен, флуиден збор е тука, пред вратата на Србија.

Сите, всушност, посакуваа брз договор  –  Белград, заради добивање дата за започнување на преговорите за членство, Приштина, заради потпишување на Договорот за стабилизација и придружување. Баронесата Ештон ги охрабруваше во тоа, свесна дека и нејзината политичка иднина е врзана за судбината на договорот. И, сите, кажано со жаргонот на белградските мангупи, се во ќар.

Сето тоа Американците го следат од страна, за да издиктираат уште некои услови, ако притреба.

Во Белград нема особена возбуда. Народот не се возбуди посебно по повод Денот „Д“, ако воопшто се потресе и покрај фактот дека медиумите со баражен оган распалуваат по Косово. За тоа има и објаснување: поради повеќегодишниот премор дека нешто битно ќе се промени во тажното секојдневие.

Србите од север, сепак, се закануваат со референдум, но, Дачиќ и Вучиќ ги убедуваат да бидат кооперативни. Николиќ, Дачиќ и Вучиќ навистина талкаат по Дантеовите кругови на пеколот. Зашто, тоа е судбината на Србија, како што вели добрата, стара народна: „кај и да кинисаш, тебе ти се враќам, Косово“.

Ќе го одбегнат ли српските лидери проклетството на српската политика што гласи: кој ќе го зграпчи Косово, на крајот на баладата станува Слоба?

Зашто „дијалогот“ помеѓу Белград и Приштина е само еуфемизам за преговорите на Србија со западните сили, САД и ЕУ. Дали, додека преговорите траат, е поцелисходно да им се исплази јазик или да се остане воздржан и прагматичен? Освен јазикот, Слоба им го имаше покажано и средниот прст. Видовме како помина. Ивица и Аца тоа најдобро го знаат, беа негови чираци. И, очевидно, не планираат да завршат како него.

Во очи на клучната рунда, Косовската влада одобри продажба на 75% од акциите на Телеком Косово 

Зашто, животот и понатаму тече, како опасна, дива река, со сите вирови, подводни карпи, опасности и искушенија. Додека Белград и Приштина вреват за досегот на спогодбата, додека во Србија пак се делат на патриоти и предавници, на Косово се случува оној вид парадокс, што е својствен за расцепканите држави и нивните покраини. Додека сиромашните се замајуваат со деталите од точките на преговорите, во очи на клучната рунда, Косовската влада одобри продажба на 75% од акциите на Телеком Косово на германско – американски конзорциум, за 277 милиони евра.

Е, така ви е тоа, браќа Албанци. Конзорциумот е прилично таинствена екипа, ама, едно е извесно – странци се. Порано, на Косовскиот Телеком имаше фрлено око компанијата на Мадлен Олбрајт, поранешната државна секретарка на САД, која ја претставуваше главната Клинтонова политичка тупаница во поттикнувањето на бомбардирањето на Југославија. Командантот на НАТО – силите, генералот Весли Кларк, намеруваше да почне производство на маслени шкрилци, нов, златен бизнис на американската нафтена индустрија токму на Косово, што пред 13 години го обогати со осиромашен ураниум.

Не сум злорад, затоа што Телеком Косово, за право, е имот на Србија и, со добар адвокат, би бил тоа многу интересен случај пред Судот во Стразбур. Не е злорад ниту поранешниот директор на Трепча, Србин од златното доба на СФРЈ, кој вели, после известувањето дека Германците ги преземаат рудниците на Трепча, дека распадот на Југославија, всушност, следеше заради препуштањето на најголемите наслаги на јаглен во Европа, српскиот Кувајт, на странците. Склон сум, некако, да верувам дека човекот е во право. Ама, веројатно, како секој југоносталгичар, не сум премногу компетентен да судам за тоа.

Сепак, искрено, повеќе ќе сакав Албанците да останеа сопственици на Трепча и Телеком. Какви – такви, сепак, сме наши. Заедничката судбина, замислете каков парадокс, иако мислиме дека за навек сме се одвоиле едни од други,  ни е совршено идентична. Албанците, како робови, ќе работат кај новите газди за 200 евра месечно, токму како нивните роднини од оваа страна на Ибар и подалеку, се до Дунав. Исто како и браќата од југот, се до Вардар и Охрид.

Големите империи ќе ги уверуваат како е тоа токму она што го сонувале низ целокупната историја, па, за сите нас, заедно, ја предвидувам иднината на некогаш славната авиокомпанија ЈАТ, што во седумдесеттите години купуваше златни боинзи 737, како да се бонбони.

Тогаш чистачките и работниците летаа во тие боинзи, набљудувајќи низ прозорците како се наѕира тиркизното Јадранско море.

И сега летаат тие боинзи, како проколнати небесни тврдини, над нашето небо. Како сакате наречете го тоа небо, омеѓето го во српско, албанско или македонско, тоа е сосема сеедно: денес, обичниот, пристоен свет и нивните деца, не знаат како изгледаат аеродромите, ниту го почувствувале мирисот на солта, ниту лежеле  на шарени, смешни душеци по плажите од Улцињ до Опатија, што ги тегнеа нашите татковци, додека мајките ги тегнеа цегерите со сендвичи за плажа… И паметењето на тоа доба кога тоа беше нормално ќе избледи, тие сеќавања ќе се прогласат за еретички и конзервативни, ќе звучат, некако, антиевропски…

Ама, постои тука една дребулија што не може рационално да се  објасни, па, затоа претставува паранормална појава. Тој ЈАТ, за кој што зборував и тие златни боинзи, престорени во руини и денес летаат, како проклети авиони, со само една цел: без било каква сметка, без било каков план и економски резон, тие го чуваат сеќавањето на времето кога бевме нормални.

Ако се прашувате каква врска имат боинзите со преговорите помеѓу Белград и Приштина, во право сте: немаат никаква. Но, сигурен сум дека тие авиони и тие сеќавања, макар во најоддалечените делови на потсвеста, им се појавуваа во флешбекови и на Аца и на Ивица и на Хашим, додека бриселската бароница им ги тегнеше ушите.

>> Српската верзија на блогот проследете ја тука. Објавено: 25.04.2013